Како огромни фанови на ретро игри, Head Over Heels: Deluxe беше едно од најпријатните изненадувања неделава. Би ви било простено доколку не знаете за каква игра се работи. Првенствено, Head Over Heels има излезено во далечната 1987 година, за конзоли за кои, исто така би ви било простено доколку не ги знаете. Но, ветераните кои се флексаа со ZX Spectrum, Commodore 64 и Amstrad CPC видоа крајно забавна игра во Head Over Heels, игра која често беше синоним за комбинација од изометриски загатки и платформско истражување. Децении подоцна, развојното студио SpecNext решава да ги засука ракавите и да го модернизира класичниот хит така што ги рафинираат загатките, откачените ликови и предизвикувачкиот гејмплеј.

Првото нешто што ќе забележите и првото нешто на кое нема да можете да останете рамнодушни е музиката. Head Over Heels: Deluxe се одликува со целосно нова музичка подлога чии песни одлично се надополнуваат со откачениот дизајн на мапите и уште пооткачените загатки. На почетокот би помислиле дека само лутате од едно кон друго место, незнаејќи што и како правите. Но, со мало внимание и упорност ќе научите како функционираат мапите и како најдобро да се движите низ нив. Со ликовите ќе можете да скокате, да поместувате одредени пречки и да активирате одредени работи, имајќи секогаш нешто интересно за работа. Ексцентричното дуо се одликува со уникатни способности. Па така, едниот лик може да скока и да се „прави спортски“ со главата, додека другиот е значително побрз и ефикасно носи одредени работи.

Со ликовите поминувате низ разнолики светови, се соочувате со бизарни непријатели и решавате паметни загатки, на стариот добар немилосрдно-тежок начин!
На располагање имате над 500 внимателно осмислени локации. Сите овие локации се одликуваат со надградена графика која воодушевува на големиот екран, пружајќи детално и богато носталгично патување во минатото. За полесно снаоѓање, играта се одликува со надградени контроли. Доколку сакате, можете да го активирате класичниот режим. Со овој режим, се врши целосна трансформација на графиката и звукот, враќајќи ве во златното доба на доцните осумдесети години. Како цреша на тортата, ќе наидете и на целосно ново ниво кое, погодувате, е пополнето со целосно нови работи и противници.

Head Over Heels: Deluxe е препрасна игра за сите ретро фанатици. Доколку сте „тазе“ гејмери кои не сакаат да си имаат ништо повеќе со игри кои немаа Call во нивното име, ова не е игра за вас. Но, доколку сте гејмер од добата на ZX Spectrum, Commodore 64 и Amstrad CPC или пак едноставно сакате да видите што палеше и жареше пред добри 30-и-нешто години, ова е игра која би требало да ја проверите!




Повеќе детали за играта
- Произведува: Rusty Pixels, Ogre Games Ltd
- Издава: SpecNext Ltd
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 6 март 2025







