Медиумскиот гигант Guardian (Guardian Media Group (GMG)) и OpenAI објавија стратешко партнерство. Партнерството ќе овозможи корисниците на ChatGPT да ги читаат новинарските текстови од Guardian и The Observer директно како податоци во ChatGPT.
„Ова ново партнерство со OpenAI ги одразува правата на интелектуална сопственост и вредноста поврзана со нашето наградувано новинарство, проширувајќи го нашиот досег и влијание на нова публика и иновативни платформски услуги.“ вели Кит Ундервуд, главен финансиски и оперативен директор на Guardian Media Group
Податоците ќе се појавуваат со извадоци од текстовите и краток опис. Според договорот, вестите и архивираните написи на Guardian ќе бидат достапни како извор на вести во рамките на ChatGPT. Корисниците на ChatGPT ќе можат да пристапат до релевантни и веродостојни информации директно на платформата. Ова е значителен чекор за зголемување на видливоста на Guardian во ерата на вештачка интелигенција. Договорот ќе овозможи стигање до нова публика, која ги користи новите иновативни платформи за да се информира.
Guardian од друга страна ќе добие ChatGPT Enterprise верзија. Компанијата ќе го користи за да развие нови производи, функции и алатки. Ова ќе им овозможи на новинарите, но и на целиот тим на Guardian да ја искористат моќта на вештачката интелигенција за да ја подобрат својата работа, да креираат содржини и да ги задоволат потребите на читателите во ерата на дигиталната трансформација.
Објавата за стратешко партнерство доаѓа една година откако Guardian го објави својот пристап кон вештачката интелигенција, фокусиран на обезбедување дека секое користење на генеративна вештачка интелигенција е под човечки надзор и дека е во корист на читателите, бизнисот и пошироката мисија на медиумот, пишува Guardian во својата објава. Внимателниот пристап кон користењето на вештачката интелигенција продолжува и во иднина. Guardian Media Group ќе продолжи да бара договори со постоечки и нови бизниси за да обезбеди фер компензација и атрибуција за својата работа.
„Нашето партнерство со Guardian Media Group ја унапредува нашата цел да го поддржиме новинарството од светска класа и го збогатува искуството на ChatGPT со обезбедување пристап до релевантни, навремени вести. Тоа е дел од нашата севкупна стратегија да им помогнеме на издавачите и публиката да имаат корист од напредната технологија за вештачка интелигенција.“, додава Бред Лајткеп, директор на операции во OpenAI.
Соработката е корисна за двете страни. Од една страна ќе му овозможи на OpenAI да го подобри својот производ со квалитетна содржина. Guardian ќе допре до поширока публика, но и ќе добие пристап до куп нови алатки. GMG е најновиот издавач кој соработува со OpenAI. Креаторот на ChatGPT ја започна оваа соработка во 2023 година кога потпишаа договор со Associated Press.







