Палмер Лаки и Мета повторно заедно: Anduril и Facebook соработуваат на воен XR проект

во Вести

Палмер Лаки и Facebook по сѐ изгледа го заборавија минатиот пат кога работеа заедно. Новата компанија на Лаки, Anduril и Meta, минатата недела објавија дека ќе соработуваат на изградба на уреди за проширена реалност (XR) за американската војска.

„Мило ми е што повторно работам со Meta,“ вели Лаки. „Мојата мисија долго време беше да ги претворам војниците во техноманти, а производите што ги градиме со Meta го прават токму тоа.“

Anduril е компанија за одбранбена технологија основана од Палмер Лаки во 2017 година, заедно со ко-основачите Брајан Шимпф, Треј Стивенс и Мет Грим. Тој ја основа компанијата откако во 2016 беше отпуштен од Фејсбук. Anduril развива напредна технологија за воени и безбедносни цели. Дел од неа вклучува вештачка интелигенција, дронови и сензорски системи.

Соработката со Мета произлегува од програмата Soldier Borne Mission Command (SBMC) Next, претходно позната како Integrated Visual Augmentation System (IVAS) Next. IVAS беше огромен воен договор, со вкупен буџет од 22 милијарди американски долари. Договорот првично го доби Microsoft во 2018 година. Компанијата требаше да испорача воена технологија на AR очила слични на HoloLens за војници. Microsoft не ги исполни очекувањата. Како последица во февруари армијата му го одзеде управувањето со програмата на Microsoft и му го додели на Anduril. Microsoft и натаму е дел од програмата како провајдер на облак услуги, пренесе TechCrunch.

За да се приклучи на проектот Meta мораше да оди преку Anduril. Новиот уред ќе биде заснован на технологија од истражувачкиот центар за AR/VR на Мета, Reality Labs, и ќе го користи AI моделот Llama на Мета. За интеграција ќе се користи софтверот за управување на Anduril, познат како Lattice.

Новиот сет за проширена реалност на војниците треба да им овозможи детален приказ со дополнителни податоци од бојното поле. Мета и Anduril ќе ги развиваат новите производи под името EagleEye. Интересно е што EagleEye било името на првиот замислен хедсет на Anduril во почетната презентација на компанијата, пред инвеститорите да го убедат Лаки прво да се фокусира на развој на софтвер.

Ова не е прв заеднички проект на Палмер Лаки и Facebook

Соработката на овој проект не е прв заеднички проект на основачот на Anduril и Facebook. Триесетидвегодишниот основач стана миленик на технолошкиот свет со креирањето на Oculus сетот за проширена реалност. Откако Facebook го купи Oculus за 2 милијарди долари во 2014 година, започна неговиот ангажман во Facebook.

Сепак, овој „заеднички проект“ заврши контроверзно. Лаки беше отпуштен од друштвената мрежа во 2017 година, околу три години по неговиот влез. Причината за отпуштањето е поддршката на Лаки на политичка група поврзана со Доналд Трамп за време на изборите во 2016 година и неговите донации на групи кои се дел од крајната десница. Во тој период најголем дел од вработените во Facebook, беа на другата страна на политичкиот спектар. По протести на дел од вработените, но и на некои партнери на компанијата, Палмер Лаки го напушти Facebook. Facebook негираше дека политичката определба на Лаки играла било каква улога во отпуштањето. Наместо ова Марк Закерберг на прашањето во Конгресот „Зошто Палмер Лаки е отуштен?“, одговори: „специфична лична причина, која нема врска со неговите политички ставови“.

По отпуштањето, го основа Anduril. Сега, кругот се затвора со оваа нова соработка. Лаки се чини дека е задоволен од ова „смирување“. Тој изјави:

 „Прилично е кул што имаме сè на дофат за овој заеднички проект, сè што направив пред Meta да го преземе Oculus – сè што направивме заедно, и сè што направивме одделно откако бев отпуштен.“, вели Лаки на X.

Лаки објави дека Anduril дури отворил и Facebook страница, што треба да биде симболичен гест кој го означува неговото смирување со Facebook.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments