Samsung е подготвен да го стави зад себе ужасот на Galaxy Note 7. Компанијата ги претстави новите Galaxy S8 уреди, а овој пат по примерот на iPhone, Galaxy доаѓа со S8 и S8+ верзија. Samsung ветува дека новите телефони ќе бидат достапни во продажба во Европа од 28 април.
„Како што знаете оваа година беше предизвик за Samsung. Но и година полна со иклучителни лекции, тешки одлуки и важни нови почетоци“, вели Диџеј Ко (DJ Kho) на презентацијата.

Разликата помеѓу двата телефони сепак не е голема како во случајот на Apple. Galaxy S8 доаѓа со 5.8-инчен екран, а Galaxy S8+ со 6.2-инчен екран. Остатокот на хардверот е речиси идентичен кај двата уреди. Телефонот од двете страни е заштитен со Gorilla Glass 5. Читачот на отпечатоци е поместен на задната страна, а за заштита е достапен и скенер на око.
Хардвер и димензии
Хардверот на Galaxy S8 е сместен во куќиште со димензии 148,9 x 68,1 x 8,0 mm со тежина 152g. Galaxy S8+ пак доаѓа со димензии 159,5 x 73,4 x 8,1 mm и тежи 173g. Екранот и досега беше импресивен на уредите на Samsung, а овојпат е Quad HD+ со резолуција 2960×1440, (570ppi) на S8 и 529 ppi на S8+ уредот.

Процесорот во двата случаи е сличен. Осум-јадрен (2х4-јадра) 10nm процесор, Snapdragon 835. Работната фреквенција е 2,3 и 2.35 GHz при поголем товар и 1.7 и 1.9 GHz кога процесорот работи на економичните јадра. Двата уреди доаѓаат со 4GB LPDDR4 RAM и 64GB (UFS 2.1) диск.

Капацитетот на батеријата е 3000 mAh и 3.500 mAh, а батеријата може да се полни и бежично. Стандардно телефонот доаѓа со 2 камери. Главна камера: Dual Pixel 12MP OIS (F1.7) и предна камера: 8MP AF (F1.7).
Вообичаено „flagship“ телефоните од Samsung доаѓаат со куп сензори, а ова е случај и сега. Дел од сензорите во телефонот се за: забрзување, воздушен притисок, отисок на прст, жироскоп, Халов сензор, сензор за срцев ритам, сензор за близина, сензор за RGB осветленост, сензор за ирисот на окото и сензор за притисок. Дополнително за овозможување на Samsung Pay телефонот доаѓа со NFC сензор.
Телефонот доаѓа со Android 7.0 оперативен систем, но за првпат уредот ќе доаѓа со паметниот асистент на Samsung, Bixby. Компанијата во иднина ќе го додаде Bixby на сите уреди, а засега ќе може да интегрира во дел од апликациите.








