Без никаква најава, Tesla го надгради софтверот на своите електрични автомобили. Тие сега се автономни, односно можат да возат самостојно, без помош на возачот. Новитетот сепак не е достапен за сите модели, туку единствено за возилата кои ги имаат потребните сензори. Model S од минатиот септември доаѓа со потребната опрема, но на Tesla им беше потребна уште една година да ги усовршат алгоритмите за навигација. Со оглед на тоа дека компанијата во Model X ги има инсталирано истите сензори, наскоро би можело да ни ја претстават и надградбата на софтверот за овој автомобил, вели Verge.
Засега автономната функција е во бета фаза, а aлгоритмите кои се користат во моментов му овозможуваат на возилото да остане во иста лента и да ја усогласи брзината со возилото пред него. Дополнително автомобилот може и самостојно да ја промени лентата. Иако постои можност за вклучување на автопилот, ова не значи дека возачот може да дремне во паузата. Доколку рацете на возачот не се на воланот неколку секунди, компјутерот ќе го вклучи алармот предупредуваќи го возачот да ги врати рацете назад.
Системот е составен од преден радар, предна камера, 360-ултрасоничен сензор и GPS. Софтверска поддршка се Tesla мапите кои овозможуваат следење на лентите и ознаките на патиштата. Според најавите колку софтверот повеќе се користи, толку подобар ќе станува или со зборовите на директорот на Tesla, Илон Маск, „станува збор за fleet learning технологија“. Оваа промена е уште еден доказ кој само покажува колку Tesla е далеку пред конкуренцијата. По новата функција за автономно возење, никој не би смеел да се сомнева во можностите на компанијата.