Повозрасните читатели веројатно со носталгија се сеќаваат на платформата Napster. Платформата на почетокот на двеилјадитите години, овозможуваше споделување на дигитална музика преку P2P во период во кој немаше широко распространети торенти. За голем дел од корисниците ова беше наједноставен, а некогаш и единствен начин да дојдат до нова музика. Минатата недела Napster се врати, но за жал единствено како име/бренд.
Метаверзум стартап-компанијата од Флорида, Infinite Reality, се ребрендираше во Napster Corporation. Ова доаѓа откако стартап компанијата го купи брендот и стриминг сервисот Napster за 207 милиони долари во март оваа година. Во времето на купување, Napster имаше насобран долг за тантиеми во висина од 56 милиони долари.
Infinite Reality им вети на своите 1500 акционери можност за исплата на акциите по цена од 20 долари по акција почнувајќи од јуни. Ова наведува на вреднување од најмалку 18 милијарди долари и покрај тоа што минатата година остварија приход од едвај 75 милиони долари. Ова е четврти пат од 2022 година компанијата (под различни имиња) да ветува ликвидност на инвеститорите, но претходните обиди пропаднаа. Најновиот план вклучува анонимен инвеститор претставен од брокерската куќа Cova Capital, Брокерската куќа неодамна беше казнета од регулаторните тела.
Што е новиот Napster и зошто го користи тоа име?
Новиот Napster (Napster Corporation) е всушност ребрендирана компанија претходно позната како Infinite Reality. Тие го купија името и остатоците од музичкиот стриминг сервис Napster. Единствена причина за користење на името Napster е да се искористи препознатливоста на брендот кој беше пионер во peer-to-peer споделувањето фајлови, иако Шон Паркер (еден од ко-основачите на оригиналниот Napster) повеќе не е поврзан со него.
Иако Napster е препознатливо има новиот Napster нема никаква врска со претходниот. Новиот Napster е провајдер на „дигитални искуства поврзани со вештачка интелигенција“ (AI-powered digital experiences), пишува Forbes. Ова е промена од претходниот фокус на Infinite Reality кој беше метаверзумот, како и од стриминг сервисот за музика каков што беше Napster пред да банкротира и да биде купен. Сè уште не е сосема јасно кои конкретни производи или услуги ќе ги нудат под оваа нова визија, но акцентот е на вештачка интелигенција.
Napster: Што беше и зошто престана да постои?
Оригиналниот Napster e сооснован во 1999 година од Шон Паркер, Џон Фенинг и Шон Фенинг. Bеше револуционерна peer-to-peer (P2P) апликација за споделување фајлови, првенствено фокусирана на MP3 музика. Таа им овозможи на милиони корисници лесно да споделуваат и преземаат музика бесплатно, создавајќи огромна онлајн заедница. На својот врв на популарноста, Napster имаше околу 75 милиони корисници.
Napster престана да постои во својата оригинална форма поради масовно кршење на авторските права. Музичката индустрија, предводена од големите издавачки куќи и Здружението на американската индустрија за снимање (RIAA), поднесе бројни тужби против Napster. Судовите пресудија во корист на носителите на авторските права, наредувајќи му на Napster да го спречи споделувањето на материјал заштитен со авторски права. Ова доведе до негово затворање и прогласување банкрот во 2002 година. Името и брендот потоа беа купувани од различни компании (Roxio, Best Buy). Брендот се појави неколку пати, најчесто како легален сервис за стриминг музика (конкурент на Spotify). Во март оваа година брендот беше купен од Infinite Reality и сега ребрендиран со фокус на вештачка интелигенција.







