На Македонија и е потребна SaaS (Software-as-a-service) заедница, а според SaaS ентузијастот Анастас Петровски, создавањето на истата е негова лична, но и професионална мисија.
Во регионот веќе постојат вакви иницијативи, а како најактивни заедници се издвојуваат оние во Србија и Хрватска, под заедничкото име SaaStanak. Сега, целта на Анастас е и Македонија да стане дел од ова регионално движење.
“Мотивот потекнува од мојот интерес за SaaS моделите и потребата за дружење со истомисленици. Почувствував дека само конзумирам информации од оваа област, а немам со кого да ги споделам во мојата околина. Припадноста е климава во новата ера, а е многу битна работа за секој човек. Физичките дружења се важни, поважни од неколку лајкови на LinkedIn. Имањето можност да споделиш и слушнеш за искуства на луѓе кои работат нешто слично на твоето е бесценето. Врските и конекциите во многу случаеви знаат да бидат најбитни во работата,“ вели Анастас за ИТ.мк
Според него, заедницата би имала две цели: примарна цел е да се создадат нови познанства кои ќе отворат можности за соработка и размена на знаења.
“Дополнително како дел од SaaStanak организацијата да да ги презентираме Македонските SaaS компании надвор од нашите граници за да добиеме нови идеи и пристапи кон слични проблеми,” појаснува тој.
Секундарната цел е заедницата да поттикни формирање на повеќе SaaS компании во Македонија.“Звучи големо и далеку, но со афирмирање на овој модел и компаниите кои кај нас работат на сопствен производ сметам дека постојат реални шанси да се влијае на транзицијата – од генерално услужен и зависен ИТ сектор кон поголем продуктен ИТ сектор во Македонија. Не сакам премногу да очекувам, сакам да ја тестирам тезата дека е ваква заедница е потребна во Македонија. Успешноста ќе зависи од вредноста што членовите ќе ја донесат на самите средби. Верувам дека заедницата ќе биде успешна приказна,” потенцира Анастас.
Во продолжение го пренесуваме и неговиот авторски текст на темата зошто на Македонија и е потребна една ваква заедница.
Создавање SaaS заедница во Македонија
ИТ екосистемот на Југоисточна Европа со ретки исклучоци долги години се базира на Услужна / Контрактна форма на работа. Замислете компании од типот на Taskforce / Valtech/ Netcetera / Interworks — компании кои продаваат услуги и решенија кои решаваат специфични проблеми на клиентите.
Ваквиот модел на работа веќе се менува и се повеќе агенции преминуваат во креирање на сопствени производи (from contracting to product-based businesses). Доминантен модел на оваа транзиција е SaaS бизнис моделот.
Надежно, Македонија ќе се приклучи посилно на овој тренд, а за тоа да е полесно со план сум да ги здружам основачите, продавачите и менаџмент тимот на овие компании на пица и пиво дружења.
Зошто баш јас?
Не поседувам никакви специјални предиспозиции освен интересот за технологија и продажба. Сум бил дел од SaaS заедница што прва се прошири на Југоисточна Европа. Помагав на љубљанскиот SaaStock Adriatic каде Никола од ЕmbedSocial и Никола од Heyreach гостуваа на подкастот како основачи на SaaS бизниси. Приказната продолжи во формирање на SaaS заедница во Загреб и Сараево.
Неколку години подоцна се преселив во Македонија каде ја имам потребата од дружење со луѓе од оваа област. Имам опција да чекам некој друг да ја покрене иницијативата или да се обидам јас.
Зошто SaaStanak а не нова фб група Здружение на луѓе кои работат во SaaS идустријата во МК?
Цело знаење се крие во луѓето, но реализацијата на тоа знаење е единствено можна со соработка. (Ова го научив на потешкиот пат, и не е преведена поговорка од интернет :))
Од пред три години постои заедница со име SaaStanak која отпочна во Загреб, а сега е проширена во 10 градови во Југоисточна Европа. Можноста македонската иницијатива да е дел од организацијата SaaStanak експоненцијално ги зголемува шансите за учење и соработка со останати компании од регионот.
Компании кои во некои работи се пред нас и имаме што да научиме од нив, но и да ги презентираме одличните примери што доаѓаат од нашето поднебје.
Поддршка за остварување на оваа заедница добив од тимот на Startup Macedonia и дечките од it.mk кои ќе помогнат со својата долгогодишна експериза на пазарот.
Бенефити за заедницата
Заедницата и средбите немаат котизација и стриктно членство. Имаат само заеднички придобивки за компаниите кои ќе бидат дел од истата. Неколку придобивки се:
- Афирмирање на брендот / работодавачот
- Споделување знаење и меѓусебно помагање
- Едукација на менаџерскиот тим и основачите
- Наоѓање на врсници и своја заедница
- Градење на персонални брендови на дел од тимот
Драго ми е ако стигнавте до овде. Ако познавате некој што работи на SaaS производ испратете го овој текст кај него.
Првиот настан е планиран да се случи втора половина на Мај во Скопје, а првата СааСтанак конференција во Загреб на 11 -12 Јуни.







