СтудентаријаМК – главниот извор на информации на студентите во Македонија

Дигиталната еволуција го промени начинот на кој луѓето се информираат и комуницираат. Главниот извор на информации најпрвин беа весниците, потоа телевизијата, последниве десетина години интернет порталите, а сега оваа улога веќе им припаѓа на социјалните мрежи.

Социјалните мрежи станаа неразделен дел од секојдневниот живот на сите нас, а во последниве години сведоци сме на појавувањето на сѐ поголем број на така наречени инфлуенсери, односно профили на социјалните мрежи кои што имаат многу следачи, а со тоа и некакво влијание на истите. Без разлика дали тоа нѝ се допаѓа или дали е правилно, факт е дека овие поединци имаат повеќе следачи на своите социјални профили од профилите на надлежните органи во тој домен.

Повеќе следачи значат и поголемо влијание, а во оваа насока поразговаравме со Гоше Николов, новинарот кој што стои зад Instagram профилот Студентарија, главниот извор на информации и најголемата заедница на студентите во Македонија.

Гоше Николов

Што е Студентарија и од кога го почнавте профилот? Кој стои зад овој профил? 

Студентарија е Инстаграм страница која ја претставува најголемата студентска заедница во државата. Станува збор за своевидна платформа што во моментов обединува речиси 40.000 студенти, кои токму тука може да ги најдат најбрзите и секогаш точни информации за сè што им е потребно поврзано со студентскиот живот. 

Без разлика дали станува збор за упис на факултет, аплицирање за стипендии, субвенциониран оброк, некоја друга мерка или пак важен настан – вестите и информациите ги објавуваме инстантно и ги ставаме на располагање со сите детали. 

Студентарија е препознатлива и по забавните содржини во форма на слики и видеа со кои може да се поистоветува секој студент. Тука секако се и мемињата, кои се многу значаен, неразделив елемент од нашата страница. Преку нив, на хумористичен начин успеваме да ги претставиме маките кои ги споделуваат сите студенти, а секако ги користиме и за да го свртиме вниманието на некоја поважна тема. 

Преку информативните и забавните содржини, како и преку разните иницијативи, успеваме секојдневно да ги изложуваме најголемите предизвици со кои се соочуваат македонските студенти, но и да понудиме решенија за надминување на истите. 

Зад објавите на Студентарија како уредник и креатор стојам јас, Гоше Николов, иако би сакал да истакнам дека во креирањето на содржините, главната улога ја имаат сите студенти кои секојдневно нè снабдуваат со фотографии, видеа, информации и, најважно, идеи. Токму студентите преку нивната интеракција ни покажуваат што сакаат, што им е важно и на тој начин ја утврдуваат насоката по која (ќе) се движи платформата. Заедно со секој еден студент ја градиме приказната наречена Студентарија! 

Минатиот месец прославивме шест години постоење во македонскиот дигитален и општествен простор. Со задоволство можам да кажам дека од првото меме објавено во 2017 година (создадено во Paint) прераснавме во она што сме денес – прв и релевантен извор за информирање и забава за студентите. 

Што ќе кажете за читачките навики на студентите денеска? Дали е точно дека Gen Z се информира преку IG Story наместо клик на линкови? 

Непобитно е тоа дека читачките навики на младите, особено оние кои припаѓаат на „Генерација Зет“, се променија значително со порастот на платформите за социјални медиуми како Инстаграм. Младите преферираат да се движат низ визуелно привлечни содржини, наместо да читаат долги текстови. „Сторињата“ на Инстаграм, со нивната краткотрајна и визуелно привлечна природа, се наметнаа како популарен медиум за брзо консумирање информации.  

Во време кога сме преплавени со најразлични информации од сите страни, денешните млади претпочитаат кратка и лесно сварлива содржина. Тоа значи дека не сакаат долги и досадни новинарски извештаи кои често вклучуваат непотребни детали, туку се насочени кон „исџвакани“ вести што го содржат најнеопходното. Функцијата „Стори“ на Инстаграм го овозможува токму тоа – практична е и лесно достапна, корисниците може да поминуваат брзо низ содржините, без потреба од навигација низ надворешни линкови или „pop-up“ реклами, што одлично се вклопува во брзиот начин на живот. Младите немаат време за чекање – сакаат информации веднаш! 

На еден креатор на Инстаграм му треба многу помалку време за да создаде објава на „Стори“ отколку што би му требало на еден новинар да подготви новинарски напис, па оттука, времето е во полза на креаторите. 

Интерактивните функции како анкети, квизови и поставување прашања се уште еден плус затоа што го прават учењето нови информации да биде попривлечно и попартиципативно, што на младите им дава чувство на припадност и заедништво со креаторот. 

Сепак, иако „сторињата“ се одлични за брзи и кратки информации, сметам дека не се идеални за детално истражување и анализи. Ако некоја содржина бара подлабоко разбирање или контекст, студентите можеби сепак ќе треба да кликнат на линкот за да дознаат повеќе. Не смееме да ја потцениме улогата на традиционалните и формални медиуми која, иако избледува, останува релевантна и во денешниот свет. 

Мислам дека Инстаграм Стори може да се опише како канал што ги поврзува младите со професионалните онлајн медиуми, односно служи како мост за младата публика да пристапи и да се вклучи во содржината создадена од реномирани извори. 

Времето на младите е ограничено, професионалните и креативни новинари треба да се адаптираат на нивните потреби и навики и да го најдат вистинскиот начин како да им го презентираат она што сметаат дека е важно за нив. 

Како би ја оцениле медиумската писменост на денешните студенти?  

Медиумската писменост варира, а генерално, сметам дека има простор за подобрување. 

Поголем дел од студентите и денешните млади пораснале опкружени со технологија и дигитални медиуми и се умешни во користењето на социјални мрежи, но мислам дека им недостасуваат вештини за критичка анализа на информациите, распознавање на веродостојните извори и разбирање на влијанието што медиумите го имаат врз нивните мислења. 

Дигиталната ера во која живееме носи постојан проток на информации, а разликувањето на веродостојните извори од дезинформациите е вистински предизвик и станува сè потешко, најмногу поради умешноста со која креаторите на лажните вести успеваат истите да ги претстават како вистинити. 

Тука би сакал да нагласам дека воведувањето на медиумска писменост во формалното образование е од суштинско значење за да ги опреми учениците и студентите со вештините потребни за одговорно и етичко ангажирање во дигиталниот свет – додека сурфаат да можат да идентификуваат пристрасност, да знаат да ги оценат изворите, да ги разберат пораките што некој медиум се обидува да им ги пренесе и да носат информирани одлуки за содржината што ја консумираат. 

Страниците на социјалните мрежи, исто така, имаат голема улога во обликувањето на перспективите и мислењата на младите. Дезинформации демнат од секаде, а младите, иако не се свесни за тоа, најчесто ги среќаваат на Инстаграм, токму преку „сторињата“ на оние чии следбеници/фанови се.  

Би апелирал да внимаваат кои се креаторите на Инстаграм кои споделуваат погрешни информации и ова да го крене алармот секоја следна објава од истите креатори да ја земаат со резерва. Исто така, доколку забележат дека некој креатор нештата ги гледа и коментира непристрасно, а информациите ги споделува објективно, ова да им биде зелено светло дека нему може да му се верува. 

Во нашата држава постојат бројни иницијативи и организации кои работат на промоција на медиумската писменост и критичкото мислење и секој што сака да се подготви подобро за војната на информации која веќе се случува, може да им пристапи со сите прашања и дилеми што ги има. 

Дали може да се заработува од водење на еден ваков популарен IG профил во Македонија?  

Профилите на Инстаграм како што е Студентарија претставуваат своевидни платформи и како медиуми денеска ја имаат улогата што пред стотици години ја имале весниците, пред децении – телевизијата, а од пред неколку години – онлајн порталите. Еден од начините за постоењето на ваквите страници да биде одржливо и истите да останат доследни во она што го работат, е да бидат монетизирани, исто како што биле/се и сите други претходно наведени медиуми. 

Бизнисите и организациите сè повеќе го препознаваат значењето на Инстаграм профилите како моќни платформи за поврзување со нивната целна публика и мило ми е што ова е случај и во Македонија. 

Во однос на начинот како функционира Студентарија, морам да нагласам дека сме особено внимателни околу тоа што ѝ прикажуваме на нашата публика, па оттука, посветуваме огромно внимание и при изборот на соработници што ќе ги претставиме на платформата. 

Со оглед на тоа што станува збор за страница која е наменета во главно за студенти, се трудиме соработниците да ги избираме според тоа колку нивните услуги може да им бидат корисни на студентите за на крај да имаме „win-win“ ситуација и сите да бидат задоволни. 

На пример, програмите Work&Travel во Германија и САД, апсолвентските екскурзии и практичната работа се неразделиви елементи од студентскиот живот, и оттука, студентите како наша публика, од соработката со бизниси/организации кои нудат вакви услуги, може да имаат само придобивки.  

Исто така, токму овие организации со кои соработуваме, помагаат Студентарија да опстои и да го шири своето влијание во областа во која делува. 

Кое е вашето мислење за македонските IG инфлуенсери?  

Македонската Инстаграм сцена во моментов доживува забележлива трансформација. Иако можеби досега постоеше тенденција да се произведуваат доста слични и прилично досадни, веќе видени содржини, сега се случува позитивна промена. Креаторите сè повеќе истражуваат различни и креативни патишта и носат новитети на платформата. 

Како што Инстаграм заедницата продолжува да расте и да се диверзифицира, сведоци сме на разнолики содржини што ги одразуваат богатството и динамиката на македонската култура и начин на живот. 

Меѓутоа, фактите говорат дека, како што посочив и претходно, токму креаторите и инфлуенсерите се најголемите споделувачи на лажни и погрешни информации. Тоа што мене најмногу ми пречи е леснотијата со која еден креатор, без да провери, одлучува да објави сериозна информација што ја видел некаде онлајн или пак му ја пратил некој „загрижен“ следбеник. Тој креатор ова го прави поради незнаење и неинформираност за случувањата во областите кои не му се блиски, но ова не смее да биде изговор. Илјадниците следбеници носат голема одговорност и секој инфлуенсер или креатор треба да биде спремен да се носи со потенцијалните последици од она што го објавува!  

Инфлуенсер што креира содржини за музика, мода, фитнес, патувања или готвење, не може да ви биде веродостоен извор за некоја важна и сериозна општествена тема, затоа што не посветува доволно време за да се информира за истата, туку само ја проследува информацијата, најчесто за да пополни содржина на профилот и да глуми „загрижен“ (не генерализирам, постојат и исклучоци). Како креатори мораме да сфатиме дека не треба да бидеме сол во секоја манџа и никој не очекува да даваме коментари за секоја можна тема што ќе се појави во јавниот дискурс. Општеството ќе преживее и без нашето излагање. Најдобро е да се држиме до содржините и темите што ни се блиски и познати. 

Како би го дефинирале терминот “creator economy”?  

Како начин на кој поединци, вклучително и креаторите на содржини на социјалните мрежи, ги користат дигиталните платформи за да се изразат себеси, да ги покажат своите таленти, да создадат и комуницираат со своја публика, да ја анимираат/информираат истата, а сето ова да им биде одржливо и исплатливо. 

Според оваа идеја, креаторите на содржини не се само раскажувачи, туку и претприемачи што ги користат социјалните мрежи за да создадат посветена и ангажирана публика. 

На овој начин, креаторите може да ги претворат своите вештини, таленти, знаење и пасија во исплатливи кариери. 

Кои ваши објави имаат најмногу интеракција, а кои најмалку? 

Најголема интеракција, несомнено, имаат забавните содржини со видеа и мемиња, кои се особено популарни затоа што прикажуваат ситуации, појави и чувства со кои може да се идентификува речиси секој студент. Сите се сретнале со истите искуства и емоции и тоа е она што ги поврзува сите и им дава чувство на припадност. Мемињата се заедничкиот јазик на кој се смеат сите студенти. 

Покрај ова, студентите секако се интересираат и за новостите и информациите околу стипендиите и субвенционираниот студентски оброк. И овие содржини, кои најчесто ги споделуваме на „Стори“, се проследени со зголемен ангажман од страна на публиката – многу читања, споделувања и коментари во порака. 

Меѓу сите овие содржини може да се најдат и објави кои бележат помала интеракција, но тоа е во ред, бидејќи токму на овој начин учиме што сака да гледа/чита нашата публика.  

меме (извор: instagram.com/studentarijamk )

Популарни објави на Студентарија:

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk