Antstream Arcade е солидна идеја за клауд гејминг со одлична реализација. Со претплатување на една година можете да играте над 1300 најразлични ретро игри, почнувајќи со Space Invaders, Bubble Trouble и Metal Slug.
Доколку овие наслови не ви значат ништо, тоа е затоа што се работи за исклучително стари игри. Целиот каталог, всушност, е понуден или за постарите гејмери или пак за оние што сакаат да ги истражат почетоците на аркадните игри.
Скок во минатото!
Со оглед на тоа што се работи за стримање на содржините, Antstream Arcade е исклучително флексибилна платформа која можете да ја најдете на Windows, Xbox, Android, Apple, или пак да играте директно од прелистувачот.

Како премиум член можете веднаш да започнете со играње над 1300 игри преку одделот Play Now. Сите игри се уредно подредени во корисни категории како препорачани игри, нови игри, мрежни игри, спорт, загатки, авантури, трки, боречки или игри со брутално тешки предизвици.

Кога сме кај предизвиците, преку одделот Challenges, имате дневни предизвици каде што доколку играте одредени игри кои се истакнати за денот, ќе можете да добиете посебна валута во форма на скапочени камења.

Со оваа валута можете да навлегувате во турнири од временски карактер, да започнувате дополнителни предизвици и доколку ги исполните, да добиете двојно повеќе. Оваа валута се користи и, доколку не сте премиум член, да играте игри, или пак да отклучувате потешки предизвици или да играте PvP.

Antstream Arcade изгледа и функционира одлично. По избирање на саканата игра за само неколку секунци започнувате со играњето. Иако постои опција игрите да се играат со тастатура, ние строго препорачуваме да ги играте со контролер; разликата е огромна!
Претплата на една година чини 2500 денари. Тоа за нас се чини како сосема фер цена, но само доколку сте гејмери кои се носталгично врзани по наслови од едно поминато време.
Листајќи низ огромниот каталог од игри, искрено се изненадивме на какви се наслови наидовме, буквално нема што нема. Единствена забелешка која би можеле да упатиме е тоа што во одредени моменти кога брзината на интернетот ќе намали, квалитетот на сликата значително опаѓа. Таквото нешто, меѓутоа, ретко се случуваше, а секојпат кога ќе се случеше – кратко траеше.

Повеќе детали за платформата
- Произведува: Antstream Arcade
- Издава: Antstream Limited
- Жанр: различни
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли, стриминг
- Излезе на: 18 ноември 2022







