JETRUNNER е игра која успешно ја спојува брзината на тркачките игри, флуидноста на паркор симулациите и прецизноста на FPS игрите. Нудејќи забавна комбинација од механиките на Mirror’s Edge и, можеби, Titanfall, ќе бидете изложени на впечатливи дијалози и адреналинско движење полно со предизвици во еден преубав cel-shaded свет. Добредојдовте во најпопуларниот спорт на блиската иднина каде гравитацијата е само минувачка мисла, а флуиодноста во движењето е сѐ.

Симфонија на движење и прецизност
Ако нешто има за извоз во JETRUNNER тоа е богат систем на движење. Овде не станува збор само за трчање по ѕидови, лизгање и скокање. Напротив, максимално ве поттикнува да ги комбинирате овие акции во непрекинат ланец на движења, создавајќи состојба на целосен фокус и флуидност. Успешното изведување на овие комбинации не само што изгледа импресивно, туку е и клучно за зачувување на моментумот, што е од суштинско значење за постигнување на рекордно време.
Покрај движењето, борбениот систем игра подеднакво важна улога. Пукањето е дизајнирано да не го нарушува ритамот на движење, барајќи од вас да нишаните прецизно додека се во воздух или трчате по ѕид. Арсеналот вклучува футуристички направи и алатки кои дополнително ги прошируваат можностите за движење и напад, како што се кука за забрзување или уред за краткотрајно забавување на времето, овозможувајќи креативни решенија за секој предизвик.

Живописен стрип
Визуелниот идентитет на JETRUNNER е една од неговите најсилни страни. Cel-shaded стилот со јаки контури и живописни бои не само што и дава на играта уникатен изглед, туку има и практична функција. Во игра каде што секоја милисекунда е важна, јасната визуелна презентација на околината, пречките и непријателите ви овозможува брзо да реагирате и да донесувате одлуки во дел од секунда. Повеќе од 60-те уникатни арени, од неонските облакодери на Њујорк до раздвижените улици на Сеул, се дизајнирани како комплексни игралишта кои чекаат да бидат совладани. Звучната подлога дополнително го засилува адреналинското искуство со динамична електронска музика која се прилагодува на темпото на акцијата. Особено ни се допаѓаа честите разговори кои даваат интересен тон и сервираат бројни информации за светот во кој се наоѓате. Ликовите се одлично одглумени и со задоволство скокавме од една кон друга арена само за да чуеме како ќе се одвива понатамошниот разговор.

JETRUNNER е забавна пукачка игра која претставува вистински тест на вештина, креативност и посветеност. Играта е лесна на почетокот, но нуди речиси бескрајна длабочина за оние кои сакаат вистински да ги совладаат сите предизвици. Наместо да ве води за рака играта ви ги дава алатките и ве охрабрува да експериментирате, да откривате нови патеки и да ги поместувате границите на возможното. Секоја арена е како сложена загатка каде што вашите способности за движење се деловите со кои треба да ја решите. Но, за да успеете, потребно е да сте спремни на неуспех. Арените се прекрасно, но комплексно осмислени, барајќи од вас да го учите правецот на движењето преку правење грешки. Но, секоја грешка од вашата страна не ве казнува туку само инстантно ве повлекува на стартот, дозволувајќи ви да пробате одново. На крајот на краиштата, комбинацијата од натпреварувачки дух, креативна слобода и потребата за постојано усовршување јаправи JETRUNNER уникатно и долготрајно искуство кое ја наградува вашата упорност со неспоредливо чувство на задоволство и постигнување.








