Дали Siren’s Rest потонува под тежината на очекувањата?

Во 1986 година, деценија по катастрофалниот настан што ја потопи нафтената платформа Беира Д во мрачните длабочини на Северното Море, мистеријата за тоа што навистина се случило сè уште ги прогонува семејствата на исчезнатите. Во најновото проширување од реномираното студио The Chinese Room, вие ја преземате улогата на Мери, лидер на тим нуркачи испратени да ги истражат остатоците и конечно да ги откријат одговорите за кобниот ден во декември 1975 година. Оваа експанзија, насловена Siren’s Rest, ветува враќање во повеќекратно наградуваниот универзум на Still Wakes the Deep, но прашањето е дали успева да ја испорача длабочината што ја ветува.

Основата на приказната е интригантна. Како Мери, вие се спуштате во челичниот саркофаг на Беира Д, опремени со алатки за сечење, подводни светилки и камера за документирање. Вашата мисија е форензичка: да соберете предмети што им припаѓале на загинатите, да ги фотографирате нивните остатоци и да го реконструирате синџирот на настани што довеле до трагедијата. Атмосферата е главниот адут на играта – чувството на клаустрофобија, параноја и таласофобија е мајсторски изведено. Звуците на металот што крцка и се витка околу вас создаваат тензија, додека кревката комуникација со вашиот тим на површината го засилува чувството на целосна изолација. Играта ве води низ тесни ходници и уништени простории на платформата, барајќи од вас да пливате, да се качувате и да се провлекувате низ нестабилните остатоци за да ги откриете мрачните тајни што ги крие.

И покрај силната почетна премиса, проширувањето не успева за сите да ги исполни очекувањата, особено кога ќе се спореди со главната игра. Еден од најголемите недостатоци е недоволната искористеност на алатките што ви се дадени. Иако носите со себе опрема за сечење и други алатки, нивната употреба најчесто се сведува на едноставно отворање врати, без никаква креативна примена во решавање загатки или во справување со опасности. Ова ја прави истражувачката компонента помалку ангажирачка отколку што можела да биде. Но, како што кажавме и во нашиот првичен осврт, супер е за оние кои сакаат поедноставно истражување во стилот на Walking Simulator.

Естетиката на потонатата платформа, иако на почетокот знае да биде импресивна и морничава, брзо станува монотона. Бавното темпо на истражување, кое беше карактеристика и на оригиналната игра, тука е помалку ефективно бидејќи нема доволно визуелна разновидност или интересни глетки што би ја задржале љубопитноста на играчот.

На крајот, Siren’s Rest може да остави впечаток на проширување што страда од недостаток на доволно содржини. Иако не може да се каже дека е целосно „лошо“ DLC, сепак делува како да не може целосно да ја оправда својата цена. Бледата и репетитивна околина, заедно со приказната што не нуди доволно интрига и остава повеќе прашања отколку одговори, го прават ова искуство значително послабо од оригиналот.

Ова проширување може да се препорача само на најголемите фанови на универзумот на Still Wakes the Deep, кои очајно сакаат уште малку содржина, или на оние што сакаат да ги поддржат програмерите. Сепак, The Chinese Room покажа дека има поставено прекрасна основа на која, се надеваме дека ќе може да се навратат во иднина.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: The Chinese Room
  • ИздаваSecret Mode
  • Жанр: Авантура
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 18 јуни 2025

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk