Стив Џобс, човекот кој успеа Apple да ја направи најмоќната технолошка компанија во светот, си даде оставка на позицијата извршен директрор. Стив Џобс отстапува од оваа позиција после 14 години, а на негово место ќе дојде Тим Кук, досегашниот директор за операции и десна рака на г. Џобс. Во извештајот на бордот на директори на Apple стои дека Стив Џобс сега ќе биде претседател на бордот, и дека ќе продолжи да придонесува со неговата креативност и инспирација.
Во своето кратко отказно писмо, Џобс изјавува дека доколку дојде денот кога повеќе нема да може да ги исполнува своите должности ќе биде првиот што ќе го пренесе тоа. Во изјавата уште стои дека тој ден на голема жалост конечно дошол. Г. Џобс исто така го предложува Тим Кук како негова замена, и бара да остане како претседател на бордот на директори на Apple.
Причината за неговото повлекување од позицијата извршен дирекрор на Apple e лошата здравствена состојба, поради која во јануари замина на боледување. За какви здраствени проблеми станува збор сè уште не се знае. Во 2004 година, г. Џобс беше успешно опериран од тумор на панкреасот, медицински зафат, кој иако успешен, сепак влијае врз неговото здравје. Во 2009, Џобс замина на шест месечно боледување. Причината за ова отсуство е трансплантација на џигер.
Откако беше откриено повлекувањето на Стив Џобс, акциите на гигантот Apple паднаа за 7%. Овој потег е вистинско изненадување, а истовремено и разочарување за огромниот број на верни Apple корисници. Меѓутоа многумина аналитичари сметаат дека повлекувањето на Стив Џобс нема да влијае на следните iPad и iPhone уреди, бидејќи Apple се одлично позиционирани, и тоа нема да се промени во скоро време.







