Darksiders III ви дозволува да се вратите во постапокалиптична верзија на планетата Земја и да ставите крај на седумте смртоносни гревови. Преку вртоглава hack-n-slash акција која е препознатлива за овој акционен-авантуристички серијал, играте со Фјури. Но, дали женска протагонистка успева во ревитализирање на овој серијал? Си земавме за слобода да ги собереме мислењата од сите светски-познати критичари и да ги обединиме на едно место, сè со цел да одговориме на ултимативното прашање.
Што мисли светот за Darksiders III?
Со 72 поени на Metacritic, се чини дека повеќето критичари лесно го препознаваат квалитетот на оваа игра. Од God is Geek се даваат импресивни 90 поени и играта се поставува како монументално достигнување кое успешно го освежува серијалот со коњаниците. The Games Machine даваат 87 поени и, иако сметат дека играта е достоен продолжеток, не беа премногу импресионирани од Фјури и недостатокот на препознатливата харизматичност која се провлекуваше низ претходните коњаници како еден вид заштитен знак. Тоа не ги спречи да уживаат во одличниот баланс помеѓу предизвикувачки битки и исполнителни загатки.
PC Games ѝ даваат 80 поени и дополнително го фалат борбениот систем, како и паметно осмислените мапи кои изобилуваат со тајни. За жал, приказната не успеала да го достигне истото високо ниво, а надградбите и колекционерските активности не биле ни приближно мотивирачки како претходникот. Слично мислење држат и Windows Central, a GamingTrend се осмели да ја одбележи Darksiders III како игра која се одделува од препознатливите RPG елементи и првенствено се фокусира на акцијата.
Бесот на носталгичарите
Worth Playing (70) се крајно разочарани од камерата и ја нарекуваат како извор на константни фрустрации. На сметка на ова, тие сметаат дека во битките може да се ужива само доколку се прилагодите на Dark Souls инспирираниот гејмплеј систем. IGN (70) се согласуваат со ваквата констатација и објаснуваат дека битките не само што се комплексни, туку и на моменти се чинат непоколебливо тешки.
PC Gamer, пак, даваат само 62 поени, и сметаат дека сè освен битките е запоставено и се испорачува во послаба форма. Поради тоа, на располагање имате помалку плен, поедноставни платформски елементи и лесни загатки. Како и Worth Playing, така и тие не се импресионирани од камерата. Најниската оценка доаѓа од Stevivor. Со само 50 поени, Stevivor сметаат дека Darksiders III доцни четири години и дека бавниот старт во играта ќе разочара многумина. За крај, тие сметаат дека ова е игра само за најтврдокорните фанови. За останатите, играњето повеќе се чини како несакани работни активности.
Што мислиме ние?
Наспроти популарното мислење, не уживавме премногу во првата игра, но двојката апсолутно нè освои и направи тврдокорни фанови од нас. На времето, со згаснувањето на THQ згаснаа и нашите надежи дека некогаш ќе видиме трета игра од овој серијал. Darksiders III е достоен наследник на серијалот, но очигледно е уметничко пренасочување во гејмплеј механиките кое е како директен резултат од влијанието на одредени други игри.
Тоа не значи дека Darksiders III е полупечен производ кој пати од криза на идентитет. Напротив, оние кои верно останаа со првите две игри и се вљубени во постапокалиптичните авантури на коњаниците, ќе се чувствуваат како дома со играта. На исто мислење сме и за сите гејмери кои по првпат ќе навлезат во серијалот со тројката, а копнеат по авантура со одлична филмска акција, испреплетена со платформско истражување и решавање загатки.