REANIMAL: Нов кошмар од креаторите на Little Nightmares

во гејминг

Tarsier Studios е познато шведско развојно студио кое се прослави со критичко-признаениот серијал Little Nightmares. Ретко некои други игри да се споменуваат секој пат кога ќе почне да се зборува за уникатни пристапи кон хорор жанр и впечатливи платформски механики. Самото студио целосно има завршено со тој серијал и последните неколку години ги посветија на исфрлување нов, оригинален наслов насловен REANIMAL. Се работи за засебна игра која не е директно продолжение на нивните претходни дела, туку еден вид духовна еволуција која пушта уште подлабоки корени во нивната мрачна и тензична филозофија. Поради тоа, она што ќе најдете е препознатлива езива атмосфера, но во нова нова приказна за преживување. 

Тешка и вознемирувачка тематика

Доколку сте фанови на наративни игри, тогаш пријатно би можеле да се изненадите од фрагментираниот и мистериозен начин на кој приказната се раскажува во REANIMAL. Наместо долги дијалози и експлицитни, неимерзивни објаснувања, приказната првенствено се открива преку самата околина, допринесувајќи до исклучително лично и длабоко искуство. За брзо време ќе разберете дека самиот остров ја игра улогата на нем раскажувач, дозволувајќи ви да чекорите низ вознемирувачки визуелни детали и сами да извлекувате заклучок за мрачното минато кое се има одиграно пред вас.

Доколку не му пристапите на насловот со отворен ум и доколку не сте подготвени да инвестирате време во натенане истражување и ваше длабинско толкување на околината и кратките дијалози кои се обично одвиваат во форма на плашливо шепотење, тогаш исклучително брзо ќе поминете низ играта, и она што ќе остане во сеќавање е само чувство на изгубеност во апстрактност од неповрзани настани. Но, доколку навлезете во играта онака како што авторите замислиле, односно со посветено и фокусирано истражување и впивање на околината, тогаш она што ќе се отвори пред вас е морничав, да, но преубав и впечатлив свет со невообичаен, навидум, нескротлив наратив. 

За пофалба е преминот од 2.5D перспектива во целосно 3D опкружување. Благодарение на ова, REANIMAL може значително подобро да се истражува пеш или со чамец. Управувањето на ликот, односно возилото, е задоволително, а камерата врши солидна работа да ги вметне во фокусот работите што сакате да ги видите преку флуидни движења. Покрај тоа што е убаво изгледа, играта и звучи прекрасно, но, како и со приказната, така и во овој оддел имаме таканаречено минималистичко озвучување. Преку мајсторско користење на тишина и амбиентални звуци, студиото се има потрудено да создаде прекрасна, но крајно угнетувачка атмосфера која кулминира со ретни, но внимателно одбрани мелодии. 

Самиот гејмплеј, меѓутоа, е мешавина од решавање загатки и прикрадување. Онаму каде што ќе потфрлат овие две работи, ќе можете да навлезете и во директна борба. Но, директните сукоби не се поентата во оваа игра и јасно е дека студиото сака максимално да ве обесхрабри да одите по тој пат. Поради тоа, доколку решите да покажете агресија, ќе можете да се снајдете (најверојатно), но борбениот систем е намерно незадоволителен и трапав. Згора на тоа, вие користите импровизирани оружја, а не арселан кој ќе ги засрами најголемите војски.

Посебно внимание заслужува дизајнот на непријателите. Tarsier Studios го имаат издигнато нивниот препознатлив стил на гротескен реализам на едно целосно повиско ниво. Самите чудовишта се, всушност, физички манифестации на траумите од минатото на децата и нивниот дизајн е олицетворение на се што е извитоперено и скршено. Тоа никако не значи дека ако изгледаат искршени дека лесно ќе можете да ги докршите. Вие, сепак играте со ранливи протагонисти, а непријателската застрашувачка отпорност ви дава голема пауза пред секоја битка и ве принудува внимателно да го анализирате секој пристап кон и околу нив. 

REANIMAL е игра која можете без проблем да си ја играте соло. Но, на тој начин, се губи дел од душата зад овој наслов затоа што повеќе од јасно е дека играта е замислена да биде играна со уште едно лице. Нема да најдете никакви забелешки за техничкиот аспект на кооперативниот режим. Исклучително лесно е да се поврзете и online и локално, а се што останува на вас е да најдете уште едно лице со кое ќе ја искусите немата приказна на овој невообичаен раскажувач. 

Нема никакво сомневање дека REANIMAL е успешно, иако кратко искуство кое повеќе се потпира на атмосферата отколку на комплексни механики. Доколку бевте фанови на претходните игри на оваа студиот, (дури и да не сте, но сакате длабоко атмосферски авантури со хорор примеси) ова е задолжителен наслов кој нуди еволуција на формулата на Tarsier Studios. Навистина ни е мило да видиме дека студиото уште еднаш успева да испорача емотивно и визуелно впечатливо патување кое вреди да се доживее, особено со пријател.

Оценка

  • Вкупна оценка: 9.25
  • Приказна: 9
  • Гејмплеј: 9
  • Графика: 10
  • Звук и музика: 9

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments