Shaheen II – Cray XC40 е првиот претставник на арапските суперкомпјутери кој се најде 10-те најмоќни компјутери на Top 500 листата, предводена од кинескиот Tianhe-2. Shaheen II е сместен во Универзитетот за Наука и Технологија Крал Абдула, чини 80 милиони долари и е со моќ од 5,536 петафлопи, што е 25 пати повеќе од претходникот. Но, се уште е далеку зад најмоќните.
Нема промени во врвот на најмоќните суперкомпјутери, кинескиот Тianhe-2 сè уште ја предводи листата. Tianhe-2 од пред две и пол години постојано е на првото место, а листата се ревидира на секои шест месеци. Иако суперкомпјутерот се наоѓа во Кина, во него покрај кинеска технологија најголем дел од хардверот доаѓа од САД. Tianhe-2 доаѓа со 16.000 Intel Xeon Ivy Bridge процесори и токму тоа е најголем предизвик за продолжување на доминацијата. Неодамна Министерството за одбрана на САД побара од Intel и останатите технолошки компании да престанат со извоз на процесори во Кина. Споменатите процесори за кои се бара забрана беа наменети токму за надградба на суперкомпјутерите во Кина.
На второ и на трето место се компјутери од САД, Titan од Oak Ridge National Laboratory во Тенеси и Sequoia од Lawrence Livermore National Lab во Калифорнија. На листата од Топ-500 супер компјутери најголем дел доаѓаат од САД, речиси половината или 233, второто место е за Европа која има 141 суперкомпјутер, Јапонија 39, а Кина има 37 суперкомпјутери, значителен пад во однос на минатото мерење кога имаа 61.
Најголем дел од суперкомпјутерите се произведени од Hewlett-Packard – 178, зад нив се IBM со 111, а Cray е на трето место со 71. BlueGene /Q на IBM е најпопуларен во првите 10, јави Recode. Што се однесува до производителите на чипови убедливо води Intel so 432 суперкомпјутери пред IBM со 38 и AMD со 22. Графичките процесори на Nvidia забрзуваат 52 системи, а AMD Radeon само четири.
Листата најверојатно ќе остане соовие лидери следните неколку години, иако од САД најавија надградба на Titan. За 2017 е најавен суперкомпјутерот за Министерството на енергетика на САД, кој ќе има перформанси од 300 петафлопи, за споредба сите 500 суперкомпјутери заедно имаат пресметковна моќ од 363 петафлопи.







