Долго очекуваниот наслов од полското студио Creepy Jar, насловен како StarRupture, од неодамна конечно пристигна на Steam, но како дел од нивната програма за Ран пристап. Играта ни доаѓа од истите развивачи кои претходно станаа познати по нивниот survival хит, Green Hell. Додека нивниот претходен проект беше фокусиран на микро-менаџмент на здравјето и реалистично преживување во џунгла, StarRupture амбициозно цели кон похрабар, хибриден жанр. Играта комбинира елементи на изградба на бази во отворен свет, напредна автоматизација на индустриски системи и борба од прво лице. Наместо комплексна и впечатлива борба против глад, жед и секакви болести, StarRupture ви наметнува борба за одржување на комплексна инфраструктура на планета која е на работ на уништување.

Во StarRupture клучната задача е екстракцијата и управувањето со ресурси. Вие сте фрлени во непознат и динамичен свет каде што целта е ем да се изгради засолниште, ем да се воспостави софистициран индустриски систем. Под индустриски систем се дефинитивно подразбира изградба на машини кои автоматски ќе извлекуваат руда, ќе ги обработуваат суровините и ќе произведуваат добра неопходни за проширување на вашето sci-fi царство. Напредувањето е директно врзано со отклучување на нови технологии, овозможувајќи ви да креирате поефикасни производни линии. StarRupture е една од оние игри кои не ве тера сите овие работи рачно вие да ги вршите. Напротив, горе-споменатите процеси се автоматизирани, од вас се бара само стратешко планирање на базата. И нешто повеќе од тоа.

Градба подеднакво важна како и борба
Борбата е составен дел од искуството во StarRupture. Доколку сакате да го сочувате тоа што ќе го изградите, тогаш е потребно и да се браните од орди на агресивни вонземски суштества. Покрај непријателите, самата планета претставува закана и преку екстремни температурни промени и повторливи катаклизми кои го менуваат теренот. StarRupture се одликува со забавен и интригирачки циклус на уништување и повторно раѓање на светот, барајќи постојано да се адаптирате и да истражувате нови локации и тајни што се откриваат по секоја катаклизма.

Иако играта може да се игра соло без никакви проблеми, StarRupture става силен акцент на кооперативната игра. Поддржан е мултиплеер режим за најмногу четири играчи. Поголема бројка овозможува поделба на одговорностите – додека еден играч се фокусира на оптимизација на рударските машини, другите можат да се посветат на изградба на одбранбени периметри или истражување на нови биоми. Како што напоменавме, играта е во Ран пристап, но кооперативниот режим е веќе функционален и овозможува заедничка изградба и борба. Целата игра е исклучително стабилна и со доволно комплексни и паметно интегрирани механики, со солидна основа со поголемиот дел од планираните механики за изградба, борба и истражување. Дури и да ја играте во оваа незавршена форма, шансите се дека ќе имате пријатно и незаборавно искуство. Creepy Jar најавија дека целосната верзија ќе вклучува повеќе биоми, поразновидни непријатели и, што е најважно, соодветен end gamе кој ќе биде заслужен за константно навраќање.

StarRupture претставува интересен спој на жанрови кој се обидува да ги задоволи и фановите на логистички симулации и оние кои уживаат во акциони survival игри. Во моментов, содржината можеби се чини ограничена во споредба со она што е планирано за финалното издание, но основните системи на рударење, изградба и борба функционираат кохерентно. Насловот нуди голем потенцијал и, знаејќи колку добра работа направи студиото со првиот наслов, сигурни сме дека и StarRupture е на добар пат.











