Наместо креирање веб-страници „лесно како нарачување пица“ Builder.ai пропадна

во Вести

Builder.ai во минатото беше перспективен технолошки стартап. Компанијата која ветуваше изработка на апликации со помош на вештачка интелигенција беше поддржана и од Microsoft, а во мај 2025 година доживеа колапс. Builder.ai зад себе остави прашања за вистинитоста на ветувањата кои ги правеа за вештачка интелигенција. Компанијата, ветуваше револуција во создавањето апликации, а се најде во стечај по интерна истрага и сериозни финансиски проблеми.

Builder.ai. беше основан во 2016 година првично како Engineer.ai. Беше платформа за развој на софтвер која тврдеше дека користи вештачка интелигенција за да го направи процесот на градење апликации и веб-страници „лесен како нарачување пица“. Идејата беше да им се овозможи на претприемачите и бизнисите без техничко знаење да создадат сопствен софтвер.

Компанијата нудеше три главни производи:

  • Builder Studio: Комбинација од вештачка интелигенција и човечки експерти. Платформата го спојуваше ВИ продукт менаџерот наречен „Наташа“, со човечки експерти за да ги води корисниците низ процесот на специфицирање и градење на прилагоден софтвер.
  • Builder Now: Алатка за прототипирање. Им овозможуваше на корисниците брзо да визуелизираат како би изгледала и функционирала нивната апликација.
  • Studio Store: Архива на претходно изработени апликации. Јасно ова требаше да им помогне на бизнисите брзо да се дигитализираат, особено за време на пандемијата Ковид-19.

Компанијата успеа да привлече значителни инвестиции. Инвестициите надминаа 450 милиони долари, и придонесоа Builder.ai да стане интересен дел од пазарот за развој на апликации без вештини за кодирање.

Еден од најпознатите поддржувачи на платформата беше Microsoft. Партнерството беше официјализирано, а во 2023 година Microsoft ги интегрираше алатките на Builder.ai во своите облак понуди. Тогаш, Џон Тинтер, потпретседател за бизнис развој во Microsoft, изјави дека Builder.ai создава „целосно нова категорија која им овозможува на сите да бидат програмери“. За жал, по пропаѓањето дознавме дека Builder.ai му должел на Microsoft околу 30 милиони долари.

Причината за колапсот

Колапсот на Builder.ai во мај 2025 година беше резултат на повеќе фактори. Сепак, клучна улога имаше интерната истрага која откри сериозни неправилности. Според извештаите, истрагата иницирана од новото раководство на компанијата открила докази за „потенцијално лажни продажби“. Ова довело до значително намалување на приходите на компанијата. Проценките за приходите за 2024 година беа намалени од 220 милиони долари на околу 55 милиони долари. Слично, претходно пријавените продажби за 2023 година од 180 милиони долари беа намалени на 45 милиони долари, пишува Financial Times.

Манпрет Ратиа е нов директор на Builder.ai

Истрагата се фокусирала на таканаречените „препродавачи“/посредници за кои се тврдело дека ги продаваат производите на Builder.ai на клиенти со седиште на Блискиот Исток. Постојат причини за сериозни сомнежи за тоа дали некои од овие препродавачи биле вистински. Истовремено постојат показатели за можни „заеднички обиди за вештачко надувување на приходите“. Според актуелното раководство на компанијата овие практики се случувале под претходното раководство на основачот Сачин Дев Дугал. Тој се повлече од позицијата извршен директор во февруари 2025 година. Како дополнителен извор на проблеми за Builder.ai се продажби кои останувале ненаплатени долги периоди.

Поради ова, заемодавците, предводени од Viola Credit, прогласиле неисполнување на обврските. По ова започнале постапка за да запленат значителен дел од готовинските средства на компанијата (околу 37- 40 милиони долари). Компанијата остана без можност да работи, што доведе до поднесување барање за стечај

Дополнителни фактори на колапсот

За пропаѓањето придонесоа и други значајни фактори. Компанијата се соочуваше со висока стапка на трошење и насобра големи долгови кон своите провајдери на cloud услуги, вклучувајќи обврски од 85 милиони долари кон AWS и 30 милиони долари кон Microsoft. Дополнително, уште од 2019 година постоеја обвинувања за „AI-washing“ (лажно претставување на употребата на вештачка интелигенција). Различни извештаи сугерираа дека Builder.ai се потпирал на човечки програмери, главно од Индија и Источна Европа, наместо на напредната вештачка интелигенција што ја рекламираше. Се чини дека нивната ВИ алатка „Наташа“ повеќе функционирала како систем за управување со задачи отколку како автономна алатка за развој. Конечно, нестабилноста во раководството, вклучувајќи го и повлекувањето на основачот и други промени во врвот на компанијата непосредно пред колапсот, дополнително ја влошија ситуацијата.

Падот на Builder.ai служи како предупредување за стартап екосистемот, нагласувајќи ја важноста на транспарентноста, одржливите деловни модели и реалните технолошки способности наспроти прекумерниот маркетинг и ветувања. Во последно време понекогаш доволно е само да се спомне вештачка интелигенција и стартапот да добие незаслужена вредност.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk