3во1: Rocket Squad: Infinity, XENOBREAKERS и Asterigos: Call of the Paragons

Ако сте во потрага по нешто свежо за играње, можеби некое буџетско издание или пак постаро DLC, тогаш дозволете ни да ви претставиме три наслови од светот на дигиталната забава кои би можеле да го привлечат вашето внимание.

Како прво, доколку сте отворени за испробување игра која сè уште се развива и е достапна во ран пристап на Steam, тогаш би можеле да навлезете во динамичната ко-оп акција што ја нуди Rocket Squad: Infinity, при што ги здружувате силите со пријателите и заедно да се соочувате со разни предизвици!

Од друга страна, ако повеќе сте наклонети кон соло искуство кое е целосно фокусирано на стратешка одбрана од мноштво непријатели преку изградба на одбранбени кули, тогаш наша препорака би била да го разгледате XENOBREAKERS: Classic Tower Defense. Овде, клучот лежи во внимателното планирање и поставување на кулите за да го издржите налетот на непријателите.

И конечно, за сите оние кои ја следеа и им се допадна нашата рецензија за Asterigos: Curse of the Stars, би сакале да го насочиме вашето внимание кон дополнителната содржина Asterigos: Call of the Paragons. Сепак, би ве советувале да почекате да се појави на значителен попуст пред да се одлучите за ова проширување.

Rocket Squad: Infinity

Rocket Squad: Infinity е динамична пукачка игра од прво лице која го става акцентот на тимската работа и кооперација. Во неа, вие сте дел од екипа која има задача да истражува опасни и непознати планети. Вашата мисија вклучува собирање вредни ресурси кои се клучни за опстанок и напредок, а крајната цел е да извлечете живи глави за да можете да се впуштите во нови, слични авантури на други планети.

Играта нуди разновиден ростер на ликови, при што секој од нив поседува уникатни способности и вештини. Ова го поттикнува играчите да размислуваат тактички и да комуницираат ефикасно со своите соиграчи за да ги максимизираат своите шанси за успех. Пред секоја мисија, како и по успешно завршување на истата, ќе имате можност стратешки да ги распределите вашите тешко заработени средства, инвестирајќи во опрема, надградби или нови способности кои ќе ви помогнат во идните предизвици. Овој елемент на прогресија и персонализација додава дополнителна длабочина на играта.

Rocket Squad: Infinity нуди релативно забавно искуство со впечатлив и креативен дизајн на планетите кои ги истражувате. Борбениот систем е солидно осмислен, ставајќи акцент на тимската работа каде со заеднички напори ги елиминирате заканите што ви стојат на пат. Дополнително, играта ви овозможува да ги надградувате способностите на вашите ликови и да експериментирате со различни комбинации на артефакти, што води кон уникатни стилови на игра и ја зголемува забавата во секоја средба.

Покрај акцијата на самите планети, Rocket Squad: Infinity воведува интересен елемент на персонализација преку можноста да го уредувате и декорирате вашето лично засолниште. Оваа опција ви овозможува да создадете чувство на припадност и емоционална поврзаност со вашиот “дом надвор од дома”.

Сепак, и покрај овие позитивни аспекти, во моментот играта страда од катастрофално лоша оптимизација. Овој сериозен проблем може значително да ја оптовари вашата компјутерска конфигурација, што не принудува да бидеме крајно внимателни со нашата препорака во оваа фаза. Додека потенцијалот на играта е очигледен, проблемите со перформансите се значајна пречка која не можеме да ја игнорираме.

XENOBREAKERS: Classic Tower Defense

Во XENOBREAKERS: Classic Tower Defense нема да наидете на комплицирани филозофии или иновативни концепти. Ова е класична Tower Defense игра во својата наједноставна и најискрена форма. Ќе се соочите со бранови од непријатели кои налетуваат од различни правци на различни мапи. Овие непријатели се движат со различни брзини и поседуваат различни нивоа на отпорност кон вашите одбранбени структури, што ве принудува стратешки да поставувате различни типови на кули, секоја со свои уникатни офанзивни способности и предности против одредени типови на непријатели.

Со секој успешно одбранет бран, ќе собирате средства кои можете да ги искористите за надградба на вашите постоечки кули, зголемувајќи нивната моќ, досег или брзина на напад. Целиот циклус се повторува на различни мапи, секоја со свој распоред и предизвици кои стануваат постепено потешки, тестирајќи ја вашата способност за планирање и брзо прилагодување на ситуацијата. Суштината на играта лежи во континуираното усовршување на вашата одбранбена стратегија и ефикасното управување со ресурсите за да го издржите секој нареден, посилен напад.

Во XENOBREAKERS: Classic Tower Defense ќе започнете со пет основни типови на кули, но тука забавата не завршува. Секоја од овие основни кули може да се надгради во една од две понудени специјализации, што значително го проширува вашиот арсенал на вкупно 15 уникатни одбранбени единици. Понатаму, секоја од овие специјализирани кули може дополнително да се надградува, отклучувајќи нови, моќни и честопати уникатни способности кои, кога се користат со стратешка промисленост, можат да бидат клучни за извлекување од навидум безизлезни ситуации.

Паралелно со развојот на вашите кули, играта ви нуди пристап до импресивен број од над 48 различни вештини кои можат да ви помогнат во борбата против непријателите. Дополнително, во зависност од вашата успешност во завршувањето на мисиите, ќе бидете наградени со различни медали кои ја одразуваат вашата вештина и напредок.

Целото ова богато искуство е распоредено на 16 засебни нивоа кои се протегаат низ четири визуелно различни и уникатни светови, секој со свои специфични предизвици и непријатели. Покрај стандардните бранови од непријатели кои честопати бројат и над триесет во една мисија, играта вклучува и интензивни битки со три различни босови кои ќе ги стават на тест вашите најдобри стратегии и ќе бараат максимална искористеност на сите расположливи ресурси.

Asterigos: Call of the Paragons

За играта Asterigos: Curse of the Stars веќе детално пишувавме во нашата рецензија, каде споделивме многу позитивни впечатоци за оваа визуелно привлечна, но истовремено и предизвикувачка игра која нуди интересен спој на богата приказна, обемно истражување и динамични битки.

Asterigos: Call of the Paragons претставува проширување кое има за цел да го надополни искуството од основната игра со дополнителна содржина. Сепак, уште на почеток мора да напоменеме дека поголемиот дел од фановите не се целосно задоволни од начинот на кој е изведен овој додаток. Имено, ова DLC, кое се продава по цена од 12 евра, ви овозможува преку напредување во главната кампања да отклучите пристап до седум посебни предизвици (трајали) кои се поврзани со седумте статуи на грифини расфрлани низ светот на играта. Секоја од овие статуи ве води во нова, досега неистражена област каде ќе се соочите со седум нови, уникатни босови кои ќе ги тестираат вашите борбени вештини. Покрај новите локации и непријатели, додатокот воведува и нов систем за модификација на оружјата, како и еден нов изглед (скин) за вашиот лик.

Меѓутоа, она што треба да се нагласи е дека новите области кои ги истражувате се релативно мали по обем, а самите битки со новите босови, иако претставуваат предизвик, може да се опишат како сувопарни и без некоја посебна иновативност. Наградите кои ги добивате за нивно успешно завршување честопати не се чувствуваат доволно вредни или исполнувачки за вложениот труд.

Поради овие причини, постои голема веројатност дека ќе останете прилично разочарани од ограничениот број на новитети кои ги нуди овој додаток, особено имајќи ја предвид неговата цена. Наша искрена препорака е да го почекате Asterigos: Call of the Paragons да се појави со значително голем попуст пред да се одлучите за негова набавка, бидејќи само тогаш би можел да ја оправда инвестицијата за она што го нуди.

Што од ова ви делува интересно? Или можеби вие имате некоја препорака? Кажете ни во коментарите тука или на социјалните мрежи!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments