Купувате производ, а по отворање на амбалажата воопшто не наликува на производот на сликите? Одите да разгледате стан, а тој е сосем различен? Виртуелната и проширената реалност во иднина можат да го променат начинот на онлајн купување.
Српскиот огласник за продавање на половни возила, Polovniautomobili.com воведе новина која на корисниците ќе им овозможи попрегледни податоци. Наскоро корисниците на сајтот ќе можат да ја разгледаат внатрешноста на возилото со виртуелен приказ. Засега функцијата е во тест фаза, но наскоро би требало да биде достапна, јави Netokracija.
Прегледот на возилото ќе се прави преку 360-фотографии. Ова ќе овозможи купувачите детално да го разгледаат возилото „одвнатре“, пред воопшто да се одлучат да го погледнат во живо. Ова значително би требало да го скрати времето кое купувачите го поминуваат во разгледување на возила.
„За снимање користиме DSLR камера со fisheye објектив поставена на мини статив. Со помош на специјален софтвер се снимаат повеќе фотографии кои потоа се спојуваат во единствен виртуелен приказ на внатрешноста на возилото. Целиот систем едноставно се инсталира и прилагодува на секое возило.“, вели Матија Драговиќ од Polovniautomobil.







