Решавање загатки во една игра знае да биде предизвикувачко, но наградувачко искуство. Пред само некој ден пишувавме за две игри кои кријат интересни загатки, но доколку и понатаму франтично трагате по еуфоријата која следи со АХА моментите, Labyrinthatory е уште една нова инди игра со интересен спин на загатки.
Labyrinthatory можеби нема „фенси’ графика, но има душа. Низ неодоливо слатка и хумористична приказна, играте со Роксан и имате за задача да ги откриете наследството на вашиот вујко. Во процесот, ќе прошетате низ најразлични места кои кријат над 80 уникатни загатки. Секоја од загатките има неброени варијации, со што се зголемува вредноста на преигрување.

Па така, можете да играте бесилка, да извршувате основни математички операции, да разбивате кодови, да полните кутии со предмети а ла тетрис и ред други работи. Развојното студио Unimposing Walrus се има потрудено да воведе арсенал од што е можно поразлични загатки кои се од математичка, синтактичка, логичка или тривијална природа.

Помеѓу загатките можете да шетате, да разговарате со ликовите и полека да го одмотувате наративното клупче. Во меѓувреме вие избирате кои загатки ќе ги отклучувате со насобраните батерии. Доколку одредена загатка ви е премногу лесна или тешка, можете и да го менувате нивото на предизвикот. Паралелно со ова, ќе собирате и најразлични колекционерски предмети, а и често ќе наидувате на бројни референци.




На Steam, Labyrinthatory чини 15 евра, а доколку ја купите заедно со музичката подлога, моментно имате и попуст од 18%. Од она што забележавме, играта е интересен избор доколку ја играте во друштво или пак доколку ја стримате на вашиот канал, а и би можеле пријатно да се изненадите од слатката приказна.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Unimposing Walrus
- Издава: Unimposing Walrus
- Жанр: авантура, загатки
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 30 октомври 2023







