Во случај да сте фанови на квалитетни визуелни романи со озбилна, детално разработена приказна која крие комплексни наративни слоеви, тогаш би требало да ја проверите Still Joking, или барем бесплатното демо за играта.
Still Joking обработува невообичаена приказна која е поврзана со нашите рефлексии од огледалата. Имено, според приказната, кога ние не сме пред огледалата, нашите рефлексии си имаат друг живот, целосно изолиран од нашиот.
Ирис е една таква рефлексија на позната актерка. Откако актерката ќе биде убиена, Ирис ја губи секојдневната рутина и бара начини да се справи со новата слобода. Но, изборите кои ќе ги донесе, знаат значително да влијаат на светот околу неа.

Комбинирајќи механики на визуелен роман, интерактивна фикција и авантура, во Still Joking ќе стапувате во интеракција со најразлични ликови и ќе градите комплексни односи, навлегувајќи, притоа, во длабока мистериозна приказна која ќе ве одведе во централна точка која кулминира во неколку значајни краеви.

Низ 15 часовната кампања, ќе донесете над 1000 избори и ќе бидете опсипани со над 400 000 зборови текст.
Во ситуации кога нема да читате, ќе стапувате во интеракција и со бројни предмети. Иако ни се допадна делот со истражување, не бевме преголеми фанови на QTE ситуациите каде во ограничено време треба да претиснете одредено копче.
Надвор од ова, Still Joking е одлична авантура која се одликува со несекојдневна приказна и квалитетно разработени ликови и чисти цртежи полни со детали и јасни емоции.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Purple Brick Games
- Издава: Purple Brick Games
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 16 мај 2024







