Наградата Алан Туринг е најголемо признание кое може да се освои за придонес во информатиката. Оваа година добитник на наградата е „таткото“ на интернетот, Тим Бернерс-Ли.
Г. Бернерс-Ли не само што е креатор на Интернет, туку е автор и на првиот веб-прелистувач, протоколи и алгоритми кои воопшто овозможуват скалирањето на мрежата. Тој е креатор и на првиот веб-сајт info.cern.ch кој оживеа на 6 август 1991.
„Сер Тим ја препозна потребата од едноставност за пошироко прифаќање (пред сѐ во научната заедница каде и служеше). Неговото симплифицирање на протоколот го направи дизајнот едноставен за имплементација; користењето на скрипти кои беа читливи за луѓето направи системот да биде разбирлив и лесен за дебагирање.“
Во изјава за Guardian остро ја критикува последната промена во законот во САД, со која се овозможува провајдерите да ги продаваат податоците на корисниците.
„Овој закон е ужасен, кога го користиме интернетот сме ранливи“, вели г. Бернерс-Ли. Тој е загрижен и од можните промени во законот за интернет неутралност.
„Идејата беше дека интернетот треба да биде универзален и не треба да има граници. Треба да чувствувате дека може да ставите било што: може да ставите пишани белешки, може да поставите прекрасно уметничко дело на него. Може да ги поврзете заедно. За луѓето кои ќе дојдат подоцна, да ја видат врската помеѓу пораката и уметничкото дело. Може да се поврзете со сè, може да ставите било што на интернет. Тоа беше движечката сила зад дизајнот и мотивација за да се приклучат други луѓе“, вели г.Бернерс-Ли во интервјуто за Guardian.
Официјално предавање на наградата ќе биде на 24 јуни.







