Tingus Goose – Надреален спектакл на апсурдот

во гејминг

Претставувајќи се како „прецизен симулатор за одгледување гуски“ и вдомувајќи се во жанрот на idlе игри, Tingus Goose пркоси на секоја логика и очекувања. Ако некогаш сте посакале (иако не знаеме зошто) да видите екстремна презентација на што е можно почуден хумор и телесен хорор, тогаш Tingus Goose е наслов кој ќе ви го овозможи токму тоа – така што ќе ве стави во улога на одгледувач кој сади семе во торзото на човечки пациент. Од ова семе, нели, нормално, никнува масивно дрво кое, патем, е и гуска кое, нели, нормално, наместо плодови, раѓа бебиња. Да…баш така…

Steam верзија (1.0) претставува значајно подобрување во однос на мобилните почетоци, исфрлајќи ги сите микротрансакции и реклами за да понуди чисто, премиум искуство

Вашата основна задача во Tingus Goose е да го наводнувате дрвото, кое потоа, поради недостаток на подобри зборови, исфрла бебиња. Овие бебиња паѓаат надолу и се одбиваат од разни цветови поставени долж вратот на гуската, генерирајќи пари при секој допир. Погодувате, она што мора е внимателно да ги позиционирате овие цветови за да го максимизирате профитот. Како што напредувате, така отклучувате и додавате примероци во вашата конфигурација, создавајќи моќни синергии кои драстично ја зголемуваат ефикасноста на секое паднато бебе.

Создадена од аниматорот Master Tingus, играта изобилува со рачно цртана графика која потсетува на надреалните анимации од 70-тите, но со модерен, вознемирувачки пресврт. Естетиката балансира помеѓу гротескното и шармантното – свет во кој работите се претставуваат преку извитоперени форми и бизарни трансформации – плодови на вознемирувачки ум. Звучниот дизајн ја надополнува атмосфера, со звучни ефекти кои де се комични де крајно непријатно, евоцирајќи гадење или, во најмала рака, чувства на негодување. Секоја чест на оние кои гледаат поразлично на ваквата визија.

Tingus Goose ве води низ 17 поглавја, секое со уникатна приказна и предизвици. Крајната цел е да ја направите вашата гуска да се издигне доволно високо за да го бакне љубовникот во облаците. Ех… љубовта навистина нема граници. Секој нов свет носи свои специфични пресврти, нови пациенти за третирање и над 150 колекционерски предмети што ја прошируваат приказната за оваа… романса?

Не знаеме како да нагласиме дека ова не е игра за секого. Нејзиниот специфичен хумор и визуелен стил може да бидат премногу за оние кои претпочитаат конвенционални наслови. Но, за оние кои немаат послаби стомаци, за љубителите на idle жанрот кои бараат нешто свежо, оригинално и чудно до не-знај-каде, ова е наслов и тоа како треба да го проверите. Најверојатно. На крајот на денот, и гуските заслужуваат љубов, нели? Иако патот до таа љубов преку низа од профитабилни бебиња. Ете, и таква реченица напишавме. New achievement unlocked.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk