По години пасивност, МАРнет конечно ги сокри личните податоци на WHOIS и најави брза имплементација на DNSSEC. Новиот директор на МАРнет, Владислав Бидиков, најави дека 2026 година ќе биде пресвртна точка, во која оваа „заспана“ институција се обидува да фати чекор со европските стандарди. Во следните 5 години неговиот фокус во МАРнет ќе биде насочен кон: зајакнување на националната сајбербезбедност; унапредување на дигиталната инфраструктура и продлабочување на соработката помеѓу сите универзитети во Македонија.
Со Бидиков разговаравме за имплементација на DNSSEC, заштита на приватноста, целосна дигитализација на услугите, и отворање на системите преку API за девелоперската заедница.

Доаѓате на чело на МАРнет во период кога се чини дека работите конечно се придвижуваат. Кој е Вашиот главен приоритет за 2026 година?
Главен приоритет за 2026 е МАРнет да ги стабилизира своите капацитети (човечки и технички) за да може да се фокусира на неговите две главни области на работа – врвните домени .mk / .мкд и поврзувањето на институциите на европската истражувачка мрежа преку воведување на дигитализација на процесите и услугите. Попатно, оваа 2026 година пред нас се и низа на помали административни активности кои потекнуваат од „заспаноста“ на институцијата последните 3 години и потребите за нејзина реорганизација согласно законските промени и потребата МАРнет да стане модерна институција фокусирана на дигитализација.
МАРнет со години се доживуваше како помалку „заспана“ институција. Како планирате да ја вратите довербата кај ИТ заедницата и кај регистрантите?
За оние кои лично ме познаваат во заедницата последниве 15+ години, веќе им е јасен процесот на работа и темпото со кое ги преземам предизвиците во проектите кои ги работам. Со оглед на обемноста на активностите кои се планирани за 2026, неминовно ќе биде МАРнет да се трансформира во модерна институција која ќе се фокусира на обезбедување на целосно дигитални услуги. Со помош на универзитетите, зaедницата, меѓународните партнери и најмногу пар талентирани студенти – започнат е целосно нов циклус на техничка револуција со цел да креираме одлична основа за раст и развој во следниот период.
Долго време македонскиот WHOIS беше „отворена книга“ за личните податоци на регистрантите. Што беше клучниот поттик токму сега да се направат овие промени и како тоа влијае на безбедноста на корисниците?
Новиот правилник за управување на домените донесен на крајот на 2024 година, а потоа и новиот Закон за безбедност на мрежи кој ја отсликува NIS2 директивата донесен во јуни 2025 година овозможија правно овој процес да може да се одвива поефикасно. Така, со стапувањето на сила од јануари 2026, се креираа услови МАРнет на ефикасен начин да ги усогласи интерните процеси за да може да се имплементира целосно ново техничко решение изработено специјално за нашите потреби, кое и покрај тоа што не го нарушува функционирањето на WHOIS системот, целосно гарантира безбедност на личните податоци и усогласеност со македонското законодавство и меѓународните стандарди.
Дали планирате дополнително прикривање на податоците во иднина?
Во моментов нивото на прикривање на податоците е максимално можно согласно законската регулатива и препорачаните технички стандарди. Сметам дека треба да помине одредено време и потоа да направиме анализа дали и во која мера е потребно евентуално менување на сетот на податоци.
Во тек е надградба на ФРЕД системот. Кои се најголемите придобивки што обичниот корисник ќе ги почувствува по оваа модернизација?
Надградбата на ФРЕД системот, кој е срцето на процесот на ефикасно и квалитетно управување со македонските врвни домени .mk и .мкд треба да овозможи МАРнет и неговите партнери регистраторите да може да даваат поквалитетни и технолошки понапредни услуги. Освен технолошките подобрувања кои ќе го направат системот побрз, надградбата ќе овозможи и воведување на одредени технологии кои ќе овозможат зголемена безбедност на самиот систем и функционирањето на ДНС системот како целина. Надградбата на системот, а потоа и процесот на усогласување на интеграцијата на ФРЕД системот со системите на регистраторите согласно прецизните процеси и процедури ќе бидат основа за конечна имплементација на DNSSEC како клучен чекор оваа година.

Најавена е имплементација на DNSSEC до крајот на годината. Можете ли на едноставен јазик да ни објасните зошто ова е клучно за интегритетот на македонските домени и заштитата од напади?
Имплементацијата на DNSSEC треба да овозможи сопствениците на домените преку своите хостинг партнери да може да гарантираат дека интегритетот на записите во „именикот на интернет“ се непроменети и безбедно пристигнале го крајниот нивен корисник односно посетителот на соодветните веб ресурси (најчесто веб страна).
DNSSEC заедно со TLS (односно пристапот преку https:// кон одреден веб ресурс) се двата фундаментални протоколи кои гарантираат за безбедноста, интегритетот и приватноста на комуникацијата преку глобалната интернет мрежа. Двата протоколи користат напредна криптографија за да ја исполнат нивната цел и тоа ги прави од една страна доста технолошки предизвикувачки за сопственикот на доменот, но од друга страна важни за безбедноста на крајниот корисник (посетителот) на една веб локација или сервис. Токму затоа, имплементацијата на DNSSEC е многу битна за сите сектори во процесот на дигитализација, со акцент на телекомуникациските услуги, банкарскиот сектор и критичната инфраструктура.
Што треба да се направи за подобрување на состојбите. Потребна ли е поширока соработка со ИТ медиумите, девелоперите и стопанството?
Потребно е многу заедничка работа во екосистемот, главно бидејќи секој од вклучените актери има различна функција и потребно е многу соработка и координација за да овој процес е успешен. Плановите на МАРнет како институција за 2026 се значајни – и нивната реализација зависи од многу елементи (административни, правни, финансиски, човечки ресурси) кои мораме да ги сработиме како институција. Сепак, за да оваа динамична агенда успее мораме да соработуваме сите заедно.
Регистраторите (моментално се 18 на број и се со доста различни големини во однос на бројот на домени за кои се одговорни) се нашите главни партнери во презентирањето на услугите пред заедницата односно физичките лица и стопанството. МАРнет крајните услуги може да ги нуди само на државните институции и затоа квалитетната соработка со регистраторите и нивната желба и визија за имплементација на технологија и дигитализација е императив за да може да видиме напредок.
Изминатите години поради „заспаноста“ на МАРнет и одредена пасивност на регистраторите (за која сѐ уште лично се обидувам да ја најдам причината) иако правно сите услови за целосна дигитализација на услугите била присутна скоро пред 2 години – многу малку сме се придвижиле напред. Мислам дека темпото со кое МАРнет ќе ги дигитализира услугите кон државните институции како и можноста да им обезбеди на регистраторите дополнителни сервиси за полесно иновирање и имплементација на дигитални услуги, ќе донесе значително олеснување во користењето на услугите за домени.
Во реализацијата на овој пат сѐ не е розово и овој процес главно зависи од целиот екосистем. Регистраторите треба да ја видат потребата за дигитални услуги од крајните корисници односно стопанството. Ова потоа треба да креира еден циклус на иновација за регистраторите да ги применат достапните технолошки алатки кои ги обезбедува стопанството со цел полесна идентификација на корисниците, ефикасни начини на плаќање, на крај девелоперите се главниот катализатор за овие идеи да се реализираат преку квалитетна имплементација.
Секако, целата оваа „дигитална бајка“ не може да успее без масовна едукација на населението, нешто што не може без медиумите и нивната способност овие технолошки теми во тесна соработка со академската заедница, да ги пренесат до сите корисници. Овде морам да ја потенцирам потребата медиумите значително да вложат во квалитетно пренесување на информациите кои академските институции ги креираат од областите на сајбер хигиената и особено заштитата на најмладите од ризиците кои ги носи интернет просторот.

Кои се плановите за иднина? Дали планирате воведување на нови типови домени или можеби поедноставување на процедурите за регистрација за нови стартапи и мали бизниси?
За мене ова е секогаш најтешкото прашање – особено кога ќе ме прашаат и трeбa да направам дистинкција во однос на тоа што планира институцијата МАРнет, а што дополнително лично сметам дека треба да се направи. Со оглед на тоа дека тековната година, МАРнет постави неколку клучни теми најмногу поврзани во стабилизација на самата институција, градење на капацитети, активна работа со Универзитетите и нивно подобрено поврзување и секако имплементација на технологии како DNSSEC, би рекол дека после еден изминат квартал имаме сосема доволно испланирано како МАРнет. Ако потоа длабински се погледне 5 годишната програма со која ја добив поддршката од Управниот одбор на МАРнет, може да се заклучи дека следниот период ќе биде исполнет со многу новини. Со оглед на фактот дека реализацијата на сите овие планови зависи од заедничката работа на целиот екосистем, сметам дека пред нас се многу динамични и интересни времиња. Во однос на воведувањето на нови типови домени, секако ќе предводи процес на квалитетна анализа на пазарот за да се види ефектот и процесот на дигитализација и потоа евентуалната потреба од нови типови на домени. Во однос на процедурите за регистрација за нови старапи и бнизниси, мислам дека енергијата и агилноста која ја донесов во МАРнет почна да ги мотивира Регистраторите да се фокусираат во дигитализација и поедноставување на услугите за домени према корисниците по принципот на „one stop shop“. Лансирањето на нови алатки со кои МАРнет ќе помогне во развојот на дигитализацијата и кои треба да се основата на кои Регистраторите треба да ги градат своите решенија и системи продолжува – после велигденските празници ќе биде офоцијално лансиран и порталот за алатки – tools.marnet.mk кој треба дополнително да помогне во техничките предизвици со кои се среќаваат корисниците на .mk/.мкд домени. Она што можеби тивко се промовира преку порталот, а е критично за полесна имплементација на идните технологии лежи во фактот дека сите овие алатки имаат целосно достапно API за поврзување и интеграција кои може да биде искористено од Регистраторите, но и поширокиот екосистем на девелопери.
Дигитализацијата на услугите на МАРнет кон Регистраторите веќе е започната – фактурите се целосно дигитални, а наскоро и целосно автоматизирани – што треба да ослободи значителен човечки капацитет во институцијата. За државните институции веќе сме во процес на имплементација на систем за лесно преземање на нивните фактури и алатка за промена на DNS записи, како основа за подоцнежната имплементација на DNSSEC. Во однос на крајните корисници (правните и физички лица) започнавме со активности единствениот документ кои МАРнет го нуди према сопствениците на домени т.н Потврда за домен да може да се добие веднаш дигитално преку порталот за услуги на МДТ uslugi.gov.mk на едноставен начин со плаќање веднаш со кредитна картичка.
На мојата интерна мапа на активности и сервиси има уште пар планирани активности, но ќе оставам некоја следна прилика да ги презентиран истите, особено што веќе сме фокусирани на започнатите активности во следниот период.







