Стартапи: Колку се разви стартап екосистемот во 2024 и што може да очекуваме во 2025?

Овој текст е дел од серијалот it.mk/2025 – Што ја одбележа 2024, а што нè очекува во 2025?, каде што консултираме експерти во своите области да ги кажат своите размислувања и очекувања.


Во Македонија, полека но сигурно стартап сцената расте и се развива. Се зголемува бројот на активни учесници вклучени во развивањето на овој еко систем. Многу млади претприемачи се охрабрени да започнат сопствени проекти, а растечката поддршка од страна на локалните организации и иницијативи додава нова динамика на сцената.

Сепак, иако напредокот е видлив, предизвиците остануваат. Недостатокот на пристап до инвестиции, ограничената поддршка за иновации и недостатокот на соодветна регулатива честопати ги кочат стартапите во нивниот развој. За да продолжи позитивниот тренд, неопходно е да се зајакне соработката меѓу приватниот сектор, академските институции и владата, како и да се создадат повеќе програми за поддршка на младите претприемачи. За сето ова ги прашавме Сања Митровска, основач на Networker, Ана Николова,  Директор на филијала за мали претпријатија во ПроКредит Банка и Сашо Јовановски, Претседател на Стартап Клуб Скопје, за да ги видиме нивните импресии од 2024 и да дознаеме што очекуваат во 2025.

Колку е напредната стартап сцената во Македонија во однос на минатата година?

Сања: 2024 беше година на видливи поместувања во стартап екосистемот. Сè повеќе стартапи почнаа да размислуваат глобално уште од почетокот, а не само регионално. Имавме значителен пораст на интересот за учество во програми за акселерација како Founder Games, што покажува дека основачите стануваат посвесни за потребата од менторство и нетворкинг. Сепак, клучниот напредок беше во зголемената соработка помеѓу локалните стартапи и регионалните инвеститори.

Ана: Стартап сцената во Македонија покажа значително раздвижување во изминатата година. И покрај предизвиците, сепак имаше пораст на бројот на новоосновани компании, особено во ИТ секторот и обработка на податоци, како и во доменот на најразлични услуги. Беа забележани зголемени иницијативи од различни играчи и организации кои се важни во стартап заедницата.

Банките се едни од овие клучни играчи и особено сме горди што бевме првата банка на пазарот која го препозна потенцијалот на стартап компаниите и уште пред 2 години креиравме посебен пакет за новоосоновани компании со кој даваме поддршка на сите претприемачи кои ќе се охрабрат нивната идеја да ја претворат во реален проект.

Сашо: Стартап сцената во Македонија бележи значителен напредок во текот на последната година. Иако предизвиците остануваат, се забележува поголем интерес од страна на инвеститори, нови стартапи и иницијативи кои се фокусирани на иновации. Стартап Клуб Скопје активно работи на создавање на пофлексибилна и поддржувачка инфраструктура за стартапите, што доведе до нови можности за младите претприемачи. Сѐ уште е потребно активно да се работи на зголемување на соработката со државните институции, што е клучно за понатамошен раст на екосистемот особено при промена на правните регулативи и измена на закони кои ќе доведат до соодветна поддршка при регистирањето на стартап копании кои имаат значителна разлика во структурата и начинот на финансирање во споредба со малите и средни претпријатија.

Што е клучно за развој на една здрава стартап сцена?

Сања: Клучот е екосистемски пристап. Стартапите немаат шанси за успех без поддршка од различни актери – ментори, инвеститори, корпорации и медиуми. Исто така, едукативните програми кои ги учат претприемачите како да го скалираат својот бизнис, како да привлекуваат инвестиции и како да размислуваат глобално се неопходни. Најважно, менталната бариера „ова е тешко за нас, бидејќи сме од мал пазар“ мора да исчезне.

Ана: Многу е важно луѓе од различни профили, со различни искуства и знаења да имаат простор или платформи каде ќе се занимаваат со развој на бизнис идеи. Тим со различни вештини и заедничка визија може значително да влијае на успехот на стартапот. Од друга страна, пристапот до искусни ментори е од големо значење. Менторите обезбедуваат непроценливи насоки, помагаат во избегнување на вообичаени грешки и нудат стратешки совети. Тие исто така ги поврзуваат стартапите со поширока мрежа на контакти, што може да биде од голема помош во раните фази.

Обезбедувањето на соодветно финансирање, исто така е од суштинско значење за раст и развој на стартапите. Ова вклучува почетно финансирање, Venture Capital и грантови од различни владини и невладини институции.

И, можеби најважно од сѐ е дека треба да бидеме свесни дека стартапите треба да се фокусираат на решавање на реални проблеми преку производот или услугата која ќе ја нудат. Со започнување со минимални ресурси и континуирано усовршување на производот/услугата врз основа на повратните информации од пазарот, стартапите можат да избегнат големи инвестиции во невалидирани идеи и да останат агилни во прилагодувањето на пазарните промени.

Сашо: Клучно за развој на здрава стартап сцена е создавање на силна мрежа на поддршка која вклучува ментори, инвеститори, академија и владини институции. Стартапите треба да имаат пристап до финансирање, но и до можности за едукација, како и пристап до глобални пазари. Поддршката од постоечките успешни претприемачи и инвеститори е особено важна. Стартап Клуб Скопје продолжува да создава и организира настани кои овозможуваат поврзување и размена на искуства меѓу новите и искусните учесници во екосистемот.

Кои индустрии или технологии покажаа најголем раст во 2024 година? Дали нешто ве изненади?

Сања: Најголем раст видовме кај AI решенијата применети во здравството и е-трговијата. Локалните стартапи почнаа да ги интегрираат AI моделите за автоматизација, анализа на податоци и подобрување на корисничкото искуство. Ме изненади порастот на интерес за одржливи технологии, како и стартапи што развиваат иновативни еколошки производи – нешто што досега ретко се гледаше на нашиот пазар.

Ана: Во 2024 година, индустријата за софтвер и обработка на податоци, како и регистрирање на бизниси во услужна дејност покажаа значаен развој во Македонија. Овој раст беше и очекуван со оглед на глобалниот тренд кон дигитална трансформација и зголемената побарувачка за технолошки решенија.

Дополнително, треба да се спомнат и бизнисите чиј бизнис модел се базира на циркуларна економија кои исто така се во подем во изминатиов период, што исто така не е изненадување, затоа што сѐ поактуалени се дискусиите и иницијативите за заштита на животната средина како и осигурување на одржливи практики во работењето на бизнисите.

Сашо: Во 2024 година, индустриите кои покажаа најголем раст се технолошките решенија за вештачка интелигенција, blockchain технологијата, и решенијата за одржлив развој. Напредокот на вештачката интелигенција е особено забележителен, со стартапи кои развиваат иновации за автоматизација и подобрување на процесите во различни сектори. Blockchain технологијата, исто така, продолжува да се шири, најмногу во секторите на финансиите и логистиката. На некој начин, изненадувачки е растот на стартапите кои се фокусирани на зелени технологии и општествено одговорен развој, што покажува зголемен интерес за одржливи иновации.

Кој е најветувачки стартап лансиран во 2024?

Сања: Еден од најветувачките стартапи што го следев е Leather and Hide, стартап што работи на развој на биоразградливи материјали од комбуха. Овој стартап доби значително внимание на меѓународно ниво и воспостави контакт со научни институции како Stanford и Berkley, што е огромен успех за една компанија од нашите простори.

Сашо: Иако постојат многу стартапи кои се издвојуваат со иновативност и раст, најветувачкиот стартап во 2024 година е оној кој успешно комбинира вештачка интелигенција и решение за одржлив развој. Стартапите кои се фокусираат на зелени технологии и еколошки иновации се многу интересни, особено во контекст на глобалните трендови за заштита на животната средина. Исто така, стартапите кои имаат глобални амбиции и кои веќе се поврзани со инвеститори и партнерства во странство, имаат голем потенцијал за раст и успех.

Што мислиш дека ќе биде најголем предизвик за стартапите во 2025 година?

Сања: Најголем предизвик ќе биде справувањето со економската неизвесност и брзиот технолошки развој на вештачката интелегенција. Стартапите ќе треба да покажат силна отпорност и да размислуваат „lean“ – оптимизирање на трошоци и паметно приоретизирање. Исто така, влегувањето на глобалниот пазар бара повеќе подготовки, како разбирање на сложените регулативи и пронаоѓање вистински партнери (мрежа на контакти).

Ана: Главните предизвици за стартапите во Македонија во наредната година нема да бидат многу поразлични од тие со кои се соочуваат до сега. Иако има напредок, обезбедувањето на доволно финансирање останува предизвик за многу стартапи.

Истовремено, пристапот до нефинансиски услуги ќе направи значителна разлика во преживувањето на овие новоосновани компании и нивната способност да израснат во стабилни и конкурентни бизниси. Навигирањето низ регулативите не ретко може да биде сложено и може да претставува предизвик за новите бизниси.

Финансиската едукација, пристапот до менторство и вмрежување ќе играат клучна улога во успешноста на стартапите да се справат со предизвиците на динамичните пазари. Секако, и релативно малиот домашен пазар може да ги ограничи можностите за раст, што отвора потреба стартапите да гледаат и надвор од националните граници.

Сашо: Најголем предизвик за стартапите во 2025 година ќе биде конкуренцијата за инвестиции и човечки ресурси. Способноста за привлекување на финансиски средства ќе биде клучна, бидејќи глобалната економска ситуација може да влијае на достапноста на капитал. Паралелно, наоѓањето и задржувањето на талентирани тимови ќе биде предизвик, особено со зголемениот интерес за технолошките индустрии. Стартапите ќе мора да бидат агилни и иновативни во своите пристапи, како би се избориле со овие предизвици и обезбедиле стабилен раст. Стартап Клуб Скопје ќе продолжи да се залага за создавање на услови кои ќе им овозможат на стартапите да се соочат со овие предизвици и да ги искористат можностите за успех.

Прочитај повеќе на IT.mk/2025

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments