Надополнето: Камерите на раскрсниците проработеа, казни од јануари

во Вести, ИТ.МК

Надополнето

По 24 часа од тестирање на системот за следење на прекршоци во сообраќајот имаме покомплетни резултати. Ако се надевате на некакво намалување на прекршоците во вторите 12 часа, за жал ќе мора да ве разочараме. Вторите 12 часа поминаа речиси идентично, па во првиот ден камерите регистрираа 110 000 прекршоци. Забележани се 1000 нерегистрирани возила, 5000 поминувања на црвено, а над 90% од прекршоците се пречекорување на брзината.

Оваа голема бројка кај пречекорувањето на брзина веројатно со должи на ниската толеранција на системот. Во тест периодот се регистрира и минималното надминување на брзината. Дел од реакциите се дека возачите добиле предупредувања за минимални надминувања на брзината, помеѓу 1 и 3 километри. Сепак министерот Панче Тошковски вели дека нема простор за толеранција.

„Ако е правилото 50, треба да возиме 50. Ако возиме 52 сме направиле прекршок. Но ќе размислиме дали ќе воведеме одредена толеранција“, вели Тошковски.

Дел од граѓаните јавуваат дека добиле известување за прекршок додека биле дома или спиеле. Neo_2199 на Reddit пишува дека добила порака од Safe City за направен прекршок додека спиела.

Министерот потврди дека има случаи кога податоците не се соодветни со идентитетот на примателот на пораката.

„Во овој тест период детектиравме случаи кога не соодвествуваат податоците со идентитетот на оној кој ја примил пораката. Знаеме за проблемот, го видовме и на социјалните мрежи. Ќе утврдиме причини и ќе искоригираме. Ова е тест период“, додаде Тошковски.

Интересно истовремено со почетокот на работа на „Безбеден град“ се зголеми интересот за апликацијата Waze. Waze овозможува преглед на локациите на кој се поставени камерите, но и локациите на кои има густ сообраќај или полиција, па барем засега дел од возачите ги користат за да ги заобиколат камерите.

За следниот период е најавен почетокот на користење на нови патролни возила со камери кои снимаат во 360 степени. Овие возила ќе бидат надополнување на систмот камери и ќе се користат за мобилно мерење на брзината, забележување на непрописно паркирани возила и казнување возачи кои не им даваат предност на пешаците.


Оваа недела започна со работа системот за автоматизирано следење на сообраќани прекршоци „Безбеден град“, а засега системот е во пробен период. Првиот месец камерите ќе снимаат, а граѓаните ќе добиваат предупредувања. По крајот на тест периодот, не само што прекршоците електронски ќе се регистрираат, туку и казните ќе се издаваат автоматски. Според најавата од август, по Скопје системот ќе се имплементира и во Тетово и Куманово. До средината на 2026 година системот треба да ја покрие цела држава, вклучувајќи ги и коридорите 8 и 10.

Системот регистрира пребрзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање, но во иднина списокот на прекршоци ќе биде проширен.

Само во првите 12 часа од тестирањето системот регистрирал 65 000 прекршоци.  Над 2800 возила поминале на црвено светло, а 1000 пати се забележани нерегистрирани возила. За претставниците на  Министерството за внатрешни работи ова е доволен показател за неопходноста за употреба на автоматизираниот систем за регистрирање на прекршоци.

„Започна пробниот период на системот „Безбеден град“ – прекршоците автоматски се бележат, сопствениците добиваат известување, за 12 часа над 65.000 прекршоци.“, објавија од министерството на својата фејсбук страна.

По тест периодот, возачите кои направиле прекршок ќе се известуваат веднаш. Покрај СМС пораката ќе добијат и имејл со линк за преземање на записникот и казната. Казните ќе може да се платат електронски, а за навремено плаќање казните ќе бидат без дополнителни трошоци. За посериозни прекршоци останува судската постапка. За тие прекршоци МВР како и досега ќе поднесе барање за почеток на судска постапка до надлежниот суд.

Почнаа и првите известувања

На дел од несовесните возачи веќе им се испратени и првите опомени преку СМС. Пораката ги известува возачите за системот кој се користи, како и за прекршоците кои засега се регистрираат.

„Од денес во функција се камерите поставени од системот ‘Safe City’. Во текот на овој месец нема да има казни, туку само опомени. На камерите, освен што ќе се идентификува дали возите со висока брзина или минувате на црвено, истовремено ќе се утврдува и ако се паркирате неправилно.“, ова е содржината на пораката која ја добиваат прекршителите, пренесе ТВ21.

Како функционира системот

Како што веројатно и претпоставувате системот започнува со Tattile Smart Speed камерите кои се вградени на раскрсниците. Камерите може да регистрираат повеќе прекршоци. На пример, кога возилото го надминува ограничувањето на брзината, вградениот радар ја активира поврзаната камера за да евидентира слика од возилото и неговата регистарска табличка. Покрај регистарската табличка, сликата вклучува и датум, време, земја и брзина.

Овие податоци се обработуваат во компјутерскиот центар и базата на податоци за возила и сопственици. Со воведувањето на новиот образец при регистрација на возила секој автомобил е поврзан со телефонот и имејл адресата на неговиот сопственик. Со ова е креирана база на податоци која овозможува известувањата за прекршоци и казните да стигаат до сопствениците на возилата.

Системот ќе работи автономно, но ако има потреба оператор ќе може да провери дали се е в ред. Ако нема технички проблеми, налозите ќе бидат потврдени, а системот ќе го генерира прекршочен налог. Потоа овој налог се испраќа по СМС и електронска пошта до сопственикот на возилото.

Кој има пристап до податоците

Од Министерството велат дека овој систем треба да испрати порака дека безбедноста на граѓаните е врвен приоритет, а несанкционираното несовесно возење е минато. Сепак, имплементацијата на овој систем не е без ризик. Системот ги снима прекршоците, но создава и огромна база на податоци за движењето на граѓаните. Камерите ги читаат табличките, па можно е да се реконструира целото движење на едно возило, дури и кога не прави прекршок.

Најголема е опасноста од следење без налог. Овластени или неовластени лица може да го користат системот за да следат  различни луѓе, на пример: политички опоненти, новинари, активисти, па дури и приватни лица (поранешни партнери) без судски налог.

Опасност постои и од упад во системот. Ако системот не е соодветно заштитен, протекувањето на овие податоци може да придонесе за објавување на чувствителни информации за илјадници граѓани.

Со оглед на тоа дека човечкиот фактор не е целосно исклучен, се чини дека и натаму ќе остане опасноста од човечка интервенција. Операторите кои се задолжени за проверка би можеле да избришат или да означат како грешка некои од снимките.

Едно од прашањата кое е отворено е што ќе се случи ако го позајмите возилото на пријател или член на семејството и тој направи прекршок, казната стига кај вас.

За да се минимизира опасноста од овие злоупотреби ќе биде неопходно да постојат: јасни правилници за тоа кој има пристап до податоците; податок за тоа кој службеник, кога и зошто гледал одредена снимка; и надзор од тело за заштита на лични податоци.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments