Градовите во Македонија сè уште не започнале да користат природен гас за загревање, а граѓаните на Северна Англија планираат од 2028 година да започнат да користат водород. Три компании планираат да почнат со тестови кои ќе овозможат загревање со водород. Програмата би требало да започне со 3,7 милиони домаќинства и 400 000 компании, пренесе Ars Technica.
„Проектот може да претставува темели за голема и сериозна декарбонизација на топлинската политика за Британската влада“, велат компаниите заинтересирани за проектот.
Градовите во Македонија секако се далеку од вакво, или било какво решение за загадувањето на воздухот. Сепак можеби е дојдено време да се разгледаат и решенијата кои воопшто не загадуваат. Инсталацијата за транспорт на водород е поскапа од инсталацијата за природен гас, цевководот треба да биде заменет со цевковод за поголем притисок. Но, и со поскапи цевководи не се надминати сите проблеми, пред да започне да се употребува во домовите мора да се пронајде безбедно решение за согорување. Дополнително, иако водородот не загадува при горење, за негово создавање се ослободува CO2.
Инвестицијата не е мала. За 3,7 милиони домаќинства и 400 000 компании проектот ќе чини 29,2 милиони долари. Ова предвидува повеќе од надградба само на цевководот. Инвестицијата подразбира и креирање на постројки за производство на водород во кои ќе биде филтриран јаглеродот, кој потоа ќе се складира под вода во близина на англискиот брег. Со ова ќе се овозможи намалување на загадувањето од загревање за 92%.
До 2050 година мрежата за водород би можела да се прошири и во Лондон и локации околу Лондон, со што би се опфатиле уште 12 милиони домови.







