Веројатно последните две недели не успеавте да ја „утнете“ драмата која се случува со WordPress и WP Engine. Соосновачот и ко-креатор на Automattic Мет Муленвег повторно предупреди на опасностите од недоволното инвестирање во WordPress. Фокусот на неговите критики беше WP Engine, кој беше прогласен за „рак на WordPress“. Главна причина за ова е недоволното учество и поддршка на WP Engine во овој проект со отворен код.
WP Engine со незабележителен придонес за WordPress
Најголемата критика на Муленвег доаѓа поради недостатокот на придонес на WP Engine, во иницијативата „Five for the Future“ (пет за иднина). „Five for the Future“ е иницијатива на WordPress заедницата со која сите кои имаат некаков бенефит од WordPress придонесуваат со пет отсто од своите ресурси во опен сорс проектот. Поддршката може, но не мора да биде финансиска. Може да биде и инвестирано време во развој или техничка поддршка. Идејата е преку иницијативата да се обезбеди одржливост и развој за WordPress, кој е една од најпопуларните платформи за изработка на веб-страници. Најголем придонес во Five for Future има Automattic со 3900 часа неделно. За споредба WP Engine, компанија која има сериозна заработка од платформата, инвестира 40 часа неделно. Разликата во придонесот е уште позначајна бидејќи двете компании се со слична големина.
Соосновачот на Automattic ги обвини WP Engine дека поради гасењето на некои основни функционалности нудат полош производ. Еден од овие сервиси е „revisions“ кој овозможува едноставно враќање на претходна верзија во случај на грешка.
„Ги исклучуваат revisions бидејќи е поскапо да чувате историјат на промени во базата, а тие не сакаат да ги потрошат овие средства за да ја заштитат вашата содржина. Ова е обратно од сѐ што WordPress се обидува да направи, а тие го нарушуваат интегритетот на содржината. Ако направите грешка, нема начин да ја вратите оригиналната содржина, а со ова се прекршува едно од основните ветувања кои ги прави WordPress, да управува и да ја заштити содржината.“, вели Муленвег.
Како WP Engine заработува од WordPress
WP Engine нуди хостинг специјално за веб-страници кои користат WordPress. Тие го користат отворениот код на WordPress за да им овозможат на клиентите платформа која е лесна за управување, брза и сигурна. Клиентите не треба да се грижат за технички детали како одржување на сервери, безбедност или ажурирања.
WP Engine ги продава своите услуги со додадена вредност, како што се подобрени перформанси, подобра поддршка за корисниците и напредни алатки за оптимизација и безбедност. Со тоа, остваруваат приходи од клиентите кои ги користат овие услуги за своите веб-страници. Проблемот што го нагласува Мет Малeнвег е дека иако WP Engine заработува од WordPress, нивниот придонес кон самиот отворен проект е минимален во споредба со нивната заработка.
Оваа недела Automattic откри дека неодамна побарал од WP Engine осум отсто од нивната заработка во замена за правата за користење на заштитниот знак на WordPress. Овие средства ќе помогнат за долгорочна одржливост на WordPress. Компанијата овој договор го испратила до WP Engine на 20 септември, пренесе Verge. Automattic им доставил седумгодишен договор за ексклузивно користење на заштитните знаци WordPress. Дел од средствата кои би биле плаќани јавно и транспарентно ќе бидат префрлени во Five for the Future иницијативата. Основачите на WordPress дури оставиле простор од овие 8 отсто да се плаќаат плати на вработени во WP Engine кои придонесуваат за развој на WordPress. WP Engine го одбил овој договор. Компанијата смета дека го користи заштитниот знак на WordPress под „fair use“ правилата. Овие правила дозволуваат користење на заштитен знак без плаќање лиценца во специфичeн контекст. На пример комерцијална употреба со ограничен обем.
„Мора да се каже и повтори: WP Engine не е WordPress. Дури и мајка ми е збунета и мисли дека WP Engine е официјален. Брендирањето, рекламирањето, маркетингот и севкупното ветување е дека ќе добиете WordPress, но не е така. А тие заработуваат од оваа забуна.“, вели Муленвег во изјава која ја пренесе TechCrunch.
Можеби една од причините поради кои WP Engine ја одбил оваа понуда е тоа што ќе мора да ги споделат листите на вработени и следење на времето со Automattic. Секако, можеби компанијата сметала дека заштитниот знак на WordPress подлежи на правично користење (fair use) без потреба од дополнителна лиценца.
Tензии и со GoDaddy
Ова не е прв пат Муленвег да критикува голем хост провајдер. Во 2022 година, Муленвег го нарече GoDaddy „компанија паразит“ и „егзистенцијална закана за иднината на WordPress“. Сржта на проблемот тогаш, беше слична на онаа на WP Engine. Муленвег го обвини GoDaddy дека профитира од WordPress без доволно да му врати назат во проектот со отворен код.
Подоцна GoDaddy ја подобри својата репутација со спонзорирање на настани и соработници во WordPress заедницата.
Сепак, прашањето: „Дали големите хостинг компании доволно го поддржуваат WordPress за да го оправдаат нивното преголемо користење?“ сѐ уште е актуелно.