Секој 8 Март, барем за еден ден технолошката индустрија изгледа малку поинаку. Социјалните мрежи се преполни со фотографии од панели за „Women in Tech“, компаниите објавуваат колку се горди на своите инженерки, а стартап заедницата споделува приказни за инспиративни жени основачи и инвеститор. Гледано до страна, тој ден изгледа како технологијата конечно да станува една поинклузивна индустрија.
Технологијата, иако се претставува како една од најпрогресивните индустрии, сè уште има значителен родов јаз. Поради тоа, наместо само симболичен празничен поздрав, овој 8 Март одлучивме да го одбележиме со признание на конкретни резултати. Креиравме листа од 10 жени кои предводат со експертиза во своите области: од data science, ВИ и развој на продукти, до едукација и претприемништво.
Програмерки, претприемачки, менторки и иноваторки, овие дами секој ден докажуваат дека технологијата нема граници, ниту рoдови. Без разлика дали градат стартапи, водат тимови или едуцираат нови генерации, нивниот фокус е унапредување и обликување на индустријата.
При изборот, покрај нашето истражување во кое дефиниравме потенцијални кандидати, се консултиравме и со Women in Tech Macedonia и од нив дополнително побаравме и добивме листа на номинации. Финалниот изборот на оваа листа е направен исклучиво од страна на редакцијата на IT.mk и резултатите се презентирани без некој посебен редослед.
Бојана Трајковска
Ко-основач & CEO @ vitech
Бојана Трајковска е претприемач и технички лидер со повеќе од десетгодишно искуство во ИТ секторот. Како соосновач и CEO на vitech, таа успешно раководи со тим од 14 професионалци, фокусирајќи се на деловната стратегија, профитабилноста и воспоставувањето на стратешки партнерства на пазарите во САД и Швајцарија.
Нејзината кариера започнува во развојот на софтвер, со фокус на технологии како Laravel, Angular и Symfony, работејќи на комплексни решенија за е-трговија, здравство и образование во компании како DARVAGE и Digital Orange. Денес, покрај лидерската позиција во vitech, таа ја извршува и функцијата VP of Product Development во DepartmentWare Inc., каде ги комбинира инженерското искуство со Agile методологиите за оптимизација на работните процеси.
Франка Граждани
COO @ 223
Франка Граждани е дел од македонската tech сцена со фокус на оперативен менаџмент и развој на Web3 решенија. Како актуелен Chief Operations Officer (COO) во 223, таа раководи со проекти кои ја интегрираат NFC технологијата во физички производи за создавање дигитални искуства.
Франка е ко-основач на ETH Macedonia, непрофитна организација посветена на едукација и вмрежување во блокчејн заедницата. Нејзиното претходно искуство вклучува стратешки позиции во Space Runners и TokenSight, како и истражувачка дејност во областа на роботиката и паметните материјали на Машинскиот факултет во Скопје и во рамките на проектот Hyperloop Manchester.
Олгица Стрезоска
Ко-основач и претседател @ ProdACT
Олгица Стрезоска е стратег за дигитални продукти со над 15-годишно искуство и водечка фигура во македонската ИТ заедница. Како Principal Product Owner во Damilah и претседател на организацијата ProdACT, таа е посветена на градење заедница од професионалци кои го унапредуваат продуктот како дисциплина.
Низ нејзината кариера, вклучувајќи ги позициите CPO во Sales.Rocks и Product Owner во Allocate Software, Олгица успешно менаџира комплексни портфолија и меѓународни развојни тимови. Покрај корпоративната работа, таа е истакнат говорник на европски конференции (Roadmaps, UXplore, SpHERe.IT) и долгогодишен ментор во Brainster, каде ги едуцира новите генерации на продуктни и проектни менаџери.
Јована Кртолица
AI Ambassador @ Allianz Technology
Јована Кртолица е софтверски инженер и технолошки лидер со богато меѓународно искуство, моментално ангажирана во Allianz Technology во Виена. Како AI Ambassador и Technical Team Lead, таа се фокусира на развој на решенија базирани на генеративна вештачка интелигенција (Gen AI) и раководи со тимови за развој на софтвер во глобалниот сектор за осигурување.
Нејзината експертиза е во Full-Stack развојот (Java, Spring Boot, React) и скалабилните архитектури, искуство кое го градела во институции како AIT Austrian Institute of Technology. Покрај инженерската работа, Јована е активен чинител во WOMEN IN TECH ® Macedonia, каде како директор за партнерства работи на поддршка и поголема видливост на жените во технолошката индустрија.
Ивана Кипријановска
Data Scientist @ emteq labs
Ивана Кипријановска е Data Scientist со богато истражувачко искуство, моментално дел од тимот на emteq labs. Нејзината кариера е изградена преку работа на комплексни алгоритамски решенија, со посебен фокус на интелигентни системи и аналитика на податоци.
Своето меѓународно искуство го надградувала како истражувач на престижниот институт „Јожеф Стефан“ во Љубљана, а претходно и во истражувачкиот центар INNOFEIT во Скопје. Со цврста основа во компјутерските архитектури и програмирањето, Ивана успешно ги имплементира научните методи во развојот на современи софтверски продукти базирани на податоци.
Александра Ѓиновска
Head of Technology @ ITLabs
Александра Ѓиновска е технолошки лидер со над десетгодишно искуство, моментално на позицијата Head of Technology. Таа го предводи R&D одделот со фокус на Generative AI решенија, вклучувајќи развој на AI агенти и RAG архитектури, истовремено поставувајќи ги стратешките цели за долгорочен технолошки раст.
Низ својата кариера како Principal Software Architect и технички лидер, Александра има изградено длабока експертиза во микросервисни и облак-архитектури (AWS). Покрај корпоративниот ангажман, таа е активно вклучена во заедницата како член на одборот на Macedonian .NET User Group и како програмски директор во Growth Labs Academy, каде го споделува своето знаење како ментор за нови генерации инженери.
Ина Марковиќ
Основач и архитект @ DINNA AI
Ина Марковиќ е маркетинг стратег со преку десетгодишно меѓународно искуство, чија кариера се движи од водење комплексни USAID проекти до развој на напредни AI решенија. Како основач и CEO на DINNA AI, таа денес го предводи развојот на интелигентна платформа која ја трансформира улогата на CMO преку вештачка интелигенција, нудејќи автоматизирана стратегија и егзекуција на содржини за бизниси.
Нејзиниот професионален пат вклучува клучни позиции како Senior Product Marketing Expert во Lift Relations, каде постигнува забележителни резултати во SEO оптимизацијата и Go-To-Market стратегиите. Ина има работено на пазарите во САД, Шпанија и регионот, градејќи експертиза во сектори како финтек, дигитална комуникација и технички рекрутмент. Посебно се издвојува нејзиниот ангажман за USAID, каде успешно менаџираше регионални конференции и стратегии за подигнување на свеста за алтернативни финансии.
Со длабоко познавање на психологијата на купувачите и податочната аналитика, Марковиќ денес е фокусирана на спојот помеѓу маркетингот и технологијата, помагајќи им на компаниите да го зголемат своето дигитално влијание преку прецизни и скалабилни AI агенти.
Катерина Минговска
COO @ FitKit
Катерина Минговска е COO во FitKit, каде раководи со стратешките операции и регионалното ширење на платформата на пет балкански пазари. Како лидер фокусиран на Wellness-Tech секторот, таа успешно ги поврзува сегментите на продукт, технологија и финансии, воспоставувајќи ги клучните KPI рамки и оперативни процеси за скалирање на бизнисот.
Со претходно искуство како BI консултант и проектен менаџер во компании како Boksy и ReThing, Катерина поседува силна аналитичка основа за носење одлуки базирани на податоци. Нејзиното меѓународно портфолио вклучува и долгогодишен менаџерски ангажман во LEORON Institute во ОАЕ, каде управувала со големи портфолија и меѓународни бизнис единици за едукација и корпоративна трансформација.
Сања Митровска
Основач и CEO @ Networker
Сања Митровска е претприемач и бизнис стратег со фокус на старт-ап екосистемот и професионалната едукација. Моментално ја извршува функцијата Executive Producer на The Founder Games, а истовремено е основач и CEO на Networker, платформа посветена на бизнис вмрежување и консултантски услуги.
Со долгогодишно искуство во финансискиот сектор и како поранешен едукатор во NOVA International Schools и Економскиот факултет во Скопје, Сања успешно ги комбинира академските познавања со практичниот бизнис менаџмент. Како основач на FINSA Academy, таа останува посветена на развојот на нови бизнис лидери и унапредување на претприемачката култура во Македонија и пошироко.
Благица Ефтимова
Global MRM Lead @ Swiss EP
Благица Ефтимова е експерт за мониторинг и развој на старт-ап екосистеми, со фокус на дата-аналитика и стратешко планирање. Како Global MRM Lead во Swiss EP, таа ги координира процесите за мерење на резултатите во седум држави на три континенти, помагајќи им на глобалните лидери да го визуелизираат системското влијание врз претприемништвото.
Со богато искуство во организации како Startup Macedonia и Seavus Accelerator, Благица успешно ги комбинира вештините за менаџирање проекти со активно менторство на млади претприемачи. Преку својот долгогодишен ангажман во невладиниот сектор и меѓународните програми како CEE, таа продолжува да биде главен катализатор за поврзување, едукација и раст на иновативната заедница кај нас и во светот.

















