Одлични вести за сите кои се љубители на македонски поткасти. Благодарение на љубовта на неколку ентузијасти, сега постои платформа на која може да ги пронајдете сите македонски поткасти.
Диалог.мк e идеја на Иван Сандев, а во реализацијата на проектот му се приклучија и Никола Чучуковски и Иван Стоилов. Иван за себе вели дека е софтверски инженер со искрена слабост кон сè што содржи транзистор. Последните шест години се фокусира на учење и градење софтвер за ентерпрајс компании како Smartsheet, VMware и Telco. Кога не работи, најголемо задоволство наоѓа во автоматизацијата и решавањето на реални проблеми од дигиталното секојдневие.
Со Иван разговаравме за креирањето на Dialog.mk, за неговата инспирација и идните планови.

Дали може да споделиш кој беше конкретниот момент кога си рече: „Не чекам повеќе препораки од YouTube, ќе седнам и ќе направам своја платформа?“
Често на разговор со пријателите ни се повторува една иста тема: недостигот од софтверски решенија на локалниот пазар. Во многу области имаме празнина, од дигитализација на застарени процеси како поднесување државни документи, сметководство и дневни обврски, па сè до недостаток на алатки за многу конкретни и ниш дејности.
Како стигнавме до идејата за dialog.mk? Сосема искрено, почна од обичен кафе-муабет. Сфативме дека немаме место каде можеме да се фокусираме исклучиво на наши креатори и македонска содржина. YouTube одамна е преполн со сè и сешто, и тешко е да се создаде простор што навистина припаѓа на локалната заедница.
Ме изненади колку брзо расте поткаст-сцената и колку нови креатори се појавуваат секој месец во Македонија. Токму тука ја почувствувавме потребата да создадеме платформа што ќе им даде шанса да бидат слушнати сите кои создаваат содржини од ваков вид. Зошто? Бидејќи веруваме дека во Македонија има навистина многу луѓе со огромно знаење, искуство и талент, кои би сакале тие приказни да ги споделат јавно.
Ако успееме да ја зголемиме видливоста на таквата содржина, тогаш расте бројот на креатори, растат слушателите, а со тоа индиректно ја поддржуваме културата, образованието и развојот на нашата заедница во Македонија.
Колку е тешко да се пронајдат сите поткасти на македонски?
Искрено, тоа ни беше најголемиот мотив. Денес кај нас, речиси сите креатори што работат содржини во подолга форма (вклучително и подкасти) автоматски се насочуваат кон YouTube. Но, за жал, сметам дека алгоритмите таму не се баш наклонети кон локалната сцена. Странската содржина многу полесно станува „препорачана“, едноставно затоа што има далеку повеќе прегледи, а претпоставувам дека и монетизацијата на домашните видеа е пониска во споредба со странските.
Дополнително, последниве години најголем дел од социјалните мрежи ја сменија својата цел од „место за социјализација“ во „машини за привлекување внимание“ по секоја цена. Тоа се гледа со популарноста на Instagram Reels, YouTube Shorts и Tiktok. Негативните последици од таквиот пристап само што почнуваат да се појавуваат, особено кај помладите.
Токму затоа се трудам да поттикнам повеќе долготрајна содржина која нуди простор да се научи нешто, да се задржи информациија, да се размисли и анализира. Верувам дека тоа е многу покорисно од брзите, краткорочни допамински „удари“ кои само те вртат во круг без реална вредност.

Дали платформата е отворена за секаков тип на аудио/видео содржина или има некој филтер?
Нашата почетна мисија беше јасна и непоколеблива: Брза прототипизација и лансирање на централизирано место каде што ќе бидат агрегирани сите македонски поткаст содржини.
Знаејќи дека најголемиот број креатори веќе се „вгнездени“ на YouTube, логично, оттаму започнавме со агрегацијата. Нагласуваме: строго ги почитуваме правилата на платформата, а она што е најважно – секој денар од монетизацијата несомнено и целосно им припаѓа на креаторите.
Што се однесува до видот на содржините – немаме апсолутно никаков филтер! Со какво право ние би поставувале рамки и би одредувале кој може, а кој не може да создава поткаст содржина во македонскиот етер? 🙂
Во иднина, со голема радост би имплементирале содржини и од други извори, па дури и нашата визија е Дијалог.мк да прерасне во примарна дестинација каде што креаторите директно би ги споделувале своите содржини.
Кој е технолошкиот стак кој го користевте за развој на Dialog.mk?
Со задоволство би зборувал со часови за мини-инфраструктура на Дијалог.мк, но ќе се воздржам од предолги епови (секако, освен ако не прерасне во поткаст!). Еве го срцето на целиот систем:
Фронтенд: Next.js. Причина? Огромна, активна заедница и зрелоста на интеграциите ја прават идеален избор за брзи, но стабилни проекти од мала и средна големина. (P.S. Забелешка за фановите: Иако срцето сѐ уште чука за Vue ♥️ и Nuxt.js, рационалниот избор за овој проект беше Next!)
Бекенд: FastAPI. Иако мојата експертиза главно лежи во позрели технологии како Spring и Django, сакав да ги истражам модерните бенефити и високите перформанси што ги нуди FastAPI како еден од најновите API веб-фрејмворци.
Автоматизација: За да функционира сѐ како подмачкано, го користиме Celery – сигурен дистрибуиран систем за задачи. Тој е одговорен за низа автоматизирани процеси: агрегирање видеа, ажурирање информации за креатори и категоризација (која е во процес на финализација).
Контролен Центар: Имаме посебен административен панел за целосно менаџирање на операциите (агрегација, креатори, содржина и др.), кој е изработен со истата технологија – Next.js.
Секако, целата инфраструктура е „спакувана“ во Docker.
Порака до сите програмери (и не само!) – Најдобриот учител не се курсовите, туку праксата! Наместо бескрајно читање документација или гледање туторијали, започнете да градите нешто што ви прави вистински ќеиф, дури и ако на почеток ви изгледа небитно. Тоа е вистинскиот пат кон експертиза! Денес со помошта на LLMs и секакви AI-powered алатки за разработување на софтвер – нема простор за изговори!

Како се „најдовте“ и како ги поделивте обврските so Никола Чучуковски и Иван Стоилов? Кој беше најголемиот предизвик да се изгради ваква платформа за кратко време – техничкиот дел или собирањето на податоците?
Тие се моите најдобри пријатели и соосновачи! Спој од интелигенција, креативноста и неуморната упорност! Иван е нашиот креативец, дизајнер и маркетинг гуру. Тој ја презеде визуелната, маркетинг и корисничката естетика на Дијалог.мк. Никола, од друга страна, е најупорниот девелопер што го познавам. Тој е живиот доказ дека Brainster може да „искова“ врвен фронтенд девелопер со неверојатно критичко око за детали!
Пред да ја „турнеме количката“, детално разговаравме за визијата. Се фокусиравме на две незаменливи работи кои мора да ги понуди една успешна платформа:
- Кориснички интерфејс (UI/UX) кој „милува“: Мораше да биде едноставен, чист и лесен за око. По истражувањето сфативме дека сличните платформи честопати не се интуитивни или естетски „исчистени“ – тука сакавме да направиме драстична разлика.
- Главната „killer“ причина: Нашата цел е да им дадеме на луѓето пресудна причина зошто да ја променат својата долгорочна навика да бараат содржини на YouTube и да се префрлат на Дијалог.мк. Оваа клучна предност е во процес на истражување и разработка – но, за да има за што да зборуваме следниот пат, деталите остануваат под клуч! 😉
Кој беше најголемиот предизвик да се изгради ваква платформа за кратко време – техничкиот дел или собирањето на податоците?
Не би рекол дека се соочивме со невообичаена техничка комплексност. Да бидеме реални, не измислуваме топла вода, но она што го имаме – го полиравме дополнително. Вистинската „тежина“ лежи во една друга димензија: создавање визуелно привлечна и беспрекорно функционална платформа која им прави ќеиф на корисниците доволно добро да ги откачи од старите навики.
Би рекол дека големите предизвици допрва доаѓаат, особено во однос на нашите цели за иднината на платформата. Клучната работа е да видиме каков ќе биде одѕивот и интересот кај публиката.
Сакам само да ги поставам очекувањата – Дијалог.мк не е нашиот прв обид со истата темелна идеја – агрегирање на податоци. Претходно имавме Edom.mk (платформа за недвижности) и Mebelo.mk (централизирана продавница за мебел). Сите овие „неуспеси“ беа непроценливи лекции кои нѐ научија многу за техничката изведба, организацијата, маркетингот и управувањето со времето.
Дали платформата е автоматизирана (ги влече податоците сама) или има рачна работа зад сцената за да се одржува сè ажурно?
Нашата фундаментална филозофија е базирана на силна, робусна автоматизација. Веруваме дека колку помалку е потребна човечка интервенција, толку повеќе софтверот добива самостојност и „живот“.
Во моментов, содржината ужива полна автономност. Дистрибуираниот систем за задачи (Celery – кој претходно го спомнавме како дел од технолошкиот стак) е задолжен за целиот циклус: автоматско преземање на најновите содржини, како и додавање и синхронизирање на нови креатори. Нашата цел е тимот да се фокусира на иновација, а не на рачно ажурирање.
И доза сарказам: Постои едно непишано правило: „Никогаш не прави нешто рачно повеќе од пет минути, ако можеш да потрошиш 30 часа на негова автоматизација!“ ☺️

Најави категории, пребарување и нотификации. Но, ако гледаме пошироко, каде го гледаш Dialog.mk за една година? Како (и дали) планирате да ги вклучите самите поткастери?
Нашата идеја за вклучување на поткастерите е јасна: да им дадеме алатки и контрола! Ова е чиста win-win ситуација. Планираме креаторите сами да можат да си:
- Менаџираат со своите содржини директно на платформата.
- Имаат пристап до детални аналитики за перформансот на нивниот поткаст.
- Креираат лично прилагодени профили за да се истакнат во заедницата.
- Да се монетизираат преку платформата
- Преку правилен опис на своите епизоди, да си овозможат вистинските љубители на темите за коишто зборуваат да стигнат до нив
Повикуваме на акција: Со нетрпение очекуваме да видиме интерес, совети или било каква иницијатива од секој тековен или претстоен креатор! Нивната повратна информација е клучна за да ја изградиме најдобрата можна платформа за македонската поткаст заедница.
Нашата крајно амбициозна цел е Дијалог.мк да прерасне во примарен „простор“ и авторитетна платформа на која луѓето прво ќе се осврнат за да откријат разговор на било која тема од нивен интерес, не застанувајќи само на класичниот поткаст тип содржина. Сепак, најголемиот предизвик во оваа визија од наша страна е разбивањето на долгогодишните навики – корисниците инстинктивно да не одат прво на Instagram или YouTube за ваква содржина, туку директно кај нас!
Како некој што сега има преглед врз поголем дел од поткаст сценаата, која е твојата дијагноза за македонскиот поткастинг? Што ни недостасува, а во што сме навистина добри?
Дефинитивно сме одлични во содржината! Забележувам изобилство на исклучително интересни теми во определни епизоди. Луѓето во Македонија навистина имаат многу што да споделат – било да се работи за вредни искуства, совети или суштински информации.
Силно верувам дека можеме многу да научиме од туѓите успеси и грешки. Затоа, се надевам дека сѐ повеќе успешни бизнисмени, креативци, инженери, актери и други професионалци ќе излезат во јавноста и ќе споделуваат. Долгорочно гледано, криењето на информации и вештини никогаш не довело до позитивен резултат!
Каде јас гледам дека ни треба малку апгрејд…
Повеќе искуства во градење на фирми или продукти: Лично би бил најрадосен кога би видел повеќе разговори за искуствата при создавање технолошки решенија за локалниот и глобалниот пазар, особено од техничката сфера. Тоа е нешто што може да ја поттикне целата IT заедница.
Продукциско подобрување: Аспект на кој можеме да работиме е високиот продукциски квалитет. Лично, голем љубител сум на естетиката и добар квалитет на аудио и видео.
Кои беа првите реакции на јавноста при лансирањето на платформата?
Прилично позитивни на Facebook, и немилосрдни на Reddit, точно како што очекував. 😂 Но во секој случај, бев изненаден дека аналитиките покажуваат интерес и прегледи преку Диалог.мк, што може да резултира само во позитивности за секој.







