Google I/O 2025: AI револуцијата на Google е тука (пак)

Калифорнија минатата недела уште еднаш беше сведок на Google I/O. Последните неколку години ова не е само редовна конференција за програмери и ентузијасти. Конференциите на Google и Open AI ја обликуваат и иднината на вештачката интелигенција. Според дел од процените Google презентирал над стотина најави низ различни сегменти од нивниот екосистем – од Search и Android, до Workspace и хардверот. Пораката е јасна: „Google нема лесно да се откаже од борбата за тронот на вештачката интелигенција“.

Она што беше интересно оваа година е присуството и на Сергеј Брин. Тој откри дека секој ден доаѓа во канцеларијата за да работи на вештачка интелигенција.

Освен ова, презентацијата делуваше и на тест , во кој Google ќе претстави што е можно повеќе работи, а на крај ќе ги задржи оние за кои има најмногу интерес.

Збогум Google Assistant добредојде Gemini

Google веќе подолг период се подготвува за пензионирање на актуелната верзија на Google Assistant. Компанијата полека, но сигурно го менува со Gemini. Овој пат Google го позиционира како многу повеќе од обичен помошник. Gemini Live е веројатно најхрабриот чекор во таа насока. На некој начин станува збор за интелигентен соговорник кој преку паметниот телефон гледа, слуша, разбира, па дури може и да дејствува. Ова е ново, надградено, издание на минатогодишниот Project Astra. Ќе може да пребарува по интернет, да прави повици и да собира информации, сѐ преку природен разговор. Малку е морничаво што постојано ќе бидете потсетувани дека Gemini постојано собира податоци за вас.

Преку Personalized Smart Replies Gmail ќе може да го научи стил на пишување на корисникот од сите негови мејлови, документи, па дури и белешки. Потоа ќе може да генерира одговори кои звучат како да ги напишал корисникот. Ова потоа ќе му помогне да пишува подобри одговори наместо само да одговараме со „да“ или „не“. Директорот на Google Сундар Пичаи, во шега вели дека ова му помага „да биде подобар пријател“ одговарајќи на пораки кои инаку би ги игнорирал.

За жал, оваа интелигенција не доаѓа бесплатно. Google направи промени со своите претплатнички модели. Досегашниот AI Premium од 20 долари сега е Google AI Pro. Според најавата ќе има поограничени функции за истата цена. За целосното AI искуство со Google AI Ultra ќе бидат потребни 250 долари месечно. Намалувањето на можностите на актуелниот модел и цената од 250 долари за претплата е безобразен потег. Дали ова ќе и се исплати на компанијата или ќе му помогне на Open AI да привлече повеќе корисници ќе видиме во иднина. Сепак, храброста да се позиционира со цената над OpenAI покажува дека Google верува оти иднината на премиум AI има своја (прилично висока) цена.

Jules, Imagen 4, Veo 3 и Flow

За креативците и програмерите, I/O донесе мешавина од возбуда и страв. Компанијата претстави алатки како Jules. Опишан како „асинхрон агент за кодирање“, Google ветува дека Jules може да претвори скица од салфетка во функционален код, или во детална илустрација. Генераторот на слики Imagen 4 може да создава уште подобри слики и прилагоден текст, додека Veo 3 за видео, е наменет за пореални анимации со подобро разбирање на физиката.

Клучно место во овој сегмент има Flow, алатка наменета за создавање видеа со помош на вештачка интелигенција. Идејата е едноставна, и сме ја виделе досега. Корисниците внесуваат фотографии, илустрации или само текст описи. Потоа Flow ќе ги анимира во видео сцени. Демото и најавата се интересни, но на моменти се забележува дека сме сè уште во раните денови на оваа технологија. Во моментов најинтересно прашање за креаторите е  дали овие алатки ќе ги демократизираат креативните процеси или ќе ги редефинираат до  непостоење на одредени професии.

Најава за промени во Google Search

Со години Google Search е столбот на Google. Овој пат, Google најави целосен редизајн со вештачка интелигенција. Лани ги видовме AI Overviews. За жал ги запомнивме по тоа што беа мета на критики поради неточности, халуцинации, па дури и плагијати. Google сега го заменува со AI Mode. Оваа функционалност, е достапна како посебен таб и за почеток ќе пристигне во САД. AI Mode треба да одговори на покомплексни прашања на разговорен начин. Дали ова ќе го подобри квалитетот на одговорите ќе дознаеме наскоро.

Функционалноста на AI Mode не завршува тука. Ќе биде и нов шопинг асистент, со можности за „виртуелно пробување“ облека и AR визуелизација на мебел, директно на локацијата во која ќе се постави. Овие функции се сè уште во експериментална фаза, но јасно ја покажуваат насоката. Пребарувањето станува поинтерактивно, поперсонализирано, и  уште еден канал за комерцијализација.

Поглед во иднината низ паметни очила

Во овој сегмент Google не е осамен. Целиот технолошки свет е опседнат со паметни очила. Нивните Android XR напори се фокусираат како на целосни уреди за мешана реалност, но и на потенки очила кои наликуваат на секојдневните. Демонстрацијата во живо покажа AR приказ на пораки и мапи директно во видното поле. Дел од ова веќе го имаме видено, но определбата на Google сега останува цврста зад проширената реалност.

Прототипите изгледаа дискретно, иако веројатно очекувано се малку поголеми од стандардните очила. Партнерствата со дизајнерски куќи како Gentle Monster и Warby Parker, како и растечката заедница на програмери, навестуваат дека Google е сериозен во намерата овој пат да успее таму каде што потфрли со Project Glass.

Првите вакви очила ќе бидат Project Moohan на Samsung о излегуваат подоцна годинава.

Алатки за програмери и платформски новости

Иако Gemini беше главна ѕвезда, I/O донесе и низа алатки за програмерите. Stitch има за цел да го олесни дизајнот на UI, додека Android Studio добива помош од AI, преку функции како „Journeys“ и „Agent Mode“. Gemma 3n е нов модел дизајниран за ефикасно работење на самите уреди, а Project Mariner продолжува да се развива како AI агент за извршување веб-задачи.

The Android Show, донесе новости како подобрени начини за наоѓање изгубени уреди и новиот дизајнерски јазик Material 3 Expressive. Wear OS 6 добива надградба, Google Play ќе доаѓа со нови алатки за монетизација, а Beam 3D (порано Starline) ветува поимпресивни 3D видео-конференции.

Fire Sat, сателитски систем за рана детекција на пожари

Кон крајот на презентацијата, Google се осврна и на климатските промени, најавувајќи го Fire Sat. Ова е сателитски систем/соѕвездие за рано детектирање шумски пожари. Дополнително Google не потсети и на нивниот сервис за достава со дронови, Wing и најави дека ќе го зголемат неговото користење во иднина, пишува Wired.

Google I/O 2025 потврди дека компанијата е целосно фокусирана на вештачката интелигенција. Gemini ќе биде темел на новата Google филозофија. Оваа визија отвора врати кон неверојатни можности, но истовремено покренува и сериозни прашања за приватноста, иднината на работата, и цената која на крај ќе ја платиме за оваа паметна револуција.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk