Virballs e игра со невообичаени механики за собирање суштества

Virballs e симпатична игра во трето лице која успешно комбинира акција и платформирање низ уникатни шест планети, нудејќи бројни комбинации од напади преку апсорбирање и комбинирање суштества. Резултатот е уникатна забава која се чини првенствено насочена на помладата публика.

Со свој камен по глава

Virballs е игра со исклучително откачен концепт. Вие играте како еден вид чистач кој има за задача да ги исчисти планетите од проблематичните Virballs.

Virballs се еден вид елементални суштества; некои од нив се направени од земја, а некои од вода, огин, воздух или слајм. Кога ќе наидете на едно од таквите суштества, ќе можете да го повлечете и да го прилагодите на вашата внатрешност, добивајќи специјален напад.  Сега доаѓа интересниот дел: секојпат кога ќе конзумирате некое друго суштество ќе можете да создадете егзотични хибриди. Овие хибриди ви даваат уште поразлични напади кои ги користите за ефикасно уништување на останатите, како фрлање камења или пламени топки, или пак насочување опасни пчели кон непријателите. Благодарение на ваквото комбинирање на непријателите, имате на располагање над 40 напади. Секое наредно зграпчување на Virballs од истиот вид ве наградува со дополнителна муниција.

Откако ќе се навикнете на овој концепт, играта добива интересна димензија, дозволувајќи ви да истражувате и двојно да скокате низ преубави и креативно осмислени планети, како и да користите органски оружја за ефикасно елиминирање на непријателите.  Имате бројни можности за платформирање на најразлични препреки. Некои од препреките или замките се од трошлива природа, а некои од агресивна, принудувајќи ве брзо да скокате од една на друга подлога. Дополнително, истражувањето на малите, линеарни мапи се охрабрува и преку собирање атоми или пронаоѓање одредено нешто, како капсули, пријателски суштества, и слично. Одредени предмети ви дозволуваат трајно да ги зголемите потенцијалите на вашиот чистач.  

На крајот од секоја мисија имате бос. Секој од босовите е интересно осмислен и е со неколку стадиуми на етапна елиминација. Имено, првин треба нападите да ги насочите на една работа, потоа на друга, и на крај на трета. Не е ништо премногу предизвикувачко, туку се бара само малку време да се откријат слабите страни и правилно да се реагира на нивните офанзивни напади.

Музиката е со брз ритам, но некако ни се чини премногу разиграна и со еднолични повторливи тонови, ризикувајќи брзо да им здосади на играчите. Има приказна, но сега-за-сега се чини фрлена на втор план и освен кратка размена на реченица-две од неколку ликови, не можете да откриете некаков длабок наратив. Уште една мала забелешка упатуваме на нишанот кој сметаме дека би требало да е поставен погорено бидејќи чесно ни се случуваше да нишаниме точно во непријателите, а муницијата да удира под нив, односно во земјата. Можно е да е ова свесно направено така за да алудира на одредена непрецизност на топките, но, во таа ситуација, зошто толку неефикасен нишан?

Она што го има во Virballs е сосема доволно за брза забава, но би сакале да потенцираме дека голем дел од клучните елементи се чинат првенствено прилагодени за помладата публика. Играта излезе во раниот дел на Steam пред само еден ден. Авторите планираат да работат на неа добри четири месеци, отклучувајќи нови светови, надграден гејмплеј, подобрена приказна и многу повеќе.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Bolder Games, Chimera Studios
  • Издава: Bolder Games
  • Жанр: акција, платформер
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 22 октомври 2024

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments