Северна Кореја упати остри и расистички навреди кон американскиот претседател Барак Обама, нарекувајќи го „мајмун во тропска шума“, пренесува Reuters. Критиките се поради верување дека САД вмешале прсти во севернокорејскиот интернет кој минатата недела забележа постојани прекини, а беше целосно паднат за девет часа. Сомневањата се дека прекините се одмазда за хакнувањето на Sony, што пак е предизвикано од навредите во филмот The Interview.
Контроверзната расправа започна кога хакерската група Guardians of Peace објави дека го хакнала Sony како предупредување да не ja објавуваат комедијата The Interview, чие сценарио вклучува убиство на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-Ун. По неколкудневна расправа и предомислување, Sony конечно го објави филмот кој се појави на еден куп платформи вклучувајќи го и YouTube и iTunes, и се појави во исто време кога во Северна Кореја се забележа паѓање на интернет конекциите. Иако севернокорејските власти демантираат дека се вмешани во хакнувањето, американските власти веруваат дека тие се вклучени во овие инциденти.
Навредите кон г. Обама доаѓаат како критика на неговото јавно повикување кон Sony да не потклекнуваат пред напаѓачите, со што им наметна притисок да ја објават комедијата. Според Северна Кореја, оваа јавна изјава е главна причина зошто е објавен навредливиот филм.
Г. Обама и неговата администрација одбија да коментираат на навредите, но ветија дека ќе следи казна за Северна Кореја.
[youtube]frsvWVEHowg[/youtube]