Tom Clancy’s The Division 2 Battle for Brooklyn излегува 5 години по Warlords of New York

По шест години постоење, акционата RPG игра Tom Clancy’s The Division 2 доби значајно проширување насловено како Battle for Brooklyn. Оваа дополнителна содржина одново ве враќа во Бруклин, култната локација каде што започнаа авантурите во првиот дел од овој популарен серијал. Лансирана цели пет години по првата експанзија – Warlords of New York – новото проширување успешно внесува целосно нова динамика и предизвици во веќе воспоставениот универзум на играта.

Експанзијата е достапна за PC, PlayStation 4, PlayStation 5, Xbox One и Xbox Series X|S платформите.

Есенска опасност во Бруклин

Приказната во Battle for Brooklyn се одвива неколку месеци по случувањата во Warlords of New York. Бруклин е сега под директна закана. Озлогласените чистачи (единиците кои имаат посебен фетиш кон огнот) извршиле целосна инвазија на Бруклин, користејќи ново, смртоносно оружје  поврзано со исфрлање виолетов пламен. Овој пламен не само што предизвикува стандардни изгореници, туку има и корозивен ефект кој постепено го нагризува оклопот на агентите, правејќи ги сѐ поранливи во текот на борбата. Поради тоа, имате за задача да се спротивставите на оваа нова опасност, да ја откриете природата на виолетовиот пламен и да го запрате неговото производство. Истовремено, се бара од вас и да се најдете ефикасни механизми за справување и со фракцијата рајкерс, кои дополнително го зголемуваат хаосот во областа. Комбинација од сите овие нови елементи резултира со освежителна забава која доаѓа како ладен пијалак после исклучително топол ден.

Воведувањето на виолетовиот пламен носи значајни тактички импликации. За разлика од стандардните огнени напади, овој пламен предизвикува континуирана деградација на оклопот. Оваа механика ги принудува играчите да ги адаптираат своите стратегии: наместо долготрајни битки од засолниште, потребно е поагресивно дејствување и побрзо елиминирање на чистачите, или пак користење на вештини и опрема кои ги намалуваат негативните ефекти и корозијата. Механиките додаваат нов слој на комплексност и динамика во борбите, спречувајќи монотонија и поттикнувајќи поголема флексибилност.

Експанзијата воведува две нови зони за истражување: Бруклин Хајтс и Дамбо. Иако одредени делови можеби ќе им бидат познати на ветераните кои доаѓаат од првата The Division игра, голем дел од овие населби се целосно нови. Развојниот тим внимателно го има пресоздадено Бруклин, вклучувајќи автентични знаменитости како Менхетенскиот мост, но и додавајќи нови наративни елементи. Бруклин Хајтс е претставена како резиденцијална област со карактеристични ниски згради и богата вегетација, додека Дамбо е поранешна индустриска зона со магацини, што придонесува за визуелна разноликост.

Значајна визуелна и наративна промена во Battle for Brooklyn е преминот од суровата зима, карактеристична за претходните изданија на The Division, во значително поблага есенска атмосфера. За прв пат во серијалот, играчите го истражуваат пост-пандемискиот Њујорк облеан во есенски бои и покриен со паднати лисја. Оваа промена не е само козметичка; според креаторите, таа е намерна и служи не само за визуелна свежина, туку и за да го симболизира поминот на времето, создавајќи поинаква атмосфера.

Иако дејството е сместено по настаните од Warlords of New York, приказната е намерно дизајнирана да биде релативно независна од главната наративна линија. Ова значи дека играчите не мора да бидат запознаени со најновите сезонски случувања, што ја прави експанзијата пристапна како за искусните агенти, така и за новите или повратните играчи.

Нови содржини и гејмплеј механики

Battle for Brooklyn не е премногу голема експанзија и бара од 5 до 10 часа игра за комплетирање на главната приказна. Но, новите места се полни со дополнителен потенцијал за истражување на отворениот свет. Кампањата вклучува три главни мисии, кои се одвиваат на различни, уникатни локации за да овозможат побогато искуство. Дополнително, воведени се четири светски мисии кои ги заменуваат претходните споредни мисии; тие се достапни директно од отворениот свет и можат да се преигруваат, што е значајно за собирање на подобра опрема и долгорочна ангажираност. И покрај тоа што мапата е приближно половина од големината на онаа во Warlords of New York, се работи за преубаво дизајнирани и осмислени места. Ова е карактеристичен пример за тоа дека помалку може да биде и повеќе. Секој метар во играта е осмислен со големо внимание, создавајќи преубав свет за истражување.

DLC-то носи и значајни подобрувања на Quality of Life. Сопствениците на ова проширување добиваат зголемување на просторот за складирање за 50 места, што е добредојдена промена за играчите кои постојано се борат со ограничениот инвентар. Покрај тоа, воведени се подобрувања на економскиот систем, вклучувајќи ги системите за рекалибрација, оптимизација и експертиза, како и нови сезонски настани кои влијаат на статистиките на опремата и оружјето. Огромниот забавен фактор не доаѓа само од главната кампања. Имено, Бруклин нуди богат отворен свет со 4 контролни точки, 12 активности во отворен свет, 10 bounty targets и 8 Hunters кои водат до ексклузивни маски. Контролните точки во Бруклин сега имаат интересни предизвици кои се менуваат во зависност од фракцијата што ги контролира и нивното ниво на тревога, додавајќи динамика на повторливото играње. Содржината вклучува и можност за директен пристап до кампањата на DLC-то.

Tom Clancy’s The Division 2: Битката за Бруклин претставува значаен додаток на играта, кој успешно ја освежува со нова содржина и тактички предизвици. Иако е помало проширување во споредба со Warlords of New York, неговата вредност лежи во висококвалитетниот дизајн на мисиите, иновативните механики како виолетовиот пламен и враќањето на омиленото паметно прикривање.

Фактот дека The Division 2 е во својата седма година на активна поддршка и продолжува да добива значајни, квалитетни проширувања, покажува дека моделот е успешен и одржлив, како и дека компанијата е посветена на негово одржување, барем додека не се појави The Division 3. Оваа посветеност на бесплатни ажурирања покрај платените DLC-а е клучен фактор за задржување на играчите и градење лојална заедница, што ја позиционира франшизата за долгорочен успех.

Доколку барате свежо, возбудливо искуство во The Division 2, Battle for Brooklyn е силна препорака. Ова проширување нуди доволно новитети и предизвици за да ја оправда својата цена и да го освежи целокупното играчко искуство, докажувајќи дека The Division 2 сè уште има многу што да понуди на своите фанови.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Ubisoft
  • ИздаваUbisoft
  • Жанр: TPS RPG
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 27 мај 2025

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments