Како секоја година и оваа очите на гејмерите се вртат кон Лос Анѓелес за овогодинешниов Е3. Саемот ќе започне на 4 јуни, а некако веќе традиционално ќе започне со презентацијата на Microsoft. Иако е речиси извесно дека годинава нема да видиме Xbox 720, сепак најавите за нова конзола најверојатно ќе донесат и најави за пад на цените на Xbox 360 и Kinect. Се надевам дека ќе видиме и игри за PC кои целосно ќе го користат Kinect, во делот кој помалку не интересира, како секоја претходна година се очекува да се зголеми спектарот на услуги кои ги нуди ОnLive.
Како што е случајот со Xbox720, исто важи и за PlayStation 4. Тешко е веројатно дека годинава ќе видиме нова конзола, уште повеќе што лани имавме можност да се запознаме со PS Vita, која е во продажба веќе половина година. За среќа, за разлика од минатата презентација оваа година Sony немаат безбедносен колапс за кој ќе треба да се обраќаат до потрошувачите. Најголем број на аналитичарите и порталите кои ја следат оваа тематика се согласни дека годинешната конференција ќе биде фокусирана на Vita и игри кои ќе се нудат за конзолата, најверојатно повторно ќе видиме и неколку ексклузивитети за PlayStation, проширување на услугите кои ги нуди PlayStation мрежата.
Третиот производител на конзоли кои го отвораат Е3, Nintendo оваа година ќе мора да има навистина импресивно шоу. Поради падот на продажбата на нивните конзоли, падот на акциите на светската берза и најголема загуба на Nintendo која ја имале, се чини дека едвај се одржуваат на работ на банкрот. Најверојатно конечно ќе имаме можност да ги видиме перформансите на новата Wii-U конзола, се надевам некои нови и ексклузивни наслови. Исто така за очекување е да добиеме и груба проценка за цената и датата на излегување на Wii-U.
Покрај пресконференциите на „Големата тројка“ се очекува една од главните теми на годинешниов саем да биде и „cloud gaming”. Можеби ќе можеме да видиме презентација која ќе биде во соработка на Gaikai, со некој од „големите три“ иако не е исклучена и самостојна презентација или учество како гости на Nvidia и нивниот облак.
И покрај тоа што Е3 во последно време станува саем на техниката, тој првенствено е замислен како саем на видео игри. И оваа година ќе имаме можност да видиме монгу, многу игри помеѓу кои Borderlands 2, Resident Evil 6, Battlefield 3: Armored Kill и Close Quarters, Crysis 3, Hitman Absolution, Tomb Raider, Defiance, Far Cry 3, Assasins Creed III, Halo 4, GTA 5, Elder Scrolls Online и многу други. Конференцијата ќе биде пренесувана на неколку поголеми гејминг портали, а по завршувањето ќе можеме да видиме и пренос од интерактивниот дел, односно играњето на посетителите по штандовите на презентерите.
Годинешното мото на Е3 e Innovation Unveiled, презентациите започнуваат на 4 jуни, Е3 официјално ќе биде отворен за посетители на 5 jуни, а саемот ќе заврши на 7 jуни.