11 коментари 3 мин. читање

Што е професионален гејмер?

Меѓу најзастапените игри во моментов со кои се занимава PC гејмерот се најразвиените наслови како Counter-Strike, Warcraft III и Starcraft (кои ќе бидат заменети со новата Starcraft II), Quake потоа серијалот Need For Speed, FIFA, Trackmania, DotA, а во последно време се става акцент и на World of Warcraft. Всушност секоја игра која има можност да стане натпревар помеѓу две лица или две групи, денес во светот се игра по турнири.

Кај нас во Македонија најпопуларна е Counter-Strike. Првин се правеа мали турнири нон-стоп, а потоа почнаа да се прават и поголеми, се одеше во посакуваната нагорна линија. Се донесоа и квалификациите за големите турнири ESWC и WCG, вторите кои и сеуште се организираат и се актуелни. Играта беше толку популарна што немаше некој кој го познавав а да не игра Counter-Strike. Оваа сцена си имаше свои подеми, а и за жал големи падови заради различни причини од немање спонзори до голем број откажувања на гејмерите.

Професионален гејмер според мене би бил оној гејмер кој се занимава со одредена игра до тоа ниво што покрај тоа што се натпреварува и  тренира за да биде добар на таа игра, тој зема пари од одредена организација (екипа) или сопствен спонзор. Во Германија за популарните игри имате професионални лиги. Во секоја професионална лига имате одреден број екипи кои се под некоја организација, а организацијата е должна да ги плаќа месечно своите играчи за настапот во таа лига. Минимум плата на Counter-Strike играч во првата лига во Германија е 200 евра, нешто помалку од просечната плата во Македонија.

Тимот ENTiTY на Kode5
Тимот ENTiTY на KODE5 во 2009-та

Кај нас про гејмери има, но за жал или траат кратко или никогаш не се платени за тоа што тренираат за да направат некој успех. Најголемата разлика помеѓу македонскиот и германскиот про гејмер, на прв поглед, е во платата, но има и големи разлики и во условите. Кај нас има недостаток на спонзори, мал дел од компјутерските компании се вклучени, има мал број на турнири, моментално еден – WCG, нема константно играње и тренирање зошто нема лига, па  дури и тренирањето е хендикеп поради слабиот интернет (ping со Германија), учествуваме само на еден турнир од светски ранг годишно, а тоа е недоволно за да останеш во тек со најдобрите екипи и за да имаш доволно искуство да се натпреваруваш достоинствено со нив.

Тука зборувам за Counter-Strike затоа што и самиот сум про гејмер, а за другите игри кај нас не сум многу информиран, но знам дека повеќето не се играат а од тие што се играат DotA или World of Warcraft ситуацијата е слична па дури и полоша.

За да се решат проблемите секако постојат решенија, во вид на спонзорства и препознавање на талентот. Прво треба медиумски да не се омаловажува значењето на играта како што тоа го направија новинарката на Време и психијатарот за кои сум сигурен ако имаат деца, тие играат некоја игра. Потоа треба да се вклучат повеќе спонзори, да се организира достојна лига која ќе се одвива бар 4-5 месеци преку зимата и/или пролетта и да се донесат барем уште едни квалификации како ESWC, KODE5 или Dreamhack.

Се надевам дека во иднина ќе се средат овие проблеми и ќе имаме право професионално гејмерско натпреварување.

Коментари

11 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top