Зошто да ја играте?
- Импресивни локации, херои и забавни механики
- Визуелно импресивен клон на Vampire Survivors
- Длабока инспирација од нордиска митологија

Како возбудлива roguelike игра, Jotunnslayer: Hordes of Hel се чини дека го има најдоброто од двата света: врвна графика со ефикасни и визуелно импресивни моќи, уредно спакувани во заразната формула воспоставена од Vampire Survivors. Развојните студиа Games Farm и ARTillery исфрлуваат во раниот пристап на Steam квалитетен прозвод кој е длабоко инспириран од нордиска митологија.


Jotunnslayer: Hordes of Hel не ја поседува комплексноста на Diablo IV, далеку од тоа, но графиката, анимациите и способностите, како и бруталните пресметки се карактеристични за чедото на Blizzard. Во поглед на механиките, меѓутоа, играта значително потсетува на Vampire Survivors и легијата од клонови кои се влечат во нејзината сенка.
Игра на боговите
Имате за задача да изберете еден од проколнатите херои и да навлезете во неколку мали, но одлично дизајнирани локации. На овие мапи, се вртите во круг, борејќи се низ бранови и бранови од митски противници, отклучувајќи најразлични моќи и способности. За време на секое преигрување, добивате различни цели кои судбоносно ве носат кон пресметката со финалниот бос. Мисиите се движат од собирање печурки, преку уништување светилишта и мини босови, па се до издржување сурови зимски услови каде вашите движења и напади се успорени.

Штуро совршенство
Во поглед на содржини, Jotunnslayer: Hordes of Hel нема многу да понуди, принудувајќи ве често да играте на една иста мапа, се додека не станете доволно добри за да можете да преминете на наредната. Ние се дружевме со играта многу денови и, за сето тоа време, не мрднавме од првата мапа. Единствен наш успех беше отклучувањето на волшебничката.
И покрај ова, играта нуди исклучително забавно искуство. Непријателите се забавни за уништување, а хероите со кои играте не би можеле да се поразлични еден од друг. Воинот специјализира во напади од близина, додека волшебничката – од далечина. Нивните способности и моќи имаат различни ефекти на бојното поле и нудат константна свежина.
Паралелно со ова, со собирање искуство од паднатите непријатели ќе може да го зголемувате вашето ниво и да повикувате привремена помош од боговите, која доаѓа во форма на статистичка надградба или отклучена способност.

Надвор од бојното поле, можете да отклучувате или надградувате способности со мета-прогресивни системи. Имено, како што напредувате, собирате злато, и решавате квестови, така ќе добивате пристап до нови способности, оружја и бонуси кои ви овозможуваат да го прилагодите вашиот стил на игра и да ги подобрите вашите шанси за преживување. За побрзо напредување, можете да активирате одредени предизвикувачки параметри за време на рановите, како непријателска бесмртност од неколку секунди.
Босовите или, во нашиот случај – босот, се најсветлата точка во Jotunnslayer: Hordes of Hel, поставувајќи ве во безглаво, но крајно задоволително избегнување напади и стратешко користење способности. Музиката е одлична, но брзо здосадува, принудувајќи не да посакуваме да имаше барем неколку музички нумери кои се менуваат на секое преигрувања. Вака-како што е, не бевме преголеми фанови на една иста песна на нашиот триесетти ран.

За време на нашето тестирање, меѓутоа, секојпат кога здравјето на босот ќе падне за две-третини, фрејмовите паѓаа од 60 на 2, правејќи ја играта неигрива, принудувајќи не секогаш да изгубиме. Не помагаше ни целосно намалување на графичките постапки. Претпоставуваме дека се работи за привремен баг кој веќе е искоренет. Ова е, сепак, игра која е дел од раниот пристап на Steam.
Тимовите зад Jotunnslayer: Hordes of Hel ветуваат дека ќе бидат целосно посветени на играта најмалку половина година. За тоа време, планираат да воведат нови локации, херои, моќи, и механики.




Jotunnslayer: Hordes of Hel е неверојатно забавна игра. Доколку сте фанови на жанрот кој произлезе со Vampire Survivors, но копнеете по визуелно-исполнителна графика, не би требало да ја заобиколите оваа игра.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Games Farm, ARTillery
- Издава: Grindstone
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 21 јануари 2025







