Tesla направи значаен исчекор во развојот на автономни возила. Компанијата за да ги покаже можностите на својот систем за автономија за првпат испорача автомобил целосно автономно од фабрика до купувач. Иако компанијата со години работи на својот систем за автономија, вклучувајќи ги и најавените роботакси услуги, ова е првпат возило да биде „доставено“ без никакво човечко присуство или далечинска контрола.
Автомобилот Tesla Model Y ја напушти фабриката во Остин, Тексас и целосно автономно 30 минути патуваше да домот на купувачот.
„Немаше луѓе во автомобилот и немаше оператори од далечина кои го контролираа во ниеден момент. Потполна автономија.“, напиша Елон Маск на X. „За првпат автомобил сам се достави до својот сопственик!“, додаде во друг твит.
Од она што може да го видиме на видеото, возилото потполно самостојно ја напушта Гигафабриката, патува по автопат, низ предградијата и станбените населби, и на крајот пристига пред домот на купувачот. Оригиналниот план бил овој тест да се направи на 28 јуни, но во Tesla успеале да го завршат ден порано.
That was me! So excited to have been a part of this thank you! @elonmusk @Tesla pic.twitter.com/6pY8gPSD3i
— Jose (@Jagarzaf) June 27, 2025
Tesla се приклучува во такси превозот
Ова е голем напредок за Tesla, најмногу поради најавениот сервис со автономни роботакси возила. Сепак, иако е ова голем исчекор, Tesla не е прва која вози автономно по автопати. Автономните возила на Waymo во неколку градови во САД веќе возат по автопатиштата. Засега овој превоз на Waymo е достапен за вработените во компанијата. Штом ќе бидат задоволни од резултатите, ќе бидат отворени и за јавноста.
Tesla е една од последните компании која влезе во трката за робо-такси превоз. Токму поради ова демонстрацијата на автономен превоз без никаква асистенција од надвор е исклучително важна. Возилата на Tesla од 22 јуни возат во Остин, Тексас. Во возилото во секој момент мора да има присутен безбедносен набљудувач (safety monitor) кој може да преземе контрола во секој момент. Интересно, дури и вака, возилата имаат куп прекршоци. На Reddit постои листа со сите грешки кои ги направиле возилата.
Не поседувам/не сум претплатен на FSD Supervised, но имав три бесплатни пробни периоди од 1 месец откако го купив автомобилот пред една година. Во најголем дел добро функционира, но „голем дел“ од времето едноставно не е доволно добро за целосно автономен автомобил. МОРА да ги достигнат тие неколку проценти за да биде безбеден за целосно автономно возење – и не сум убеден дека тоа е можно со систем само со камера… дури ни на сред бел ден со совршено време. Сè уште имаат многу работа, вели TheRaven65 на Reddit.
Токму во оваа насока е и демонстрацијата на Tesla од споделеното видео. Компанијата сака да покаже дека нејзините возила и систем за автономија се способни за целосно ненадгледувано возење по автопатот, без никакви проблеми.







