Никој не те прави сениор, сам си стануеш

Посветено за сите што чекаат компанијата да им подари кариера како роденденски подарок

“Би сакал, ама…” најголемата лага што сум ја чул

Има една реченица која кружи по канцелариите како “Пишуваш ли тестови?” А одговорот, секогаш ист, секогаш изречен со таа специфична комбинација на срам и самоувереност: “Не бе, кај нас немаше време за тоа. Ама би сакал.”

Е тоа “би сакал” е братучед на “од понеделник почнувам да трчам” и роднина по мајка на “годинава учам германски”. Звучи амбициозно… али не значи ама баш ништо.

Но зад таа навидум безопасна фраза се крие нешто многу поинтересно: Зрел возрасен човек, со плата и кредит, седи и чека некој друг да му каже дека е време да порасне. Како дете што чека мајка му да му дозволи да излезе надвор.

Анатомија на оние што навистина растат

Низ годините научив да ги препознавам луѓето што навистина се движат нагоре. И не, тајната не е дека се генијалци, дека завршиле во рок со просек, туку тајната е банално едноставна им е грижа за себе.

Тие не копаат само таму каде што им е кажано да копаат. Тие копаат затоа што ги интересира што е под површината. Гледаат систем, не тикет. Предлагаат решенија без да чекаат некој да им испрати покана на Google Calendar со наслов “Време е да почнеш иницијатива”.

И знаеш што е најчудното? Со нив е лесно да се работи. Не затоа што се послушни. Туку затоа што ја разбираат играта пред да им ги објасниш правилата.

И тогаш, сосема природно, им станува тесно. Улогата почнува да личи на маица купена уште во средно. И тогаш… или растат внатре, или си одат. Без драма, без LinkedIn постови. Едноставно созреваат и одат на следен чекор.

Митот за столчето

Никој не расте доживотно седејќи на исто столче. Тоа не е стабилност, тоа е инерција со плата. Постои огромна разлика меѓу “удобно ми е” и “растам”. Едното е канцеларија, другото е кариера. Ретко се случуваат на исто место.

Кокошката или јајцето: титула или однесување?

Еве ја суштината што сите ја знаеме, а никој не сака да ја каже на глас: Еден тип чека да добие титула “сениор” за да почне да се однесува како сениор. Друг тип се однесува како сениор, па затоа ја добива титулата.

Разликата? Колосална. Првиот чека дозвола. Вториот одамна заминал напред додека првиот уште го проверува описот на работното место за да види дали тоа е “негова одговорност”.

“Кај нас не се работеше така” а.к.а. универзалното алиби

Најтажниот дел? Ова не го кажуваат јуниори. Не го кажуваат луѓе што вчера го отвориле првиот IDE. Ова го кажуваат луѓе со години искуство. Со сиви влакна во брадата и legacy код во душата.

“Кај нас не се работеше така.” Тоа преведено значи: “Јас чекав некој друг да ми даде дозвола да научам нешто ново. Никој не ми даде. Па еве ме.”

А раст што чека дозвола не е раст. Тоа е пауза. Долга, удобна, опасна пауза.

Формулата

Вистинскиот развој секогаш оди одоздола нагоре. Прво човекот одлучува дека сака повеќе. Потоа почнува да работи како да веќе е таму. И дури тогаш расте. А ако компанијата е доволно паметна, го забележува, го поддржува, го наградува. Ако не е, човекот си заминува кај некој кој ќе знае да го цени. Едноставна економија на таленти.


Наместо заклучок, констатација

Ако твоето знаење зависи исклучиво од тоа што фирмата ќе ти зададе честитки, кариерата ти е лотарија. Понекогаш ќе извлечеш добар тикет, најчесто нема.

Ако го градиш сам растеш намерно. Стабилно. Со памет и со она што на македонски најубаво се опишува како “образ”.

Патиштата се разделуваат на две: Или си робот што чека следна задача и зјапање на Reddit меѓу два тикети. Или си професионалец што веќе размислува чекор понапред.

Па… каде си ти? Растеш затоа што сакаш? Или затоа што некој ти потпиша дозвола на А4 формат со печат и потпис?

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
4 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
kate
kate
3 months ago

ne se soglasuvam, nekade ne te pushtaat da odish gore bidejki ne si nivni covek, moze da ti go iskoristat znaenjeto i da te ostavat da tapkash vo mesto, se za tebe nema mesto….

kirev
kirev
3 months ago

А платата? Можеби нема веднаш да биде сениорска, ама кај и да е ќе се случи и тоа…

Rasho
Rasho
3 months ago

Се сложувам!

Copka
Copka
3 months ago

Аоо друже ги искина !