Една од пореномираните ИТ компании во државава, Netcetera, презеде одлична иницијатива која треба да допринесе кон развојот и сплотувањето на локалната ИТ сцена. На улица Никола Тесла бр. 9, (во зградата позади Joy, спроти техничките факултети), отвори ИТ хаб и ко-воркинг простор под името Netaville.

“Netaville е средина која го стимулира развојот на локалната тек-сцена, поддржува ИТ настани и споделување знаење. Од почетници до искусни професионалци, етаблирани организации, и организатори на настани. Секој е добредојден во овој простор кој е место за иновации, размена на визии, идеи и постигнувања.” – истакнуваат од Netcetera.
ИТ хабот Netaville е одлично среден и голем простор кој се надеваме дека ќе биде максимално искористен од страна на студентите, ИТ професионалците и останатите ИТ компании и организации.

Планот е просторот да работи од 08.00 часот наутро до 22.00 часот навечер, а покрај ко-воркинг просторот во хабот има и кафетерија.
Ултимативната цел зад хабот е да биде отворен (без потреба од резервации) простор за дружење и работа на ИТ студенти и професионалци. Вакво нешто на локалната сцена, во недостиг на професионални и атрактивни ко-воркинг простори и хабови досега го постигнаа Public Room и до некаде Кантина, но секако дека има простор за повеќе, а особено за хаб кој е менаџиран од ИТ компанија и нема примарна цел угостителство.


Доколку пак некој би сакал да го изнајми просторот и да организира настан, за тоа ќе бидат достапни алатки преку официјалниот вебсајт (кој се уште не е пуштен и покрај денешната јавна промоција и PR push на Netcetera, но најверојатно како и секој ИТ проект… доцни :)) ) а од компанијата најавуваат и мобилни апликации за таа намена.
Капацитетот на просторот е следен:
- Училницата собира 24 луѓе,
- Амфитеатарот 50 до 70,
- Кафетеријата и lounge просторот околу 50-тина,
- А ко-воркинг просторот за работа 20 места.
@Netcetera, ви посакуваме успешна работа со хабот и како .мк ИТ заедница да имаме многу корисни дружби во Netaville!
Btw, ако не знаеш зошто просторот се вика Netaville, кликни тука.
Loading new replies...
Приклучи се на дискусијата на IT.mk | Форум →