Најголемата вест викендов од светот на стартапите, за жал не е ChatGPT-4, напредокот на AI или некој си нов хардвер или стартап. Наместо ова, целото внимание е на банката која ја поддржуваше ИТ и стартап индустријата во САД, Silicon Valley Bank (SVB), која пропадна за помалку од 48 часа. Ова е најголем колапс на банка во САД од 2008 година и втор најголем по крахот на банката Washington Mutual. Како последица на ова, дел од новите стартапи ќе завршат како колатерална штета на колапсот на банката. Стартапите поддржани од Y Combinator стравуваат дека во следниот период ќе имаат проблем да дојдат до капитал за нормално работење.
Најголемиот хорор во целата приказна за банката која беше миленик на venture capital инвеститорите во Силициумската (или Силиконската) долина е што банката барала ексклузивност при секој кредит, договор или слична соработка – што значи дека стартапите кои добиле кредит, или земале инвестиција од VC инвеститори кои имале кредит, морале да имаат сметка само во SVB. Во моментот на пропаѓањето на банката, банката располагала со капитал од 209 милијарди US долари.
Банката е позната и како банка на Силициумската долина и стартап банка, и во голем дел имаа влијание во развојот на регионот како стартап центар.
„Можам да зборувам за улогата на SVB во историјата на Силиконската долина. Ги запознав луѓето од SVB во 1992 година, кога беа мала банка заглавени во срање со недвижнини. Започнаа агресивно да се диверзифицираат во екосистемот. Во текот на децениите, создадоа програми за поддршка на стартапи, основачи и нивните вработени. Интимно го познаваа стартап екосистемот и ги разбираа потребите на технологијата…
Не напуштија многу луѓе по dot-com крахот. Односите што ги градеа се причината зошто станаа тоа што го станаа – 16-та најголема банка во земјата. Сега наеднаш ги снема – пуф!“, вели основачот на GigaOm и инвеститор – Ом Малик.
Silicon Valley Bank во моментот на пропаѓање беше 16-та најголема банка во САД. Банката од петокот е под контрола на Федерална корпорација за осигурување на депозити, откако во паника дел од депонентите започнаа да ги повлекуваат средствата. Федерална корпорација за осигурување осигурува средства до 250 000 долари, но најголем дел од клиентите на SVB имаат многу повеќе од ова на нивните сметки. Осигурените средства ќе бидат достапни за клиентите од почетокот на неделата. За клиентите кои имаат повеќе од ова на своите сметки, дополнителни исплати ќе има до крајот на неделата. Очекувањата се дека веднаш ќе бидат вратени и помеѓу 30% и 50% од неосигурените депозити, но ова зависи од динамиката со којa регулаторот ќе ги продаде средствата на банката. Последната вест од Федералните резерви е дека сите депозити на Silicon Valley Bank ќе бидат исплатени и ќе бидат прифатени, дури и оние кои се над лимитот.
Вкупните депозити во банката се 173 милијарди долари, околу 165 милијарди долари се неосигурени депозити
За разлика од 2008 година кога државата им помогна на дел од банките министерката за финансии Џенет Јелен викендов објави дека нема да има помош за банката, туку единствено за клиентите на банката.
„Загрижени сме за штедачите и се обидуваме да ги покриеме нивните побарувања… Едноставно сакам да кажам дека сме свесни за проблемите што ќе ги имаат депонентите, многу од нив се мали бизниси кои вработуваат луѓе низ целата земја. Ова е сериозен проблем и работиме со регулаторите да ги надминеме овие проблеми.“, вели Јелен.
Со свое мислење се јави Гери Тан од Y Combinator. Над 1000 стартапи поддржани од акцелераторот се погодени од колапсот на банката.
„Не бараме спас за сопствениците на капиталот на банката или за нивниот менаџмент. Бараме да ги зачувате иновациите во американската економија. Бараме помош и внимание за непосредното критично влијание врз малите бизниси, стартапите, и на нивните вработени кои се штедачи во банката. Според NVCA, SVB има над 37.000 мали бизниси со повеќе од 250.000 долари депозити. Овие средства повеќе не им се достапни. Без дополнителна интервенција можеби ќе останат недостапни во следните месеци, па дури и години“, пишува Гери Тан во петицијата која ја поддржаа над 5000 директори и основачи на стартапи кои заедно имаат над 400000 вработени.
Дури 20% од стартапите ќе бидат на некој начин погодени од колапсот на банката…
Прв „bank run“ во дигиталното време во САД
Она што се случи Silicon Valley Bank е популарно наречено „bank run“. Ова е ситуација во која голем дел од клиентите на банката ги повлекуваат своите средства бидејќи веруваат дека банката ќе пропадне. Колку повеќе клиенти ги повлекуваат парите толку е поверојатно дека банката ќе стане несолвентна, односно нема да може да ги исплати побарувањата. Паниката од повлекувањата, придонесува за нови повлекувањата се додека банката не прогласи банкрот, или како во случајот регулатор не ги замрзне средствата на банката.
Со оглед на влијанието кое го имаат друштвените мрежи, се чини неверојатно дека ова не почеста ситуација.
Етан Армстронг од Napkin Math во твит вели:
„Прв пат сме сведоци друштвените мрежи да креираат масовно повлекување на пари од банките – ако вашите корисници се активни на Twitter, и вие може да станете жртва на ова“.
Крахот на SVB Армстронг го припиша на единствен е-билтен објавен од Бирн Хобарт. Билтенот е популарен кај многу од инвеститорите и придонел за повнимателно следење на заработката на SVB. Кога банката објавила потфрлање на заработката, Питер Тиел, USV и Coatue до „своите“ стартапи и компании испратиле пораки за повлекување на средствата. Веднаш по ова следеле реакции на Twitter, средствата масовно се повлекувале, и следел колапс на банката.
Стартапите, ризичен капитал и технолошките компании најголеми клиенти
Најголем дел од клиентите на банката се технолошки компании или инвеститори во ризичен капитал (Venture capital). Дел од клиентите на SVB се Roku, Roblox, Circle, Shopify, Pinterest, Juniper Networks и Unity Software. Roku во банката имал 26 отсто од своите кеш резерви – 487 милиони долари. Најголем дел од овие средства не се осигурени.
Крипто компанијата Circle која го опслужува стабилниот токен USDC во банката има резерви во вредност од 3,3 милијарди долари. По објавата на веста за SVB стабилниот коин на Circle падна од 1 долар на 87 центи.
Веднаш по колапсот на банката некои хеџ-фондови започнаа да испраќаат понуди до стартапите кои имаа депозит во SVB. Фондовите нудеа од 60 до 80 центи за долари. Во овој период ова беа и очекувањата за исплата на неосигурените депозити. Дел од стартапите кои имаа трошоци кои итно требаа да се подмират можеа ова да го направат со загуба.
Фондовите како Oaktree кои ги купуваа овие депозити се надеваа дека по исплатите на Федерална корпорација за осигурување на депозити ќе заработат.
Колапсот на SVB низ очите на основачот на Polymath Robotics
Колку брзо банката стана несолвентна е веројатно најголемото изненадување. Приказната од страна на стартап кој имал средства во SVB ја раскажува основачот на Polymath Robotics, Стефан Селц-Аксмахер за TechCrunch.
Секц-Аксмахер заедно со повеќе инженери од стартапот работеле доцна во среда навечер. Во овие моменти забележал разговори во WhatApp групата „Y-Combinator founders“. Разговорите биле околу две вести: планот на SVB да продаде акции во вредност од 2,25 милијарди долари и продажбата на акции во вредност од половина милијарда долари во одделна трансакција на General Atlantic. Овие две вести експлодираа еден ден подоцна, во толкава мера што станаа најпопуларен разговор во „YC founder WhatsApp“ групата.
Основачот на Polymath Robotics уште во средата префрлил 50 отсто од парите на стартапот од SVB во друга банка.
„Кога го видов написот не знам дали бев во паника или не, но не вредеше да се ризикува. Си мислев, подоцна ова ќе биде нешто за што сите ќе ме зафркаваат дека сум паничар. Ама бев ок со ова, немаше никаква предност да се биде првиот кој ќе стравува дали ќе можам да извадам 3,5 отсто од нашите пари за две недели“, вели Секц-Аксмахер.
Еден ден подоцна повлече уште 25% од средствата, овој пат најголем дел од основачите веќе ги повлекувале своите средства. По подолго чекање парите биле префрлени. Обидот да ги повлече преостанатите средства во моментот на интервјуто со TechCrunch не бил успешен.
Само во еден ден (9 март) депонентите од банката повлекоа над 42 милијарди долари. На крајот на денот банката имаше негативно готовинско салдо од -958 милиони долари. По ова во банката влезе регулаторот и ја презема контролата врз нејзиното работење.
Зошто пропадна SVB?
Главната причина за крахот на SVB Bloomberg ја пронајде во изборот на клиенти. Стартапи во раст и крипто звучат на одлични клиенти за банките. Клиентите имаат многу пари, имаат влијание на друштвените мрежи, удел во стартапи, заработка кога стартапите ќе излезат на берза.
За жал за банкарско работење овие клиенти имаат голем недостаток. Банките традиционално заработуваат кога земаат пари од клиенти кои имаат многу пари и им ги позајмуваат овие средства на клиентите на кои овие пари им се потребни. Но во 2021 и стартапите и крипто индустријата „пливаа во пари“. Единствената услуга која банката можеше да им ја понуди е кога инвеститорите ги предаваа инвестициите, овие средства беа оставени во банката.
Во овој период банката имаше куп пари, но не и клиенти на кои можеше да им ги позајми. Стартапите немаат доволни приходи, ниту недвижен имот кои можат да го понудат како залог. Поради ова најголем дел од стартапите се ризична инвестиција за банка. Банката купувала државни обврзници, но на овие инвестиции влијае порастот на каматите. Конгресот за да ја забави инфлацијата дозволил раст на каматата. Банката во овој момент имала средства кои се помалку вредни со пораст на каматите.
„Жалам што сум груб, но има уште една причина што можеби не е одлично да се биде Банка на стартапи, а тоа е што никој на Земјата не е поголемо стадо од ризичните капиталисти од Силиконската долина. Она што го сакате, како банка, е одредена различност меѓу вашите штедачи. Ако некои штедачи се исплашат и ги извадат парите, а други штедачи го проценат вашиот биланс и решат дека работите се во ред и ќе ги задржат своите пари, многу повеќе штедачи ќе ги чуваат своите пари затоа што едноставно не обрнуваат внимание на банкарските вести, тогаш имаш можност да преживееш со своите проблеми.
Но ако сите депоненти се стартапи со истите инвеститори во бордот на директори и сите се натпреваруваат помеѓу себе да дадат вредност, да бидат инфлуенсери, и да влијаат на актуелната ситуација со тоа што на сите компании од портфолиото ќе им велат „еј слушна ли сите ги вадат парите од SVB, треба и ти да го направиш тоа“, тогаш сите депоненти ќе ги извадат парите во исто време.
Податоците на банката всушност потврдуваат дека банката навистина нема доволно клиенти на кои им позајмувала пари, и истовремено ако сите депоненти не ги повлекле средствата во толку кус период банката сè уште ќе работеше.