Зошто да ја играте?
- Кратка, релаксирачка игра со забавни механики и прекрасна музика
- Невообичаен свет со ексентрични ликови кои различно реагираат на вашето залагање
- Сакате ем да чистите ем да муабетите (во ред е, не осудуваме)

Со WYRMHALL: Brush and Banter, малиот инди тим Leafy Games ни ветуваат каприциозна авантура во џебна димензија каде што ние, како гоблини, ќе се занимаваме со чистење на магични артефакти. Во случај да имате барем малку слободно време викендов и да сте расположени за преубава графика која како да е извлечена од најпопуларните цртани филмови, како и интересен спој од невообичаен хумор, ексцентрични ликови и забавни, релаксирачки механики, тогаш ова е игра само за вас!

Четки и муабети!
Првото нешто што ни се допадна во играта беше музиката. Пренагласена употреба на одредени етнички инструменти и забавниот ритам пријатно не изненади, потсетувајќи не на некои наши народни песни, само во инструментална изведба. Иако обично не правиме вакво нешто, едноставно моравме да снимиме дел од музиката за да видите точно на што мислиме.

Во WYRMHALL: Brush and Bante, вие се наоѓате во малите чевли на несреќен гоблин кој, сакал-несакал, принуден е да работи во киоск за чистење магични артефакти. Под менторство на енигматичниот Бимбли, полека, но сигурно ќе ја научите деликатната уметност на чистење и полирање различни магични предмети, слушајќи ги, притоа, бизарните приказни од вашите клиенти. А, кога сме кај клиентите, имате на располагање бројни чудни ликови кои со задоволство ќе ви дозволат да им исчистите некој нивен артефакт.
Дијалозите се внимателно напишани, со бројни хумористични или неодоливо слатки ситуации
Но, исклучително е важно да внимавате што и како работите. WYRMHALL игра на непредвидлива карта. Секој исчистен артефакт, секоја интеракција, може да доведе до изненадувачки последици. Играта се одликува со мноштво сценарија и евентуалности, обезбедувајќи свежо и привлечно искуство со секое играње. Па така, во зависност од вашите таленти, вашите одлуки ќе ја обликуваат вашата судбина.

Нирвана
Добивате различни предмети и треба да знаете како да ги исчистите. Доколку не сте сигурни за нешто, потребно е да се консултирате со прирачникот кој се наоѓа на левата страна. Некои од клиентите ќе бараат да внимавате на одредени работи или пак да го „средите“ артефактот баш како што тие сакаат. Ако не сакате незадоволни клиенти, потребно е ушите да ви се отворени (во овој случај очите (затоа што никој не зборува, ам, зборуваат, ама текстуално, хмм, нема глума). Направивме мало видео и со првите два клиенти, чисто за да видите на што точно мислиме! Имајте во предвид, меѓутоа, дека подоцна чистењето зазема значително покомплицирана форма, но, никогаш не е до тој степен комплицирана за да го намали севкупниот зен впечаток.

Со својот шармантен уметнички стил, хумористична приказна, прекрасна музика и забавни, крајно релаксирачки механики, WYRMHALL: Brush and Banter се поставува како задолжителна игра за љубителите на удобни игри и оние кои ценат здрава доза на бизарни ситуации. За брзо време се фативме себеси како со задоволство го исчекуваме секој нареден лик, навлегувајќи во еден зачаран, но исполнителен круг од чистење и муабетење. Играта нема да ве предизвика со гејмплејот, но е апсолутно прекрасна за опуштање. Талентираното дуо од Leafy Games имаат и прекрасно демо, така да, ако ништо друго, проверете го барем тоа за да видите дали е ова игра за вас или не.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Leafy Games
- Издава: Leafy Games
- Жанр: релаксирачка игра
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 7 март 2025







