Специјалното јавно обвинителство отвори нова истрага „Таргет“. Според податоците кои ги споделија има доволно докази за отпочнување на судски спор за прислушувањето во Република Македонија. Според податоците во прислушувањето учествувале десет лица. Тие ги злоупотребиле системите за следење на комуникации и го прекршиле Уставот на Република Македонија. Сите податоци доаѓаат само од еден мобилен оператор, засега без објава кој е операторот.
„Денешната истрага е резултат на повеќемесечна работа на целиот тим, обвинители истражители, информатичари, стручна служба и администрација“, објави Катица Јанева.
Според податоците кои ги сподели СЈО, прислушувањето е направено во просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање. Следењето и разговорите кои останаа запаметени како „бомби“ се снимени со злоупотреба на системите на Управата.
„Овие разговори беа транскрибирани и предавани понатаму.“
„Свиркачот“ е вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање кој откако случајно го забележал ова прибрал доволно аудио записи кои му ги предал на лидерот на една партија од опозицијата. Дел од овие податоци беа јавно објавени од лидерот на СДСМ Зоран Заев, а сега се во Специјалното јавно обвинителство.
Дел од новинарите кои се следени се: Горан Михајловски од Сакам да кажам/Вест; Борјан Јовановски од Нова ТВ и Мери Јордановска, Призма. Зоран Заев е следен дури 1150 денови, објави Фатиме Фетаи. Следени се и актуелни министри и други политички лидери во тој период.
Од 2008 до 2015 следени се најмалку 4.286 телефонски броеви без судска наредба. Над 1.000 броеви се следени пред добивање на судска наредба, што исто така е кривично дело. Секако незаконски се следени и лицата кои биле во комуникација со овие броеви. Помеѓу следените се политичари, бизнисмени и новинари.
Според СЈО, граѓаните се следени со три системи за следење на комуникациите. Со трите системи се следени илјадници граѓани на Република Македонија, најголем дел од нив без судска дозвола.