Sacred 2: Fallen Angel првично излезе во далечната 2008 година и за брзо време се етикетира како врв на амбицијата и како производ со огромен, беспрекорен отворен свет, неверојатно длабоки и комплексни системи за развој на ликови и плен, и уникатен шарм кој балансираше помеѓу сериозната фантазија и апсурдната комедија. Но, слично како и производите на Bethesda, така и оваа игра беше со амбиција која е нераскинливо поврзана со нејзините недостатоци, вклучувајќи озлогласена техничка нестабилност, безброј багови и општо чувство на недовршеност.
Ваквиот спој помеѓу генијалност и технички пропусти создаде страсна заедница која, и по банкротот на оригиналниот девелопер Ascaron, помина повеќе од една деценија одржувајќи ја играта во живот, нешто што највеќе се огледа од таканаречниот Community Patch – закрпа која ја поправи и стабилизираше играта до степен до кој самите креатори никогаш не успеаја.
Како што можеби знаете, од неодамна издавачот THQ Nordic ја исфрлија Sacred 2 Remaster. Пред да излезе играта, студиото ветуваше бројни модерни додатоци и исправки, обединувајќи ги и сите експанзии од една појдовна точка. Она што се очекуваше во изданието е серија од подобрени текстури, пофлуидна борба, модерен кориснички интерфејс и, што е најважно, исправки кои доаѓаат од заедницата и подобрена стабилност. Дали е ситуацијата навистина таква?

Приказната на Sacred 2 се одвива во пространиот и визуелно разновиден свет на Анкарија. Т-Енергија е мистична сила која некогаш била извор на живот и просперитет, но сега станала причина за хаос и корупција. Вие сте фрлени во овој конфликт, со можност да изберете една од двете големи кампањи поврзани со светлината и сенката. Имено, кампањата поврзана со патот на светлината ви дава за задача да ја стабилизирате т-енергијата и да го вратите редот во светот. Патот на сенката, од другата страна, ве принудува да ја искористите хаотичната енергија за лична моќ и доминација.
Вистинската длабочина на играта, меѓутоа, отсекогаш лежела во нејзините механики. Sacred 2 е акционо RPG со масивен обем. Секоја од уникатните има пристап до повеќе дрва на вештини, кои содржат огромен број на борбени вештини. Овие вештини не се подобруваат само со поени, туку и со собирање руни, кои можат да се коваат и модифицираат за да се создадат длабоко специјализирани билдови. Паралелно со ова, ќе наидете на сложен систем за изработка и можност за создавање на комбинации од вештини кои ги проверувате низ илјадници мисии и преку стотици непријатели, откривајќи, притоа, и бројни скриени тајни.

Од визуелен аспект, точно е дека имате подобрени текстури, но, по детално анализирање, таквите текстори оставаат сомнителен впечаток, како да се обработени со вештачка интелигенција и, некако, оставаат впечаток да не се толку поразлични од оригиналната Sacred 2 Gold верзија кога е потпомогната од Elite Textures пакетот. Онаму каде што римастерот навистина сјае е во поглед на view distance, иако, за жал, отстранети се Nvidia PhysX ефектите. Оригиналната игра ја користеше оваа технологија за да создаде динамични честички, како што се лисја што летаат на ветрот, честички од магии и други атмосферски детали. Нивното отсуство видливо го прави светот на римастерот да се чувствува постатично.
На почетокот, римастерот не успеја ни премногу добро да излезе на крај со чести падови, лоши перформанси, проблематично сочувувања на играта и ред други багови. Јасно е дека новото студио се има мачено со кодот, но последователните закрпи помагаат да се дојде до подобро искуство, со ветување дека дополнителни, идни закрпи ќе допринесат до уште подобро функционирање.

Тоа не е крај на главоболките и во одделот со битките нема да наидете на новитети. Соочувањата оставаат впечаток на бавни и несмасни интеракции и доцнење на командите, имате намалување на слотовите, одстранување на лебдечките прозорци и дополнителни работи кои предизвикуваат револт кај гејмерите, особено кај PC играчите, на кои навистина им недостасува супериорниот кориснички интерфејс.
За да бидат работите уште полоши, одстранети се и основни режими на игра и карактеристики кои беа составен дел од оригиналниот Sacred 2 Gold. Па така, нема да најдете ниту Free Game, ниту couch co-op. Паралелно со ова, оригиналните лобија за пребарување игри се заменети со систем само со покани, а функционалноста за PvP и менито за тргување во играта се целосно исчезнати. Ваквото остранување прави да сакате да се вратите на закрпите на заедницата кои прават само така Sacred 2 да е објективно вистинскиот римастер. Sacred 2 Gold + Community Patch дефинитивно се истакнува како постабилно, поцелосно и попријатно искуство.

Поради сите овие работи, лесно е да помислите дека Sacred 2 Remaster не е триумфално враќање, туку еден вид разочарувачки де-мастер, производ кој модернизира од една страна, но хирушки остранува од друга. Искрено, ни недостасуваат клучните атмосферски ефекти како PhysX, локалниот co-op и ендгејмот кој се испорачуваше со Free Game режимот. Sacred 2: Fallen Angel останува огромен, уникатен и привлечен акционен RPG, но на римастерот од 2025 година уште треба да се работи. Искрено се надеваме дека студиото никако нема да крене раце од него и ќе продолжи да работи за да понуди продукт кој ќе биде објективно посупериорно, постабилно и поцелосно искуство на оригиналнотото искуство и закрпата на заедницата.








