„Големо, бројно и моќно“, ова го претставува првиот дел од името на Samsung. Името на компанијата на корејски значи тројна ѕвезда или три ѕвезди.
Samsung e основан во 1938 година од Ли Баунг-чил. Она што можеби е поинтересно е дека на самите почетоци компанијата билa трговска компанија со фокус на локален зеленчук, сушена риба и тестенина. Сепак дел од основите на денешната компанија се поставени тогаш. Уште на средината на минатиот век основачите на Samsung сакале компанијата да работи во различни сектори.
Во 1947 година Чо Хонг-Џи одновач на Hyonsong, заедно со основачот на Samsung започнува нова компанија, Samsung Mulsan Gongsa. Компанијата растела и додавала куп услуги, но сѐ до 1960 година не започнале да работат со електроника. Ова се случило по делењето на компанијата на Samsung Group и Hyosung Group.
Први оддели за електроника
На крајот на 60-те компанијата започнува со влез во електроника. Креирани се неколку оддели: Samsung Electronics Devices, Samsung Electro-Mechanics, Samsung Corning и Samsung Semiconductor & Telecommunications. Првиот производ кој излезе од компанијата бил црно-бел телевизор.
На почетокот на 80-те компанијата ги купува Hanguk Jeonja Tongsin. Оттука компанијата започнува да го освојува пазарот на телефони, факс машини и друга телекомуникациска опрема. Претходно во овие центри се произведувале плочки за свичови.
Во овој период компанијата започнува со изградба на фабрики и погони надвор од Јужна Кореја. Првата фабрика надвор од Кореја е изградена во Португалија 1984 година, потоа следат фабрики во Њујорк, Токио и Велика Британија.
На крајот од 80-те компанијата започнала да инвестира во истражување и развој.
Во 1992 година Samsung станува најголем производител на меморија и втор производител на чипови, веднаш зад Intel.
Сепак Samsung во овој период не важи за квалитетен бренд, напротив, производите на Samsung се сметаат за инфериорни во однос на дел од конкурентите како Sony, Philips и куп други препознатливи брендови. Рангот на Samsung производите бил сличен со Goldstar (денес LG).
Ова трае некаде до средината на 2000-та декада, кога Samsung благодарение пред сѐ на екраните кои ги произведува успеа да стане препознатлив како производител на најдобрите телевизори.
Сепак ниту едно изненадување не беше поголемо од прекинувањето на доминацијата на Nokia во 2012 година. Во 2012 година Samsung стана најголемиот производител на мобилни телефони во светот. Дотогаш преземањето на првото место во продажбата на мобилни од Nokia беше незамисливо. Сепак појавувањето на iPhone 1 и првите паметни телефони, како и неколку лоши избори на Nokia придонесоа Samsung да го преземе првото место и да остане таму до денес.
Samsung произведе 93,5 милиони телефони во првиот квартал, 36% повеќе од минатата година, а Nokia „само“ 82,7 милиони. Најголемиот успех на Samsung се секако Galaxy паметните телефони кои работат на Android. Се проценува дека компанијата испорачала 44 милиони паметни телефони што ја прави најголем производител и на тој пазар.
Сепак во 2012 година Samsung ја изгуби тужбата против Apple. Apple тогаш побара оштета од 2,5 милијарди долари и го доби спорот за неколку патенти. Утеха на Samsung му беше единствено што казната беше пониска 1 милијарда долари.
Apple бара 2,02 долари од секој продаден продукт на Samsung кој го прекршува патентот со ознака 318, кој го покрива моментот кога корисникот ќе стигне до крајот на екранот и екранот ќе се врати во почетната позиција (overscroll bounce). Уште 3,10 долари мора да платат за уредите кои го прекршуваат патентот со број 915 кој се однесува на Scrolling API-то. Дополнителни 2,02 долари за патентот 163 кој ја опфаќа функционалоста „tap to zoom and navigate“. И за крај, 24 долари од сите уреди кои го прекршуваат дизајнерскиот патент.
Компанијата во еден период го преплави пазарот со тон производи, телефони, лаптопи, телевизори, принтери, фрижидери, машини за перење, и што уште не. Дури и денес Samsung има толку производи на пазарот што секако ќе заборавиме еден куп, на пример Gear VR.
Во 2018 година Samsung презема уште едно водечко место. Компанијата од Intel го презема првото место во производство на чипови. Еден од новите популарни пазари на SSD дисковите се во целосна доминација на Samsung, 30% од пазарот на сите SSD отпаѓа на нивните производи.
Иако најголем дел од нас знаат единствено за електрониката на компанијата, денес компанијата е составена од над 80 компании. Практично и не постои сектор во кои не работат, од осигурување и медицина, до градежништво и финансиски услуги.
Samsung е толку моќен во Кореја, што често се споменува дека претседателот на компанијата има поголема моќ од претседателот на државата. Компанијата често е обвинувана за корумпирање, влијание на пазарите и медиумите.