Одреден број корисници имаат здраствени проблеми со дланката која ја користат за управување со глувчето, проблеми како карпален рунел, тендинитис, артритис, или таканаречениот trigger finger синдром каде имате потешкотии со свиткување на прстот или палецот.
Ваквите проблеми знаат значително да ја отежнат употребата на глувчето, особено во ситуации каде немате избор и вашата работа бара константно користење глувче за изведување на секојдневните обврски.
Auto Mouse е апликации која ви дозволува да ги елиминирате напорите од често користење глувче така што пренесува голем дел од функциите на тастатурата. Кликнување на копчето 1 е лев клик, 2 е среден клик, а 3 е десен клик. Ова не значи дека автоматски ја заклучувате употребата на копчињата 1, 2 и 3 и лесно ќе можете и нив да ги користите во паралела, зависно од потребата.

Дополнително, можете да наместите секојпат кога ќе престанете со движење на глувчето, автоматски да се имплементира лев клик. Да кажеме сакате да затворите одреден прозорец – едноставно застанете со стрелката врз х и копчето автоматски ќе биде кликнато без вие да морате физички да кликнувате со прстот.
На располагање имате и автоматизација на посложени функции преку гестови и ќе можете да изведувате двојно кликнување, „фаќање, влечење и пуштање“, па дури и да цртате без да морате да кликнувате на левото копче од глувчето. Стрелката на глувчето можете да ја мрдате и со користење на стрелките на тастатурата, а доколку имате проблеми со кликнување на левото копче, но не и на десното, лесно можете да им ја замените употребата и десното копче всушност да резултира со лев клик.

Апликацијата е лесно прилагодлива според вашите потреби и можете да наместите автоматски да се покренува со системот.
Единствено нешто што не ни се допаѓа со Auto Mouse е цената. Употребата на апликацијата бара 5 долари месечно или 50 долари годишно. Исклучително висока цена според авторот на овој текст, но имате на располагање месец дена пробен период, сосема доволно да видите дали ова е нешто за што би требало да плаќате доколку имате потреба.







