Tides of Tomorrow: Авантура обликувана од заедницата
Од студиото одговорно за наративниот хит Road 96, пристигнува ново асинхроно мултиплеер доживување насловено Tides of Tomorrow. Со преземање на улогата на Tidewalker,ќе навлезете во светот на Елинд, планета која се бори за опстанок по катастрофалната голема поплава. Концепот се има потрудено да создаде динамично опкружување каде што светот е жив организам кој, верувале или не, се развива со секоја нова одиграна сесија.
Демо верзијата, со времетраење од 40 минути, ве носи на нестабилниот остров Маркетленд. Главната мисија е да се обезбеди залиха со лекови од Обин, водач на Мародерите. Предизвиците со кои се соочувате директно зависат од постапките на претходно избраниот играч, без разлика дали е пријател, познат стример или некој сосема непознат. Секое проигрување нуди различни ситуации кои бараат примена на тактики како прикрадување, напнати дијалози, убедување или бркотници со висок ризик, обезбедувајќи уникатно искуство секој пат.

Она што ToT се труди да ви наметне е идејата дека никогаш не сте сами, дури и во соло искуство. Дејствата на другите играчи го обликуваат вашиот свет, принудувајќи ве да се прилагодувате на непредвидливи околности. Истражувањето на пловечките платформи и собирањето ресурси се клучни за преживување во услови на смртоносна пластификација која се заканува на целиот жив свет. Благодарение на ваквиот систем на меѓусебна поврзаност се внесува длабочина во наративот, а, интересно, заедницата е таа што колективно ја пишува историјата на Елинд.

Интеракцијата со различните карактери е, исто така, од суштинско значење. Секој лик има свои мотивации и погледи кон судбината на планетата, а вашите одлуки можат да ги претворат во сојузници или противници. Демото е дизајнирано за повеќекратно играње со цел да се откријат нови перспективи и завршетоци. За оние кои претпочитаат офлајн искуство, достапна е и опција за играње со претходно подготвени профили од членовите на развојниот тим на DigixArt.

GODBREAKERS: Демото добива голема надградба со нова содржина
Како дел од настанот Beat ‘em Up Games Party, кој се одржува од 9-ти до 15-ти октомври, кооперативната игра GODBREAKERS добива значајна надградба на својата демо верзија. Оваа надградба се фокусира на проширување на гејмплеј варијабилноста и воведување нови предизвици, додека целосната верзија на играта е најавена за 23 октомври 2025 година.
Подгответе се да навлезете во Марик, целосно нов биом кој носи нови еколошки предизвици, три уникатни типови на непријатели и нов главен бос. Покрај тоа, сега е овозможен проширен ран, дозволувајќи ви да транзитирате помеѓу веќе постоечкиот УХР и новиот Марик биом во една сесија.

Воведен е и нов систем наречен Tangles, кој служи како модификатор за секое проигрување со додавање на специфични предизвици. Демото сега вклучува три такви Tangles кои можат да се отклучат, давајќи увид во можностите на целосната игра. Како пример, модификаторот Parting Gift предизвикува поразените непријатели да оставаат мини зад себе. Заедно со ова, додадени се и две нови козметички опции за персонализација на ликот: Gladiator и Ergos глави.

GODBREAKERS се темели на брза и флуидна борба, која ви овозможува да врзувате агресивни комбинации, да ги прекинувате потезите и да ги крадете моќите на непријателите. Играта поддржува онлајн кооперативен режим за до четири играчи, со фокус на тимска соработка за совладување на брутални босови низ шест различни биоми. Притоа, можете да отклучувате различни Архетипови и моќи за да создадат уникатни стилови на игра, со систем на трајна прогресија кој се пренесува помеѓу сесиите.

Mexican Ninja: нинџа на мексикански начин
Демо верзија за Mexican Ninja комбинира брза акција со roguelike елементи. Играта ве води низ стилизираните улици на Нуево Токио, фиктивен град каде мексиканските нарко-картели и јапонската јакуза ги здружиле силите. Се работи за 2.5D аркадна игра која се одликува со ретро естетика и фокус на интензивни борби и прецизно движење, спојувајќи две различни култури во уникатен визуелен и тематски стил.
Гејмплејот се заснова на прецизно позиционирање и навремени напади, каде секој потег е од клучно значење за успехот. Преку охрабрување да се совладаат различни комбинации на напади ќе се соочувате со најразлични, предизвикувачки непријателите. Воведениот систем за вештини е сега подинамичен, со особен фокус на механиката која ја зголемува силата на нападите, притоа одржувајќи долга серија на удари.

Демото воведува неколку значајни подобрувања со цел да го збогати искуството. Музичката подлога е целосно обновена со повеќе нумери за да се зголеми атмосферата на играта. Од самиот почеток, ви се достапни неколку основни комбинации и силни напади, а првото играње го прескокнува воведот за веднаш ве фрли во акција. Додадено е и ново ниво во втората половина, што овозможува подолги сесии и повеќе можности за надградба.

Покрај основните борбени механики, играта нуди можност за експериментирање со различни стилови на игра преку отклучување на нови вештини и моќи добиени од мексиканско-јапонски духовни ентитети. Привремените награди се редизајнирани за да бидат поинтерактивни и да овозможат синергија помеѓу различните способности.








