На Steam, Showgunners веќе подолго време се издвојува со уникатната премиса која е директно инспирирана од култни дистописки дела. Студиото кое стои зад играта, Artificer, неодамна го исфрли изданието и за конзолите. Верзијата која ние ја проверивме беше за PS5, но што најдовме тука?

Најважни карактеристики:
- Хибриден систем на играње: Иновативен спој на истражување во реално време и длабока тактичка, turn-based борба.
- Динамичен дизајн на мапите: Интерактивни арени каде околина може да биде потенцијален непријател.
- Fame System: Интеракцијата со фановите низ мапата и спектакуларните елиминации носат популарност, а, со тоа, и спонзорства и подобра опрема.
- Разновиден спектар на непријатели: Тактичка длабочина постигната преку различни класи на противници
- Одлична PS5 верзијата: Елиминирани времиња за вчитување, флуидни перформанси, хаптичка поддршка на DualSense и вклучени широки опции за пристапност.
Во Showgunners приказната се врти околу Скарлет Мартило – поранешен ловец на глави која доброволно влегува во бруталното реално шоу. Но, нејзината цел не е финансиската награда или, пак, слободата, напротив, се што сака девојката е крвава одмазда. За да успее во тоа, вие ќе морате да ја водите низ смртоносни студиски арени и лично да ја искусите апсурдноста на екстремната телевизиска забава каде човечкиот живот е само потрошен материјал за висок рејтинг.

Непредвидлива акција
Релативно долгата кампања во Showgunners се одликува со гејмлеј механики кои се интелигентно поделени на два јасно дефинирани сегменти. Од една страна, го имате истражувањето на околината во реално време, решавањето загатки, избегнувањето замки, како и да комуницирањето со виртуелните фанови. Од друга страна, кога комуникацијата ќе потфрли и ќе дојде време да се засукаат ракавите, ќе навлезете во сегмент на изометриската тактичка борба. Овде, класичните turn-based механики силно наликуваат на насловите од серијалот XCOM така да, доколку сте фанови на тој серијал, ќе се чувствувате како да сте дома со Showgunners. За да преживеете, од клучна важност е позиционирањето, менаџирањето со акциските поени и користењето на системот за прикривање. Арените се рачно осмислени и полни со динамични опасности кои се активираат од садистичкиот режисер на шоуто. Showgunners точно знае што сака да биде и одлично ги има испреплетено сите механики за да понуди хаотична смеса од неверојатно забавна акција.

За ефикасно напредување, имате на располагање линеарен систем на регрутирање и надградба. Како што се движите низ епизодите, така формирате тим од борци. Секој од нив се одликува со различни специјалности. Некои се добри за елиминација од далеку, други за сеење експлозивен хаос, а трети за поставување холографски мамки. Колку се добри вашите соборци, толку се добри и непријателите и во ниеден момент не се чувствувате како да се спротивставувате против генерични непријатели кои премногу потсетуваат еден-на-друг. Собирањето искуствени поени и станувањето пославни дозволува на вашиот тим да отклучува нови вештини во дрвото на таленти, како и да привлекува спонзори кои нудат витални пасивни бонуси и напредна опрема. Благодарение на ова, играта максимално ви покажува дека го почитува вашето време и ја наградува секоја ваша заложба со корисни работи.

Showgunners е исклучително забавно и фокусирано остварување кое, како што кажавме на почетокот, точно знае што сака да постигне. Иако нема да најдете тука бесконечна вредност во поглед на преигрување, од кампањата се цеди адреналин, сатиричен хумор и тактички предизвици кои хирушки ги острануваат сите потенцијали за монотонија. Доколку сте фанови на сајберпанк естетиката и стратегиите, или пак едноставно барате лесно пристапен вовед во овој тип на игри, никако не го заобиколувајте овој дигитален телевизиски спектакл.








