Да се каже дека гејмерската индустрија стагнира, би било потценување од епски пропорции. Секоја година, стотици игри се борат за вниманието на гејмерите. Но, и оваа индустрија е исклучително сурова и, доколку немате солиден продукт на интерактивна забава и правилна стратегија за маркетинг, вашето место под сонцето е сè само не загарантирано. Многу девелопери, мајсторски ги балансираат овие две работи, одлично проценуваат за што се гладни гејмерите и го пласираат нивниот продукт во најдобриот можен момент, со посебен акцент на најдобрите гејмплеј механики и графички остварувања кои се уникатни за насловот. Некои други девелопери, пак, имаат игра за која знаат дека не е добра, дека има проблеми и дека, во моментот кога ќе излезе, рецензиите за таа игра ќе бидат катастрофално лоши. На нив, јасно им е дека зацртаната заработка нема никогаш да биде остварена и, сакајќи да извлечат што е поголем профит од предвремените нарачки, го прават единственото нешто што е можно – лажат.
Ваквата стратегија одамна е позната и просечниот гејмер се има научено да не верува на она што го гледа во трејлерите и демо приказите, како и да зема со резерва сè што ќе чуе од бројните интервјуа. Но, шест игри успеаја маестрално да го излажат светот. Шест игри го достигнаа врвот на неетичкото пласирање ветувања кои никако не беа дел од финалниот продукт. Независно од тоа колку време поминало, овие шест игри и понатаму нѝ предизвикуваат мачнина секојпат кога ќе се присетиме на маркетиншките трикови кои беа искористени, особено за време на периодот од предвремени нарачки.
6. Mass Effect 3
Mass Effect 3 требаше да биде епско научно-фантастично остварување во кое вашите одлуки имаат вистински последици. Режисерот на играта, Кејси Хадсон вети дека на крајот на играта ќе влијaат бројните избори кои сте ги донесувале. Првите две Mass Effect игри беа феноменални, особено двојката. Bioware, се веруваше, нема да потфрли со тројката. Бројот на предвремени нарачки беше огромен, а, во моментот кога играта излезе, првичните впечатоци беа феноменални. Mass Effect 3 навистина е драматична, емоционално поткована и богата игра, со феноменално филмско искуство и маестрална имерзивност која се цеди од сите страни. И потоа дојдовте до последните петнаесетина минути од играта. По стотици часови играње, внимателно размислување за сите одлуки и пристапи низ играта, крајот се сведе на одбирање една од три понудени бои, еден од три смешни завршетоци кои апсолутно не беа засновани на вашите бројни, претходни одлуки. Тие последни петнаесет минути успеаја да ги засенат сите одлични моменти кои ги поминавме не само со третата игра, туку и со претходните две. Оној го вели дека не е важна дестинацијата, туку патувањето, очигледно никогаш не ја проверил Mass Effect 3.
(Внимание! Видео материјалот ги прикажува трите, првенствено замислени завршетоци на играта)
5. Watch_Dogs
Watch_Dogs е навистина солиден наслов. Паметиме одлични моменти со играта и, лично, немаме ништо лошо да кажеме за хитот на Ubisoft. Но, тоа е само затоа што ја проверивме играта многу подоцна од нејзиното излегување. Ние не бевме дел од ордата на која им се рекламираше играта како најдобрата игра во отворен свет и како игра која целосно ќе го надмине успехот на GTA III. Преку бројните видео и демо прикази, Watch_Dogs беше рекламирана како револуција во графичкиот оддел, со елементи како ветер, прашина и дим, со кристално јасни, темносини површини, како и импресивни светлосни ефекти и богати текстури. Хајпот ја достигна точката на вриење. И тогаш излегувањето на играта се помести. Но, промо материјалите и понатаму беа супер, а Ubisoft е компанија која не се шегува. Ова се издавачи под чие крило стојат крајно успешните серијали како Assassin’s Creed и Far Cry. Предвремените нарачки и понатаму се земаат, а излегувањето на играта се поместува уште еднаш. Кога играта конечно излегува, незадоволството е инстантно. Механиките се присутни, но не и визуелниот удар. Графички, финалната верзија на Watch_Dogs беше неколку години зад прикажуваните видео материјали. Временските ефекти ги немаше никаде, а темно-синиот визуелен стил беше заменет со болна мешавина до кафеави и сиви бои. Гејмерите беа изневерени. Многумина од нив не можеа да поминат преку ова и целосно да се препуштат само на гејмплејот, кој, изненадувачки, не беше премногу лош.
4. Dead Island
Dead Island ја направи критичната грешка да се рекламира како едно, а да понуди нешто сосема друго. Сите оние кои го имаат одгледано емоционалниот трејлер и поминато само 15 минути во играта знаат дека трејлерот не ја претставува правилно играта. Емоционалната драма за несреќното семејство ја нема никаде во играта; всушност, би оделе еден чекор напред и би кажале дека нема апсолутно никаква драма во играта Dead Island. Оние ретки моменти кои би можеле да бидат нешто слично на тоа, се невешто масакрирани од лошата глума и несоодветни филмски моменти. Целата маркетиншка стратегија беше заснована на емоционалното преживување на едно семејство, а не на просечна ко-оп игра со катастрофално лош систем за барање играчи и приказна од која само ќе превртувате со очите. На времето, трејлерот ископа темели за емоционално монструозен хајп, драма во најчиста можна форма и преживување кое проповеда за манијакално масакрирање на надежта. Се сеќаваме на интензитетот со кој ја очекувавме играта. И на разочарувањето кое следеше набргу потоа.
3. Colonial Marines
Како игра правена од познатото студио Gearbox, за Colonial Marines се веруваше дека конечно ќе понуди достојна игра за Alien фановите. Демото кое се прикажа пред излегувањето на играта беше апсолутно совршенство за тогашните стандарди и легијата од фанови се здоби со мислење дека се работи за комплексен шутер со драматична приказна. Да кажеме дека Colonial Marines излезе како полу-печен производ би било како да му даваме комплимент. Colonial Marines беше хаотична смеса од багови, наслов целосно опериран од каков било шарм и со никакви допирни точки со култниот филмски серијал. Баговите допринесуваа вонземните чудовишта да почнат да танцуваат за време на битките, вештачката интелигенција да биде заменета со интелигенција која може да се најде во еден камен и визуелен дизајн кој е за еден степен подобар од тој на првачиња. Текстурите кои беа прикажани во демо трејлерот, сенчењето и осветлувањето го немаше никаде во играта, дури и самата сцена не беше дел од финалниот производ. Познати јутубери и критичари ги напаѓаа како да нема да има утре, а се спремаше тужба за лажно претставување и рекламирање. Gearbox Software за малку ќе беше целосно уништен од Colonial Marines.
2. Fallout 76
Пред излегувањето, режисерот на играта, Тод Ховард, се изјасни дека Fallout 76 е нивното најамбициозно остварување. За таквата цел, играта ќе користи напредни технологии за рендерирање, осветлување, и правење територија. Таквите технологии, се гордееше Тод, им дозволувало да направат до шестнаесет пати подетална игра, со далечни временски системи распространети низ мапата. Како игра која запливува во ММО води, Fallout 76 ветуваше феноменални системи, како со другите играчи, така и при самостојно играње, со впечатливи квестови кои, во комбинација со моќта на графичкиот енџин, ќе издигнат нови имерзивни рамништа. Не би ни знаеле, како да почнеме од тука. Fallout 76 не е нивно најамбициозно, туку најмрзеливо остварување. Ова е игра за безживотен свет, разочарувачка приказна и копирање асети од Fallout 4. Ова е пародија и балада; парадоксална приказна за падот на титаните и епското пласирање лаги. Она што најдовме во играта беа багови од кои косата побелува, графика која не е ни за 1% подобра од Fallout 4, срамно преземени асети, продавање облека која не само што беше бесплатна во Fallout 4, туку и изгледаше поубаво. Да не ни зборуваме за уникатниот систем со таргетирање кој во 76 е доведен до таква состојба да повеќе смета отколку што користи.
1. No Man’s Sky
За No Man’s Sky се веруваше дека ќе ги помести границите на гејмерските жанрови и ќе понуди спој од акционо-авантуристичка игра и строг акцент на истражувачко-преживувачките елементи. Од No Man’s Sky се очекуваше и да биде пример кој ќе се споредува со секое претходно и идно излагање во гејмерската индустрија. Она што никако не се очекуваше е да го вети небото, а да даде гол минимум, да ве мами во океан без дно, а да ве дави во капка вода. No Man’s Sky требаше да понуди истражување на вселената со 18 трилиони планети, епска фантазија во отворен свет со комплексни механики и револуционерни системи за повеќе играчи. На излегувањето, No Man’s Sky беше скршена игра, со константни пречки при движењето, проблеми со текстурите, и замрзнување на сликата кои ја правеа играта крајно не игрива. Дури и кога би ги тргнале техничките проблеми на страна, би останале со сосема просечна survival игра – лушпа од неостварени ветувања.
Кои игра вас ве разочара? Кажете нѝ во коментарите и на социјалните мрежи!