Samsung Galaxy Buds Pro – Дали зголемената цена е оправдана?

Иако компанијата ја претстави најновата итерација на нивните true wireless слушалки пред повеќе од еден месец, за Galaxy Buds Pro пишуваме сега бидејќи од неодамна истите се достапни кај нас, во Анхоч и Нептун.

Слушалките според многу се комбинација од функционалности кои ги имаа Galaxy Buds и Buds+, и дел од функционалностите на Galaxy Buds Live, кои дојдоа со малку поразличен дизајн. Но, ваквото комбинирање на дизајн и функционалности резултираше и со значително зголемена цена, која кај нас изнесува нешто над 14 илјади денари. Иако тоа е сепак поефтино од нивниот главен конкурент, AirPods Pro, кои чинат нешто над 16 илјади денари, сепак цената е драстично повисока од Galaxy Buds и Buds+ кои можеа да се најдат и за околу 8 илјади денари.

Што е ново?

Дизајн

Galaxy Buds Pro доаѓаат со дизајн кој изгледа како малку променети Galaxy Buds+. Очигледно е дека многу корисници не беа баш најзадоволни од дизајнот на Buds Live, па Samsung се вратија на проверениот дизајн, кој на многу и им лежи поубаво.

Извор: Samsung.com

Достапни се во три бои, Phantom Black, Phantom Silver и Phantom Violet, кои се направени за да одговараат со новиот Samsung Galaxy S21, и кутијата за полнење доаѓа во истата боја. Повторно го имаме оној сјаен, рефлективен слој кој е просто магнет за отпечатоци. Но, боите изгледаат феноменално.

Самата кутија за полнење доаѓа со дизајнот кој го видовме кај Galaxy Buds Live, па е малку помалку заоблена од онаа која доаѓаше со Buds и Buds+. Истата е прилично компактна, и има LED сијаличка која означува колку батерија има во самата кутија.

Она што можеби нема да им се допадне на многу е што самите слушалки се на некој начин издолжени, и не ги снемува кога ќе ги ставите в уво како со некои од другите модели. Ова значи дека е невозможно да спиете со нив, и после одредено време носење ќе треба да ги репозиционирате за убаво да стојат. Секако, од Samsung добивате и дополнителни гумчиња со кои можеби ќе постигнете слушалките да се малку поудобни.

Севкупно, дизајнот е интересна комбинација помеѓу Buds+ и Buds Live, и доколку ви одговара некоја од големините на гумчиња, истите можат да се прилично удобни, дури и при подолго носење на истите.

IPX7 рејтинг

Досегашните модели доаѓаа со IPX2 или IPX4 рејтинг, што значеше дека се океј за носење при физичка активност, и немаше да имате проблеми доколку ве фати дожд. Но, Galaxy Buds Pro доаѓаат со IPX7 рејтинг што значи дека може да бидат потопени до 30 минути, на длабочина од еден метар. Иако не би го препорачале ова бидејќи сепак се работи за скапо парче електроника, рејтингот вели дека доколку ви паднат во вода, или пак сакате да ги измиете под мек млаз вода, не би требало да имате проблем.

Извор: Samsung.com

ANC (Active Noise Cancelling)

Можеби најдолго очекуваната функционалност кај оние кои го преферираат стариот дизајн наспроти оној кај Buds Live, новите Galaxy Buds Pro доаѓаат со active noise cancelling. Микрофоните на надворешната страна работат за потполно да ја елиминираат бучавата од надвор, и според досегашните рецензии, ова работи прилично добро.

Секако, бидејќи се работи за слушалки кои се наменети примарно за секојдневно носење и употреба, фокусот на Samsung не е на ANC, па самата функционалност не е на ниво на over ear слушалки како Sony WF-1000XM4 или Bose NC 700. Иако голем дел од надворешната бучава ќе биде елиминирана, доколку истата е гласна, веројатно ќе слушате дел од неа дури и на највисокото ниво на ANC.

Оваа функционалност ќе ви се најде многу доколку ги користите слушалките за работење во канцеларија, бидејќи работи одлично со извори на звук како на пример прочистувачи на воздух или клима уреди. Но, доколку некој од вашите колеги е расположен за слушање гласна музика, за жал ќе ја слушате и вие, иако потивко.

360 Audio, Scalable Audio, Multi-Mic Recording

Слушалките доаѓаат со уште неколку интересни работи, како на пример 360 Audio, функционалност со која самите слушалки го пратат движењето на вашата глава за да создадат подлабока сцена. За жал, ова работи само со уреди кои се на OneUI верзија 3.1, што во моментов ве ограничува на новите Galaxy S21 уреди, како и Galaxy Tab S7 моделите. Функционалноста ќе биде достапна подоцна во текот на годината.

Извор: Samsung.com

Покрај ова, добивате и можност за Scalable Audio, што според Samsung значи дека ќе може да уживате во 24-bit / 96kHz квалитет дури и преку Bluetooth. Тука е и можноста да ги користите слушалките како втор микрофон при снимање видеа, што може да биде интересно.

Што станува со звукот?

Квалитетот на звукот, според Samsung и AKG е подобрен во споредба со претходните модели. За жал, ги немаме Galaxy Buds Pro на тест, па не би можеле да зборуваме за тоа дали звукот е навистина подобрен, и што тоа значи за аудио ентузијастите.

Доколку може да им се верува на бројните рецензии кои се појавија во минатиов месец, слушалките имаат релативно рамен звук на кој му фалат детали. Секако, Samsung Wearable апликацијата ви дозволува да го подесите звукот, и имате неколку предефинирани профили, но ниту еден од нив не помага да се подобри самата сцена на звукот. Ова би требало да се промени кога 360 Audio функционалноста ќе стане достапна, но останува да го видиме во месеците кои доаѓаат.

Заклучок – дали новите Galaxy Buds Pro вредат драстично повеќе од нивните претходници?

Одговорот на ова прашање е и да, и не, во зависност од тоа што точно очекувате. Доколку сте аудио ентузијаст кој сака беспрекорен звук и чистина, веројатно ниту еден модел од Galaxy Buds серијата не е за вас. Слушалките се наменети за луѓе кои преферираат слушалки богати со функционалност, и солиден звук кој е на ниво на конкуренцијата.

Но, доколку сте корисник на кој му се допаѓа дизајнот на Galaxy Buds и Buds+, и сте задоволен од квалитетот на звукот, Galaxy Buds Pro се одличен начин да се подновите и да уживате во бенефитите од Active Noise Cancelling и подобрениот квалитет на изработка, како и бројните други новости кои Samsung ги претставија.

Секако, крајната одлука останува на вас, бидејќи цената по која се продаваат Galaxy Buds Pro воопшто не е мала. Но, ако сте корисник на Samsung уреди, имајте на ум дека Galaxy Buds Pro се најдобрите true wireless слушалки кога станува збор за функционалност, па цената за многу и ќе биде оправдана.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk